Во еден период во кој музиката во градов е опасно маргинализирана, техното ако ништо друго осигурува одбрана. Малкумина денес во нашата култура очекуваат креативниот век да трае колку и животот.

Ветеранскиот статус во техното значи дека тоа што го очекуваш е најчесто тоа и што го добиваш, а младоста е ветувачка, полна со новитети (повеќе квантитет отколку квалитет), шарм и енергија. Младите ДЏи се полни со храброст, додека постарите се мотивирани од почитта која ја добиваат. Искушението е да не се оддадат на инертноста, а и да се борат против тоа да не се претворат во ѓубре.

Бодан е во групата на млади, техно ДЏи кои будат копнеж кон нешто ново. Ново во градов, ново во ноќниот живот, ново на техно сцената или ново во нашите животи.

Како почна да пушташ музика? Пред колку време?

Прво почнавме да излегуваме во „Папаја“ (сестра ми е крива за тоа), клубот што секогаш ќе му фали на Скопје. После тоа се опседнав со слушање на музика, почнав да следам сè ново што се прави, како и да изнаоѓам ствари од 80тите, почеток на 90тите, зошто нели, тоа е периодот кога започнува да се развива електронската сцена и музика. Според мене, тоа е времето на најдобрата и најквалитетната електронска музика. Пример, албумот на Autechre – „Incunabula“ од 93та и текот на самиот развој на продуцентската куќа „Warp Records“.

Година и пол константно собирав музика, почнав да пуштам по приватни журки кои сеуште ги правиме. Tоа ми се омилените евенти. Чекаш некој да остане сам дома (или на викендица) за да можеш да направиш журка и да пушташ музика по свој ќејф.

А инаку, музика пуштам веќе 2 години.

bodan-6

Нешто повеќе за стилот на музика што го пушташ? Дали се развил од почетоците до сега? Би пуштал ли нешто друго?

Во принцип, отсекогаш сум ја сакал андерграунд музиката. Сакам кога преовладува побрз и поагресивен ритам. Порано слушав метал, свирев на тапани, гитара, имавме обиди да направиме бенд, али идејата не заврши успешно.

Последниве 2 години најмногу ме привлекуваат техно и електро и тоа е музиката што најчесто ја пуштам.

Имаш специфичен звук што е реткост кај нас. Кој те насочи натаму?

Самото навлегување во електронската музика ме донесе до овој стил што во моментов го слушам, подлабоки мелодии и прекршени звуци на еден интелегентен ритам.

Покрај странските диџеи кои ме инспирираат како на пример, Autechre, Anthony Rother, Oscar Mulero, Lewis Fautzi, Atom TM, од нашата македонска сцена огромна инспирација за развојот на мојот музички стил ми е Душко Јаневски.

 

bodan-2

Кај нас има ли публика за твојот вкус на музика? Ако не, како се гради истата?

Во последно време има сè поголема публика што ги посетува журките и евентите, меѓутоа не ми е јасно зошто публиката сеуште се дели според екипата/колективот/продуцентска куќа што пушта музика. Во стилот на тоа, секоја екипа си има своја публика.

Каде и кога можат да те слушнат луѓето?

До пред некое време пуштав музика во Капан Ан, имам пуштано и во „Сектор 909“. Периодов не пуштам никаде, освен ако се погоди некоја приватна журка.

bodan-4

Би пуштал ли музика во некои од клубовите, кафичите? Му фали ли на Скопје место каде артисти како тебе можат да се докажат? Може ли да изградиме?

По кафичи не би пуштал, поради тоа што музиката што ја пуштам сметам дека не е соодветна за амбиентот на еден кафич. Од клубовите што ги имаме единствено би пуштал во зимското „Сектор 909“.

Инаку да, дефинитивно му фали на градов еден добар андерграунд клуб во стилот на „Сектор 909“, меѓутоа според мене со оглед на тоа што имаме публика, фали и нешто уште поандерграунд и од тоа што е „Сектор 909“. Нешто како „Трезор“ во Берлин. Најважно е просторот да е добро озвучен, а тоа дефинитивно фали во клубовите што ги имаме, т.е. имавме.

Колку во светот се фура твојот стил на музика? Еве, најблиску се нашите комшии. Си пуштал музика сподели го искуството.

Музиката што ја пуштам во странство е полесно прифатена од публиката, за разлика од тука, а и бројот на публиката е поголем.

На 16ти мај оваа година пуштав музика во „Свемирска Кафана“, во Белград, со Octave и Lag. Журката излезе многу добра. Супер е чувството кога пушташ музика на непозната публика.

 

bodan-1

Какви се твоите планови во иднина? Ќе те слушаме ли повеќе?

Искрено, немам поим што ќе се случува во иднина, меѓутоа во секој случај ќе продолжам со работа како и до сега. Во последно време се повеќе се наоѓам во ситуација да не можам да најдам трака по мој вкус, па тоа е можеби и некој знак дека би требало да почнам да правам своја музика.

Бодан пушта музика за една дигитализирана ера, во која секоја информација лебди слободно, минимизирајќи ги старите приказни. Но да, и ние се согласуваме дека е време да се започне со создавење нови.

 

Comments

comments