Инспирација за текстов се разноразните апликации–квизови што се присутни на социјалните мрежи кои си ги „играме“ сите, помалку или повеќе, при денгубење или кога сакаш баш да видиш „кој е твојот идеален филмски партнер“, „кој од познатите машки глумци сака да те бакне“, или „на која Холивудска глумица личиш“, „на кој филмски пар си личите“ и такви ми ти разни празноверици.

Во едно такво бегање од стварноста, прибегнуваме, дури и ги обожаваме љубовните двојки на филмското платно. Кога би размислувала во тој контекст, ама книжевен, се разбира, одма би рекла дека идеални љубовни двојки би биле Димитар и Константин Миладинови, во 19 век, со сестрите Бронте. Ем фамилијарниот однос – браќа/сестри запазен, ем поетскиот дел испочитуван, ем сите издале зборници на песни, (само едните на македонски, другите на англиски), ем живееле во ист временски период. Ех, кога би се сретнале, на пример, некаде овие луѓе, каква ли љубовна приказна би можело да произлезе…

 

Предлог за книги и филм

Во тој контекст – Емили Бронте, која живеела токму во перидот на Миладиновци, родена само 10 години по Димитар (би биле одличен пар, бај д веј), е позната по романот „Оркански висови“. Класика! Но, таа била толку повлечена и срамежлива и воопшто не склопувала пријателства надвор од семејството. Воопшто, нејзината биографија и карактер остануваат мистерија. Затоа пак, љубителите на мистицизмот и крајно романтичарската љубов се воодушевени од „Оркански висови“ (а и тие другите, што се кријат зад орманот, демек патетика е ова, и тие ѕиркаат нели?)

Радости за љубителите на филмот – ќе се снима нова филмска екранизација на демонската, духовно-поврзаната, универзална и невозможна, убава до болка, нераскинлива љубовна приказна меѓу Кетрин и Хитклиф. Дали ќе успеат новите кастинзи за ликови да ја пронајдат онаа хемија во филмската верзија од 1992, од која морници ти лазат, помеѓу Кетрин Бинош и Ралф Фајнс (меѓу другото ги гледавме и ги обожававме и во „Англиски пациент“) ќе видиме дури следната пролет веројатно.

Шарлота Бронте, пак, најстарата од сите сестри, чии текстови станале класика на англиската книжевност, (главниот лик од нејзиниот роман „Џејн Ејр“), е првиот автор кој пишува за потсвесното, таа е првото „кокиче“ или најава за делата на Џемс Џојс. Во „Џејн Ејр“ таа индиректно го критикува социјално–општествениот систем, зборува за љубовта, моралот, религијата, етиката во однесувањето, феминизмот, иако малце на некои места личи на машка верзија на Оливер Твист, сепак Џејн Ејр ти е скоро па невозможна етична љубовна приказна во овие модерни времиња. Ама убава лектира, во секој случај.

Еве, баш тука, замислувам како Шарлота му пишува на Константин Миладинов:

 

giphy

 

Разделба

од Шарлота Бронте

„Нема корист од оплакување
Иако ние сме осудени на разделба
Постои нешто како чување
На споменот во нечие срце“…

 

А Константин и одговара:

 

Желание

од Константин Миладинов

Кога ќе доит при мене!
Кога ќе седнит до мене!
Така си велеф ката-ден. —
Ја кога дојде у мене —
Как ќе излеза пред неа!
Да не би дошла никога! —

 

Во песната „Желание“ поетот се претставува како срамежлив љубовник, а можеби и само си игра квиз на Фејсбук „Што да правам ако љубената ми се јави баш денес кога не сум бричен во брадата?“

Како и да е, сестрите Бронте има што да ви понудат за следниот период и за читање и за гледање.

 

Comments

comments