Пропатува 5.000 километри и успеа да стане препознатлив лик во втората најнаселена земја на светот.

Блаже Аризанов е човекот кој разви милионски бизнис и руши општествени табуа. Овој маркетинг експерт, по потекло од Струмица, е ко-основач на стартап-от StayUncle кој ја разбранува Индија.

StayUncle е онлајн портал за резервација на хотели за краток или целодневен престој, исклучиво за невенчани љубовни парови, со гаранција дека никој нема да им прорече ни збор, дека нема да имаат засрамувачки моменти или вознемирувања од било кој вид.

За Блаже и StayUncle пишуваа светски медиуми како The Guardian, Huffington Post и Business Insider. Сега ја имаме честа и нам да ни раскаже дел од својата приказна. Веруваме дека и ќе ви биде поеденакво восхитувачка и инспиративна како што ни беше на нас.

 

 

Зошто баш Индија? Дали тргна од Македонија со некаков прото концепт?

Никаков прото концепт. Пред повеќе од 7 години барав пракса преку АИЕСЕК претежно во западна Европа, како и останатите млади луѓе во Македонија. Индија не ми паѓаше на ум. Но откако добив негативен одговор од повеќе од 50 компании развив неочекуван гнев во мене. Доста е ова, си реков. Доста трчање по нив.

Се повлеков и си дадов завет дека порано или подоцна ќе успеам со или без Европа. Во тој период добив понуда за пракса во Индија во ИТ компанија која финансиски беше нешто поатрактивна од десетиците други кои секојдневно доаѓаа и решив да ја прифатам. АИЕСЕК во Индија е огромна и доста раширена мрежа и цело време таргетираат студенти од Европа, но за жал со многу ниски надоместоци.

Оттогаш наваму почна мојата голгота, која ете некако судбински ме искали за она што допрва следуваше.

 

Какви беа почетоците, кога дојдовте до првичниот успех?

Некаде на почетокот на мај ќе биде публикувана мојата прва книга во која го опишав патешествието, премрежјата и техниките на раст на компанијата во последните неколку години, инсајдерски и без да држам ништо настрана. Таму ќе најдете детали и приказни кои тешко дека ќе можете да си замислите дека се можни. Сега можам да додадам дека од првичната замисла па до бумот кој следуваше после тоа ни беа потребни речиси две години. Две макотрпни години во кои се случија многу очекувани и неочекувани нешта.

 

Иако како средина сме попатријархални во споредба со развиените Европски земји, сепак таквата „забрана“ за престој на невенчани парови се чини екстремна. Дали ова правило кај нив е поврзано со религијата, дали постоело отсекогаш, која е неговата позадина? Дали постојат и законски забрани?

Интересна беше забуната дека е незаконско да се резервира хотел како двојка, неоумица на која масовно работевме да ја расчистиме и информираме. Никогаш не постоеше таков закон, се додека двата партнера се полнолетни. Едноставно, моралната спротиставеност да една двојка ужива заедно без да биде венчана беше целата причина за овој проблем од кој страдаат 400 милиони млади луѓе, толку силна што беше поистоветена со законска норма.

Имајќи го во предвид растот на влијанието на демохристијанските вредности и национализмот во Македонија во последниве неколку години, не би бил изненаден да заклучам дека и не сме толку различни во Индија во тој контекст. Ајде да видам колкумина би отишле во хотел во еден помал град како Струмица, без да се плаши да не го дознае цел град.

 

 

Дали се соочувате со посети од полиција, гневни граѓани? Дали ти е страв?

Во книгата опишувам неколку ситуации во кои добивме закани по живот, јас и целата компанија, а дел од моите колеги се соочија со насилни ситуации. Ова беа навистина тешки моменти за еден лидер. Да се продолжи да се турка понатаму или тука да се прекине. Бев турнат до точка да морав да го напуштам рационалното и да се потпрам на животинското, инстинктивното. Не е лесно да се објасни таквата состојба доколку ја немате проживеено.

