Фотографии: Александра Костадиновска

 

Борјан има 19 години и е студент по режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Борјан последно работеше на филмот „Ефектот на среќа“ и како режисер на краткото видео за промоцијата на книгата „Вештерките денес“. Тој е одличен пример дека сè уште постојат луѓе кои остануваат лојални на својот детски сон за кариера. На свои 3 години, при гледањето првиот филм во својот живот, Борјан сфатил дека тоа е она на кое сака да го посвети својто возрасен живот.

Заедно со неговиот татко тие го гледале „The Matrix“, кога Борјан го прашал како е возможно бубачката-робот така да влезе во стомакот на Neo. Одговорот на татко му, истиот оној кој сите ние сме го добиле од нашите родители, бил – „Така, како на филм“. Тоа е моментот кога Борјан сфатил дека (често) филмскиот свет е поголем од овој реалниот.

Ова интервју е првото од нашиот нов серијал на текстови во кои ќе разговараме со талентирани, активни студенти, кои искрено веруваме дека имаат одличен потенцијал и шанси за успешна и креативна кариера.

 

 

Дознавме дека си бил „дете за се“ во најновиот филмски проект на македонскиот режисер Борјан Зафировски, „Ефектот на среќата“. Какво беше искуството да се работи во ист тим со еден од најпрогресивните македонски режисери? Која е најважната лекција што ја научи од овој прв голем проект за тебе? Како изгледаше еден ден на сет?

Во „Ефектот на среќата”, како проект, сум дел од многу одамна и секогаш со различна функција. Како студент на Борјан Зафировски, кој патем ми е асистент по режија на ФДУ, многу добро се запознав со естетиката која се бараше од филмот. Поради тоа работев на неколку различни аспекти од неговото снимање.

Помагав со костимографијата, бев асистент на човекот задолжен за статисти, а на неколку сцени бев и самиот статист. Но најважно од сè ми беше тоа што Борјан ми дозволи константно да седам до негом позади мониторот, и да го следам буквално целиот снимачки процес, од столче до режисерското.

Најважната работа која ја научив од целиот овој процес е тоа што ја согледав тешкотијата на создавање на долгометражен филм во македонски услови и притисокот со кој еден ден ќе треба самиот да се справам при снимање на мој филм. Настрана од овие лекции, на снимањето научив повеќе за филмска режија отколку од 5 и пол семестри на било која академија.

Снимањето на филмот, мора да признаам, дека се одвиваше многу поопуштено од други снимања, затоа што Борјан секогаш се трудеше да создаде најдобра атмосфера за сите вклучени сектори за да може секој од нив да функционира најефикасно.

 

 

Првиот твој проект е видеото за песната „Самоглад“ на Pluto’s Doubts. Раскажи ни нешто повеќе за ова твое искуство? Колку време работеше на снимањето на видеото?

Искуството беше прекрасно, иако со доста организациски и бирократски хендикепи надвор од сечија контрола, за кои не би зборувал затоа што делото на крајот е успешно. За овој бенд знам буквално од нивната првата проба во 2015, кога започнав да зборувам дека се многу важен бенд за нашето време. Многу сум среќен што таква музичарска екипа ми побара да направиме спот.

Подготовки и договарања правевме во Припор, каде што спотот беше осмислен. Мислам дека беше крај на јули кога за прв пат споменавме снимање на спотот. Снимањето траеше 5 дена, се одвиваше на 5 различни локации (една сцена „пропадна“ целосно), од кои секоја придонесе со своја тежина и убавина.

 

 

Раскажи ни за твојата режисерска улога на видеото за промоцијата на книгата „Вештерките денес“. Како се одвиваше снимањето? Како дојде до тоа да го правиш ова видео?

Со Калиа се запознав во МКЦ, кога разговаравме за скопската и светската хипстерска мода, по што почнавме случајно да се среќаваме. На една од овие случајни средби таа ми кажа дека ќе конкурира за издавање на книга и дека доколку победи на конкурсот, ќе треба да се направи видео за книгата.

Неколку месеци подоцна, Калиа победи на конкурсот, по што решивме заедно да го направиме видеото. Мојата идеја беше наместо класично промо видео да спремиме краток видео-арт, во кое нејзината поезија ќе оди како нарација.

Направивме селекција на поемите и на луѓето кои ќе ги вклучиме и решивме да пристапиме кон проектот крајно „хипстерски“ („хипстерски“ во позитивен контекст). Снимањето се одвиваше прекрасно, Калиа ми даде целосна слобода, во која се трудев да не се изгубам (зашто ретко добиваме целосна слобода, нели).

 

 

Кој е последниот филм кој го имаш гледано што ти оставил добар впечаток?

„Song to song“, кој го засакав затоа што ме научи на многу работи кои се спротивни на стандардните лекции што се добиваат на академија. Филмот создава атмосфера како никој друг, а приказната успеа да ме „удри“ на персонално ниво.

 

Кога би можел да работиш на филм заедно со било кој режисер од светот, со кого би избрал да работиш?

Од оние кои повеќе не се помеѓу нас – John Cassavetes, зашто е бог на сите инди-филмаџии. А од тие кои се сè уште активни – Wim Wenders, зашто сакам да го „замарам“ да ми каже што сè требало да преживее за да направи филмови како „Paris, Texas“, „Wings of Desire“ или „Until the end of the world“.

 

 

Борјан, малку настрана од темата филмови. Ти имаш доста уникатен и несекојдневен стил на облекување. Од кого и каде дознаваш најмногу за облека и се инспирираш? Која е личноста чиј стил моментално ти е омилен?

Кога се работи за облека, земам концепти, а не стриктно парчиња облека. Бев втора или трета средно, кога видов слика од Jean-Michel Basquiat, на која носи портокалова Adidas маица, одело и кацига за американски фудбал. И одлично изгледаше. Тогаш ја сфатив слободата која лежи во уличната мода. Basquiat ќе ми биде засекогаш омилен.

 

Comments

comments