За обичните (нема да речам нормалните) луѓе, нова година е луда ноќ, крај на една етапа, почеток на нешто „ново”.

Време и место за преиспитување и носење на одлуки кои никогаш нема да почнат да се остваруваат и на кои првпат ќе се сетат тек следната нова година, како би можеле одново да ги донесат.

Еден топол многучовечки ентузијазам кој трае до првиот come down попладнето на 1ви, или слатката дремка пред телевизор вечерта на 2ри јануари. 3ти јануари е веќе busines as usual, а новогодишните одлуки се уредно сложени во recycle bin-от на потсвеста која штити од промени како sun block со фактор 100 😉

Македонците пак, се луѓе кои просто обожаваат нова година, која иако им доаѓа само како еден од низата продолжени викенди кои им обезбедуваат континуирана не работа во текот на годината, е посебна и омилена поради факторот: прејадување.

Не постојат на овој бели свет ниту доволно големи кантари, а уште помалку адекватни мерни единици, кои се во состојба да ги измерат неверојатните количества сарма и руска салата кои македонците се во состојба да ги изедат во овој период.

Факторот прејадување е племенита и секако домаќинска појава помеѓу една симпатична популација, која ете со децении го слави фактот дека веќе не е под (турско) ропство и дека има доволно за јадење. Прејадувањето е здравствена норма, фамилијарен ритуал и секако прекрасна традиција која се пренесува од колено на колено. А што би биле ние без традицијата, нели?

За нас, оние малкумина кои преостанавме после ова исцрпно и напорно набројување, НОВА ГОДИНА се оние неколку денови гужвица и подготовка за прослава на DAVID BOWIE. Како и секој тип население, така и ние си имаме свој бог, потреби, обичаи, ритуали.

Роденденот, смртта, последниот албум на господинот Bowie се сконцентрирани околу 8, 9 и 10 јануари, токму совршено време да се отарасиме од мунданскиот дух на околината и да пристапиме кон прослава на цивилизираноста, продуховеноста и добриот изглед.

Оваа година, токму за Боувијавление, реномираниот телевизиски дилер HBO обезбеди вистинска посластица за нас: правите верници, па и за сите оние кои сакаат да се доближат до идеалот за cool, или со одгледување на еден документарец, тврдат дека доживеале просветление.

 

 

David Bowie: The Last Five Years е фантастична можност да се запознаете со извонредно продуктивните последни пет години во животот на овој неверојатен господин, неговата работа на последните два албума и еден мјузикл.

Овие негови рецентни активности фрлаат сериозна илиминација на неговата педесет годишна кариера, уметнички пат, социјален дострел и секако незаборавна работна етика.

Фрлаат Serious Moonlight врз лицето на човекот кој ни покажа дека може да се биде различен, да се успее во овој заебан свет, а да се заржи човечкиот и уметнички интегритет.

Човекот кој не научи како да одиме исправени по улица откога ќе не истепаат зошто сме „погрешно/чудно облечени”…  и човекот кој не научи кога е точното време да ги ставиме црвените чевли за танц и да ја изденсаме тагата надвор од себе!

Сосем е неважно дали имате HBO или не, скокнете докај првиот пријател, па и роднина кој го користи овој ТВ дилер и дајте му се на ова филмче безрезервно. Ќе ми се заблагодарите подоцна.

И кога сме веќе кај гледање документарци, што да не, погледнете го и David Bowie: Five Years од истиот режисер (Francis Whatley 2013), кој се занимава со златното доба на Боуви од 70тите и 80тите.

Како би можеле во голем стил да го заокружите овогодишното Боувијавление, стариот добар М.П. ќе ви предложи да погледнете уште неколку филмови каде што господинот има главна, или мошне забележителна улога.

 

 

The Hunger (1983)

Овој фабулозен филмски маратон започнете го со The Hunger (Tony Scott, 1983), каде Bowie е вампир и заедно со тоталната икона на 20 век Cathrine Deneuve (стоп феминистки!) и мајка ми Susan Sarandon, обложени во неверојатно софистицирана музика, ја испитуваат омилената тема: бесмртност.

 

 

 

 

Marry Christmass Mr.Lawrence (1983)

Marry Christmass Mr.Lawrence (Nagisa Oshima, 1983) е ода на размената помеѓу две маркантни (и светски водечки) култури, во случајов англиската и јапонската. Bowie со својот јапонски музички и културолошки pandan, господинот Ryuichi Sakamoto, испитуваат како војната им помогна на двете супер култури да се доближат, запознаат и фузионираат во современиот свет.

 

 

 

 

The Labyrinth (1986)

The Labyrinth (Jim Henson, 1986) е можеби филм за деца, ама ние вистинските верници сме големи деца и немаме намера да го промениме тоа до последниот здив.

По сценарио на легендарниот монти пајтон херој Terry Jones, Bowie е злобниот крал на троловите, кој го киднапира помалото братче на девојка ми Jennifer Connelly и сака да го претвори во трол. Не само што ја напиша музиката за филмот, туку од време на време и запејува, за ова филмче да се претвори во уникатен мјузикл.

 

 

 

 

The Man Who Fell to Earth (1976)

The Man Who Fell to Earth (Nicolas Roeg, 1976) е култен филм и тема која е life long опсесија на Bowie. Она кога сте тука, ама не сте од тука и сите перипетии кои доаѓаат со вашата различност. Ок, многу повеќе од ова, но погледнете и сами, немојте се јас да ви кажувам во животот 😉

 

 

 

 

Кога бевме мали (во 80тите #хехенце), си замислувавме дека David Bowie е бесмртен.

Дури и музичкиот прес ја поттикнуваше оваа чудесна мистификација. Како растевме ова полека стануваше нормална работа и да бидам искрен, никој од нас (моите другари Викса, Дарко, Синиша, Сојче, Лукич…) не се сомневаше дека сите ќе отидеме по ѓаволите, а Bowie уште ќе стои.

Ете две години како Bowie плови помеѓу ѕвездите, а ние као стоиме и понатаму. Но како и со секој бог во секоја религија, се случи чудо.

 

 

Од моментот кога „умре” како никогаш претходно тој е тука – така густо помеѓу нас, во нас, до нас, дел од нас, нашите мисли, надежи, творби. Човекот успеа да се вмрежи, да се вткае, да се соедини со се што е добро, убаво и паметно во нашава цивилизација. Така да ако сте во потрага по чудо, не мора да одите до крајот на универзумот, тоа е тука токму во вас. Само бидете добри и работете си ја вашата работа чесно.

 

Comments

comments