Можеби македончето нема преголемо искуство во терање држава, или пак дегустација на софистицирана кујна, но песната и музиката од памтивек му биле некако во малиот прст.

Таа топла душа која везден сака да игра и пее, како работата сама од себе да ќе се заврши, или пак како да ропството само од себе ќе се ослободи. Можеби токму тоа многу далечно, но неверојатно сублимирано чувство на внатрешна слобода се манифестира преку ингениозната музикалност која ја поседуваат малите Македонци. „До Ниш слободно играј и пеј. Од Ниш надолу не играј веќе само пеј, а од Скопје надолу нит пеј, нит играј” – вака некако оди муабетот преку кој нашите браќа Срби сакаат да истакнат дека ние Македонците сме цареви за музика… во случај кога и самите Срби се топлодушни мрзливци и фанови на ракија и мелено месо во нездрави количини.

Последната станица на патот од Ниш до Скопје, е градот Куманово. Тоа е роден град на Ивица Димитријевиќ, еден од нашите најистакнати помлади глумци, но и фронтмен на бендовите SIZ и rib, со кои во последниве 5 години прикажа неверојатна активност и егзекутивност, збогатувајќи ја македонската музичка сцена со звуци кои доаѓаат од еден неочекуван агол. Неговото присуство во бендови како супер-интересните Hip и работата со култните Т.Б. Трачери, му обезбеди искуство, но му го изгради и личниот сонг-рајтерски стил, кој очигледно се развил до степен кога креативноста му дозволува редовно и напоредно да издава музика со 2 различни бенда. Озгора на тоа, тој со своите бендови редовно оди на турнеи (она што секој сериозен бенд би морал да го прави); и конечно, она што нашава рубрика ВИНИЛ ФЕТИШ најповеќе ја возбудува: редовно ги објавува своите албуми на плочи.

Директна причина за овој напис е излегувањето на новиот, втор по ред албум на rib, со наслов Bliss, кој освен на band camp, може да се набави и на винил, од сите добри музички продавници во Скопје.

 

 

Се надевам дека по читањето на овој текст, веднаш ќе се упатите во мисија за набавка, од проста причина што секој сонично издлабен сантиментар на оваа плоча вреди да се слуша повторно и повторно. Талентот за елегантно рокенрол возење на Ивица Димитријевиќ (покрај него во rib свират и Џано Куч, Јане Трајковски и Филип Станчевски) беше јасен и претходно, но на овој албум како да насетувам едно додатно замазнување на приказната. Песните на rib (па и SIZ) отсекогаш имале една сурф глазура, но во овој случај, доживувањето е некое лаконско пловење по острите рабови на градот кој многу полека се стушува во доцното летно попладне.

Можеби токму поради прошетката со слушалици во една токму таква, пријатно укочена скопска квечерина, но Bliss изобилува со атмосфера која ненаметливо ќе стане саундтрак за помиреноста со бетонската џунгла. Кога реков замазнување, мислев на суптилност, едноставност и убавина, која и покрај јасната алтернативна провиниенција на rib, многу лесно може да ги донесе на програмите на комерцијалното радио. Песната Ray го отвора албумот и е вистински кандидат за акцијата од претходната реченица. Surfing Night е уште еден од врвовите на атмосферата со сингл-потенцијал.

Особено ме пленат песните каде што на не сосем регуларната рокенрол постава (тапани и 2 гитари) им се придружува трубата на Јане Трајковски, што резултира со едно пријатно мекнеење ;). Меланхоличен третман на труба кој евоцира еден здрав шлагерски дух и тоа мошне интелигентно и би рекол пририодно сраснува со инди рок духот на бендот. Fairwell Hug е мојот персонален фаворит од оваа класа песни (а и воопшто на овој албум), но покуси не остануваат ниту Bliss и You’ll Never Be Alone.

Непретенциозен, ненаметлив и неверојатно питом, овој албум ќе ги оплемени вашите уши и вашето закоравено, себично градско срце. По должина е скроен токму долг, за веднаш да посакате да го слушнете уште еднаш. Препорачувам интензивен третман со оваа музика. Вашата душа ќе ви биде благодарна.

П.С. Купете ја ПЛОЧАТА 🙂

 

Comments

comments