 

Постои фраза „еден во милион“ која означува неверојатна шанса, исклучителен успех. Во твојот случај таа бројка е уште поневеројатна, затоа што Индија е земја која брои над милијарда жилтели. Што мислиш, која е причината што една таква огромна земја му даде шанса на млад човек од Струмица?

Шансата не значи нешто особено. Спореди ја шансата со искра, трае инстантно и ти подарува оган, но доколку не си добар домаќин да го одржиш и нараснеш благодетот даден од искрата, таквата шанса станува безвредна после само неколку секунди. Зошто зборуваме за шанса? Домаќинлукот комбиниран со талент е далеку поважен фактор за успех за кој премалку се зборува и раскажува посебно во денешнава ера на инстант задоволства.

 

На статијата за StayUncle во Guardian прочитав дека вашиот бизнис се проценува на 3 милиони долари. Тоа тебе те прави милионер. Каков е твојот став кон парите?

Мала корекција. Трите милиони долари се само бруто приходи кои ги реализиравме за мошне краток период од само 20 месеци, невидено во хипер конкурентната индустрија во која оперираме. Компанијата е валуирана далеку повеќе од таа сума а со тоа и мојот удел во неа. Но уделот сеуште не е претопен во поликвидна форма на сопственост како на пример готовина, така да технички сум милионер во моментот, но само на хартија.

За мене благото постои само да да биде реинвестирано. Како личност имам многу малку потреби и сум екстремен антиконсумерист, но од друга страна со радост би работел со милиони, би градел компании кои вработуваат стотици луѓе и унапредуваат цели економии. Ги обожавам парите, сметам дека се прекрасен, извонреден изум кој форсира искреност и принципиелност меѓу странките повеќе одошто тоа го прави на пример религијата.

 

Колку поприми од индиската култура? Што во животот таму ти е лично блиско, што ти беше ново и возбудливо, а што не ти се допаѓа?

Се што може да се поприми. Станав по Индиец од самите родени Индијци не само поради своите лични експерименти туку поради тоа што ете маркетирам компанија на Индиско тло и поради тоа морав да попримам и да ја проучам уште повеќе, како зборуваат, каква музика слушаат, како обожуваат, какви сленгови користат, какви социјални каузи негуваат, какви политички гледишта, каква храна, какви амбиции, каков говор на телото, какви стравови.

Долгите часови кои ги поминував во ефтини кафулиња распослани до отворена канализација, по отворени ашрами и џамии, по нејзините планини и пустини, по нејзините религии ми овозможија да го декодирам Индискиот ум со клиничка прецизност и професионално да го искористам тоа знаење во своја корист.

 

 

Твоите амбиции остануваат во сферата развој на постоечкиот бизнис или можеби размислуваш веќе за некои други идеи, други земји? Дали Македонија останува само твое родно место или пак можеби имаш идеја и за некој старт ап тука?

Долгорочен план за фирмата ни е да отвориме свој синџир на “лубовни” хотели по принципот на оние во Јапонија. “Лубовниот” хотел во Јапонија како концепт е стар речиси еден век и влечи корени уште од нејзиниот средновековен период но не постои еден единствен бренд туку секој хотел си постои сам за себе, со мали исклучоци на локални брендови во Осака кои раководат повеќе од еден хотел. Наша мисија ни е да формираме синџир на свои брендирани лубовни хотели прво низ цела Индија па потоа понатаму низ јужна Азија.

Влубеник сум на етно облеката, комбинација од модерни и етно елементи, и би сакал еден ден да формирам или финансирам моден бренд кој се бави токму со тоа. Чувствувам дека потенцијалот за етно производи и мода и тоа како држи вода тука во Македонија.

 

За крај, кој би бил твојот совет за младите креативци и претприемачи во Македонија?

Нека ја прочитаат автобиографската приказна на StayUncle. Нека видат и се уверат дека ја изградивме оваа компанија од нула, од ништо и покрај сите предизвици. Внатре лежат одговорите кои ќе им бидат потребни и внатре ќе им бидат срушени лажните приказни кои си ги кажуваат себеси околу тоа зошто не можат да успеат и кој се им е виновен.

 

Comments

comments