Ова е првиот текст од новиот серијал во кој нашите другари кои отсекогаш се облекувале подобро од нас ќе ги споделуваат личностите заслужни за нивниот изострен осет за естетика и стил.

 

Кога ќе те прашаат кои се твоите модни икони, рефлексивно трагаш по некои возвишени ликови, кон беспрекорни дизајни и ингениозни решенија, а забораваш дека оние кои ги бараш може да ти се од маало.

„Иконите” не живеат на Олимп, тие се ликови како мене и тебе, јадат junk food во 2 часот наутро, комбинираат тренерка со сако, кога шетаат куче пред работа. Но сепак има нешто што те влече – нивниот карактеристичен и со печат искомбиниран стил од секој вид, перцепција или харизма.

Луѓето, местата и настаните кои ме инспирираат (или разочаруваат) на полето на дизајнот се вообичаено од три извори: филм, музика, мода. Сите тие кокетираат меѓусебно во мојот визуелен дискурс и го создаваат она што за мене е допадливо или возбудливо за восприемање.

 

Мојот татко

Уште од дете ме фасцинираше како е возможно да се занимаваш со теренска и навидум валкана работа (градежен инженер), а сепак да имаш совршено бела кошула, костим кој „спие” на тебе и препознатлив парфем. Поимот и перцепцијата како треба да изгледа „скоцкан” и современ маж, му ги должам нему.

 

 

Anna Piaggi

Неповторлив лик во модата. Со нејзиниот еклектичен и возбудлив стил, веќе со декади претставува инспирација на мноштво уметници. Храброста да се застане пред конвенционалното, да се искомбинира и износи невозможното, се нејзини својствени епитети.

 

 

Elton John

Вљубеник во очила, се поклонувам на секогаш возбудливиот избор. Без предрасуди, секогаш спремен за диско, стилот на оваа легенда одговара и за среда навечер, афтер за викенд или пак за movie night. Неповторлив.

 

 

Alexander McQueen

Претставува поим за модерната класика. Човекот што авангардата и навидум чудните дизајни ги доведе на носливи костуми кои се секогаш пред времето. Модата сè уште не е свесна за доприносот на овој гение во дизајнот за 22-риот век.

 

 

Marcello Mastroianni

Италијански актер е неибежна филмска фигура од визуелниот калеидоскоп. Неговиот изглед, говор и однос со камерата, го доведуваат во улогите на „фраер” на филмското платно во култни филмови како: La dolce vita, Italian style, 8 1/2.

 

 

Park Chan-wook

Јужно-корејскиот режисер чија перцепција за естетика припаѓа на други географски одредници. Од архитектура, сценографија, костимографија, секое негово дело е визуелна шеќерна бомба од која не можете да се насладите. Препознатлив по возбудливите пејсажи, незабравни се неговите дела: The Handmaiden, Oldboy, Lady Vengeance.

 

 

Vivienne Westwood

Виновникот за влезот на панкот во високата мода. Таа е онаа ЖЕНА, за која и големите букви се мали, бунтовник, секогаш со право вознемирена од системот, која совршено го канализира својот гнев и порив во ингениозни кроеви и комбинации.

 

Comments

comments