Фотографии: Александра Костадиновска

 

Пред неколку недели се отвори нов локал за храна во наше маало (Дебар Маало).

Еднаш пробавме да започнеме серијал во кој ќе ги споделуваме импресиите од локали со добра храна. Поконкретно целта ни е да испробаме многу, да погодиме и да промашиме, да сумираме и да споделиме. Да ти кажеме што да нарачаш за да не се мислиш или двоумиш, да ти кажеме кои јадења се гордоста на еден локал, без да треба да го прашуваш келнерот.

Сега, откако јули го прогласивме за месец на храната на Reborn, ја злоупотребуваме приликата за да го продолжиме серијалот и да ги споделиме импресиите од едно ново место во градот, Boulevard Bar & Kitchen (лоцирано спроти Соборен Храм, кај Винил), местото што нè шармираше моментот кога го изговори зборот „аперитиво“.

 

 

Ако ги прашаш американците да нè класифицираат, би рекле дека сме aperitivo-bitches. Не сме сигурни дали омилен дел од оваа симпатична италијанска традиција ни е освежителниот, лесен коктел или добрата закуска што доаѓа со него, но веќе со години зборуваме дека на Скопје му фали место со аперитиво, место за пијачка после работа, која нема да мора да падне во празен стомак.

Во Boulevard Bar & Kitchen аперитивото започнува во 5 часот, а функционира така што доколку нарачаш некој од нивните коктели добиваш сериозни грицки, се загреваш, за после некое време да преминеш на вечера.

После неколку посети, ова се јадењата и пијалоците кои ги избравме за фаворити и кои ти ветуваме дека нема да промашиш доколку ги нарачаш.

Bon appétit!

 

 

За почеток, коктели: „Hugo“ или „Caribbean Punch“

Добрата страна кај коктелите со италијански стил е што им се допаѓаат и на оние кои секогаш тврдат дека не се фанови на коктели. Освежителни се, не се премногу благи, не се ни претерно напумпани со алкохол. Супер се за отворање на апетит, а наши фаворити од мени-то на Boulevard се „Hugo“, добар летен избор на база на просеко, што дури може да послужи и како лек за мамурлак и „Caribbean Punch“ кој е на база на рум и ананас.

 

 

 

Бургер со 100% говедско месо

Како и сите околу нас, не можеме да му одолееме на добар бургер. Иако, за жал, вкусните бургери не се наоѓаат лесно, оној во Boulevard искрено го препорачуваме. Направен со 100% говедско месо, нешто што многу локали го тврдат, но кон што не се придржуваат, кај овој бургер навистина се забележува во вкусот дека е вистина. Внимавај само, сендвичот е малку голем, па може да се помачиш додека го јадеш. Покрај месото, сосот за компирчиња со кој беше сервиран ни е хит.

 

 

 

Вонголи паста

Ако си од оние кои се водат по максимата дека не им треба ништо повеќе во животот од свежа морска храна, тогаш ти ја препорачуваме Вонголи пастата со школки. Пастата е одлична, но е малку пикантна, имај го тоа на ум.

 

 

 

Пилешко со шафран и брокула

Деновите кога не сме доволно гладни за бургер, а паста ни изгледа како премалку, се одлучуваме за пилешкото со шафран и брокула. Иако ние обожаваме брокула во секоја комбинација, веруваме дека во оваа комбинација, особено збогатена со нота шафран што додава на длабочина на вкусот, ќе му се допадне секому.

 

 

 

Рижото со фунги

Во животот има два типа на луѓе: тим паста и тим ориз. Ако се доживуваш како да припаѓаш во втората група, тогаш знаеш дека рижото во ресторани или е одлично или е ужасно. Во Boulevard, рижотото со печурки е одлично.

 

 

Comments

comments