Младински културен центар – Битола, по седумнаесетти пат, го организира меѓународниот младински арт фестивал, „Битола отворен град 2018“. Главна атракција оваа година е настапот на SARS, Tribute to Prodigy и Funk Shui на 28 јуни.

Фестивалот ќе трае шест дена, односно од 25 до 30 јуни и ќе им даде можност на младите од регионот да ги искажат своите ставови за општествено релевантни теми преку употреба на уметноста како алатка.

Досега на „Битола отворен град“ имаат настапувано голем број на одлични регионални и локални артисти, меѓу кои и Електрични оргазам, Архангел, Мизар, Партибрејкерс, Забрањено пушење, Рамбо Амадеус, Ван Гог, Кирил Џајковски со Серџук Оркестра, Дубиоза Колектив, Тони Китановски, итн. Со посетеност од над 4000 публика, главниот настан на „Битола отворен град“ е најмасовен музички настан во Битола секое лето.

Фестивалската програма и оваа година вклучува голем број на улични уметници, интерактивни креативни работилници, кратки уметнички филмови, перформанси, музички настани и концерти на С.А.Р.С, Prodigy трибјут бенд и Funk Shui, на Широк Сокак во Битола, во четврток 28 јуни.

 

 

25 јуни

Денес, 25 јуни, на програмата е „Mail-Art“, дописна уметничка кореспонденција. Овој настан ја промовира формата на уметност која може да се креира и да се испрати по пошта, а во Битола моментално се поставени 60 картички од уметници од 25 земји. Денешната програма ќе биде заокружена со уличен перформанс во изведба на жонглерската група, Acid Triple.

 

26 јуни

На 26 јуни, вторник, ќе се одржи јавниот настан „Учествуваме, застапуваме, менуваме“ реализиран во партнерство со Јадро – Асоцијација на независна културна сцена во Македонија, во чии рамки, пред Центарот за култура во Битола, ќе се случи низа на културни интервенции во јавен простор:

– Изложба на фотографии од проектот „Урбани уметнички акции“ реализиран од Центарот за современи уметности (ЦАЦ), Скопје; и изложба на стрипови на млади неафирмирани автори со наслов „Во Македонија имало стрип автори“ во организација на Стрип центар на Македонија, Велес.

– Промоција на изданија од едицијата „Лифт“ и едицијата на сликовници „Во пет кај вртелешките!“ од издавачката куќа „Темплум“. Промотори на изданијата ќе бидат Никола Гелевски и Владимир Јанчевски.

– Драмско читање на извадок од текстот Против демократијата од Естев Солер во озведба на Јасмина Билаловиќ од Медиа Артес од Охрид.

– Слем вечер со „Поетри слем Македонија“ во изведба на Елена Пренџова и Игор Трпчески.

– Проекција на филмот „In Danger and Dire Distress the Middle of the Roads Leads to Death” (60 мин.), на германскиот режисер Alexander Kluge, со превод на англиски јазик, а во селекција на Ѓорѓи Пулевски.

– Работилницата за демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модел на институции и јавно-цивилно партнерство чија цел е утврдување на капацитетите и потребата на независниот културен сектор, младинските организации и иницијативи, и граѓаните за простор земајќи го во предвид социјалниот и културен контекст на градот ќе се случува во салата за презентации во МКЦ – Битола.

 

27 јуни

Во среда, на 27 јуни, битолчани ќе имаат можност да поразговараат на темата „Што може Битола да научи од Нови Сад?“ Гости на фестивалот се дел од координативните тимови од Нови Сад кои работат на програмите – Европска Младинска Престолнина 2019 и Европска престолнина за култура 2021.

Сите настани во рамките на фестивалската програма се бесплатни.

 

Comments

comments