Од 13 до 21 ноември, на повеќе локации низ Скопје, ќе се оддржи четвртото издание на Bookstar, фестивал на европска литература.

Темата на Bookstar 2018 е „Taboo or not taboo“ која совршено се вклопува со денешното време на информациска пренатрупаност и „неограничен“ медиумски пристап, каде старите табу-теми полека изумираат, а нови се раѓаат. Поради овој факт и моментот дека живееме во ера на постидеологија, „fake-news“ и табуизирање, зад што се крие празниот публицитет, оваа година фестивалот на европска литература, Bookstar, носи писатели чии дела ги дисецираат болните точки на општеството денес.

Годинашната фестивалска програма вклучува најголем број книжевни настани досега, при што, секако, во фокусот се гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела. Пред македонската публика оваа година ќе бидат претставени дури седум докажани и признати писатели од самиот книжевен врв на Европа, и тоа: Славенка Дракулиќ (Хрватска/Шведска), Џамал Уаријачи (Холандија), Офејгур Сигурдсон (Исланд), Михал Ајваз (Чешка), Антон Баев (Бугарија), Рику Корхонен (Финска),  Енес Халиловиќ (Србија), како и домашните Живко Грозданоски и Јосип Коцев (Македонија).

 

 

Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Зоран Кардула, а настанот е организиран во соработка со издавачката куќа „Готен“.

Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен и вратите се отворени за сите љубители на квалитетната европска литература. За детална програма проверете тука.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на РМ, Амбасадата на Кралството Холандија, програмата Креативна Европа на Европската Унија и Амбасадата на Република Чешка.

 

Comments

comments