Фотографии: Александра Костадиновска

 

Вечерва во Винил, со почеток во 21.00 часот ќе се случи промоција на новиот видео спот на The Black & Vice Social Club за синглот „Home“.

Во една прилика разменивме неколку брзи прашања со дечките од The Black & Vice Social Club, но не стигнавме да ги прашаме (и да ти пренесеме) сè што нè интересираше. Затоа сега ја злоупотребуваме нивната промоција на видео спот како повод да дознаеме нешто повеќе за нив како бенд, а и како добра екипа на луѓе.

Подолу е нашиот последен разговор со дечките од бендот, а доколку не успеавме да „покриеме“ сè што ве интересира, може да ни се придружите вечерва во Винил и да ги распрашате во живо.

 

 

Кажете ни нешто повеќе за спотот и неговото снимање?

Спотот го снимавме 19 часа во најтоплиот дел од најтоплиот ден ова лето, во еден стан во Аеродром (на Стеф му беше роденден). Би сакале да ја искористиме оваа прилика за да и се заблагодариме на целата екипа: Мерт Арслан (BMA brothers продукција) и неговата екипа – Ацко, Роџо, Ивце, Ненад, Ирена (Палома), Гоце, Елвис и царот на сите глумци, Рубенс Муратовски. Се извинуваме доколку пропуштаме некого.

 

Кој ви е најдобар момент до сега од ваш концерт?

Дојран, Д-Фест. Точно пред да се качиме на бина снема струја во цел град и се случи тешко невреме, кога почнавме имаше 50-тина луѓе во публика, но и покрај невремето испадна супер концерт.

 

Каде и како најчесто се дружите?

Обично по дома, со пиво и музика, а секој вторник после осум сме во Орхидеја.

 

Кога би можеле на било кој режисер од светот да му дадете да режира ваш спот, за кого ќе се одлучите?

Затоа што сме фанови на аугментирана реалност, ама и на слоевитост – Ридли Скот, Финчер, Мерт Арслан или Горјан Стојменовски.

 

 

Каде и кога беше вашиот прв концерт? Сега кога гледате наназад, колку беше добар?

Во Клуб Wire, Куманово, некаде на крајот на февруари / почеток на Март 2015 година. Прв концерт со новиот состав на бендот, одличен провод затоа што ни дојдоа 30-тина другари и другарки од Скопје.

 

Кој од вас има најлоша трема пред настап? Кој е роден за на сцена?

Никој посебно нема лоша трема пред настап, сите сме малку on edge (можда Ади пред промоцијата на албумот), а роден за сцена дефинитивно е Симон.

 

Каде се најдобрите афтери?

Најчесто кај некој од нас дома, или некаде кај што свири Горјан.

 

Што би пиеле до крајот на животот кога би можеле да изберете само еден пијалок?

Пиво, зашто чај е топла вода со вештачки вкус.

 

 

Што би јаделе до крајот на животот, ако треба да биде истото јадење секој ден?

Пица 4 лајф. И за Баге ракија, салата и лута пиперка со лукче, мх мх.

 

Кога би можеле да настапите со било кој бенд, распаднат или не, од минатото или од денес – кој ќе го изберете?

Queens of the stone age.

 

На кој фестивал сонувате да настапите?

Питијада Велес, затоа што е хаос. Ако не може таму, ќе преживееме и со Glastonbury.

 

Омилена заебанција/виц од младоста?

Кажи 3.

 

Идеалниот бекстејџ би имал…

Нешто за к’снување, WC (ептен битно), сет пешкири со монограф „Стефан Стојчев 4Ever“, пакет вода, пепељара и по некое пивце.

 

Comments

comments