Албумот „Batania“ на Крсто Роџевски беше едно од најпријатните изненадувања на македонската музичка сцена во 2015 година.

Се појави како од никаде и доживеа елевација до прекрасно и неочекувано задоволство за музичките сладокусци, но и аудиофилите, со оглед на тоа што оваа музика можевме да ја обезбедиме за себе и на винил. Неговата интима, небаре свежо извадена од некој долап на старински креденец од приземјето на пристојна македонска домаќинска куќа, просто води љубов со крцкавите винилни вдлабнатини кои резонираат аналогна топлина во звучниот човечки распон.

„Bitter Almonds“ е вториот албум од неговата трилогија наречена Апоптоза“. Се појави на почетокот на 2017 во САД и следствено на тоа, во Македонија. Крсто Роџевски е родум од Битола, а подолго време жувее и работи во Њу Јорк и токму таа негова душевна поделеност, се чини е главната оска околу која се врти ова негово дело. Не толку уникатна, но веќе јасно препознатлива, неговата поетика е лична, непосредна, топла и полна со носталгија кон родниот крај и фолклор. Она што на Batania“ фантастично го одработеа џезот и боса-новата во комбинација со нашиот фолклор и староградски пристап, на Bitter Almonds“ треба да биде директното кокетирање со американа, или ако смеам да го наречам: интимна и по севкупноста – татковинска носталгија, но добро натопена во реката Мисисипи. Ме радува присуството на неколку песни со несомнена комплексност и убавина, како на пример Farewell Burlesque и Nef, но морам да признаам дека Роџевски, во неговото авант-поп-фолк опкружување е многу поубедлив кога пее на македонски. Можеби е субјективно, но уверен сум дека американата на овој албум ќе звучеше поуверливо на Крстевиот мајчин јазик, што ќе донесеше поголем баланс на самиот поетско-сонграјтерски израз, а ќе имаше и помагичен ефект врз слушателот. Едноставно не можам да се одвојам од волшебството кое просто ме залепи за убавината на архаизираните, но сепак современи лирски решенија на „Batania“.

 

 

Никому нема да му сметаше уште една безбедна џези-босанова-фолк авантура, па слободно можам да го наречам храбар музичкиот исчекор на Крсто Роџевски на Bitter Almonds. Можеби најсветлиот момент во оваа смисла е песната Bowery, каде што уште еднаш на чудесен начин се среќаваат неговите македонска душа и американска реалност. Можеби токму ова раскрстие е причината зошто Милчо Манчевски ќе користи две композиции од овој албум за својот најнов филм Bikini Moon. Патем речено, нашиот најуспешен фолмски режисер Манчевски, е и автор на омотот за оваа плоча.

„Bitter Almonds“ е извонредно отсвирен албум, eм професионално, ем инспирирано. Мери Халвoрсон (електрична гитара), Тејлор Хо Бајнам (труба), Крис Спид (тенор саксофон), Томика Рид (чело), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани) се врвни њујоршки музичари од тамошната џез и импро сцена. Свирката е уверлива, авантуристичка, на моменти и маестрална и освен што му дава музичка гратификација на албумот, сосем лаконски успева да ги покрие местата каде е приметлив мал недостаток од сонграјтерски потенцијал на авторот.

Мнозинството фанови на Крсто Роџевски ќе бидат сосем задоволни од понудата на оваа плоча. Оние кои внимателно ја следат оваа интересна и по многу нешта уникатна појава во калеидоскопската разноликост на македонската музичка сцена, дефинитивно ќе бидат предизвикани да преслушуваат и споредуваат, очекувајќи го финалното парче на оваа интимно замислена, но безрезервно комуникативна албумска трилогија.

 

Comments

comments