Оскарите не ми се некако хит без Nicole Kidman. Ама, дефинитивно најдобар стајлинг (мене ми) имаше во видео записот на „Something Stupid“, дуетот со Robbie Williams. Читав пред некое време дека всушност саундракот на двата гласа, машкиот и женскиот, се посебно снимени, во посебни студија и посебни држави (Не можеле да најдат заеднички тајминг за да пеат заедно, штета, а каков пар!).

Така снимени се лепени, едно врз друго, не знаеме дали машкото врз женското, или обратнo, но како и да е, самата постапка на „лепење“ беше вчудовидувачко фасцинантна, имајќи предвид дека се работи за дует, терца,која треба доста напор за да (ви) се погоди и во реалниот живот, а камоли на раздалеченост од САД до Велика Британија. Како и да е, стана хит, еден од најголемите хитови (римејк) во 2001-та година.

Мои книжевни размислувања

Техничкото решение кое е креативно и економски исплатливо, и го пронашле продуцентите на овој сингл, да се „лепат“ поетските дискурси на машкиот и женскиот лик, во македонски услови, ме потсети на романот „Бунар“ од Димитар Башевски, во истата таа 2001-ва година кога синглот е хит, и книгата е отпечатена кај нас. Симболична коинцинденција, нели?!

cov

Во книгата се работи за еден лик -новинар, кој на стари години, се враќа во родното село, и сакајќи да стори некое општо добро, да остави трага, ќе почне да копа бунар за селаните, за да им го олесни животот, да донесе вода, „за доброто на жителите кои лунѕале по вода наоколу по изворите“.

Овој целосно лирско-филозофски роман за постоењето, за животот, за тоа дали се станува пророк во своето село, за постигнувањата и разочарувањата, одважете се па прочитајте го: „…луѓето меѓу себе, и секој со секого, е во недоразбирање и дека заради тоа, на овој или на оној начин, на крајот секој секогаш е во загуба. И најкрупните зборови како човечност, чест, среќа, слобода, губат од својата важност“.

Видете, книгата е ТОП, за оние што сакаат да се свртат назад, да се враќаат назад, да резимираат, да анализираат, да сфатат дека „многуте патишта создаваат забуна, кога е еден, е поедноставно и целта се чини подофатлива.“

 

 

Но, она што нам ни беше муабетот: Таму е постмодернистички прикажана постапката на f женскиот раскажувач и m машкиот лик – раскажувач. И таму исто така добро се залепени тие два гласа. Секој за себе „пее“, т.е раскажува, од својот аспект, а сепак заедно чинат една книга. Она што изделува во романот е што графички се сепак изделени, за да се препознае женскиот дискурс. Тој е запишан во италик фонт, нас нé потсети на моментот скоро па исто како што Nicole Kidman му се навалува на Robbie Williams во видео-записот на „Something Stupid“. И така симпатично се изменуваат те едниот глас, т.е. другиот. Терцата, или дуетот се гледа на крајот од книгата колку се всушност (дис)функционални во „песната на животот“.

И симболично или не, случајно или не, насловот на синглот „Something Stupid“ „Нешто глупо“ токму соодветствува на заклучокот на книгата: Се работи за автентична балканска драма, во која ако некој сака да помогне некому обично сите се во губиток, и тие што даваат и тие што примаат. Колективот се одмаздува ако сакаш бунар да им ископаш, они очите ќе ти ги ископаат. Можеби Nicole Kidman тоа со време го сфатила, па затоа го тргнува погледот кога на оној што го сака треба да му рече I love you. Што арно од тоа за колективот, ако постои индивидуална љубов?!

Само музичката индустрија знае кој напор е вложен за да се добие тој сингл. Останува прашањето: Ако е животно автентично и правилно таквото „лепење“ на дискурсите во еден сингл, една љубов, книга, филм, нечиј живот, зошто немаше ниту една изведба во живо, ниту на албумот снимен од Live performance во The Royal Albert Hall во 2001?! Од што се исплаши Nicole Kidman, од истото ли што се плашеше и Агна во „Бунар“?!

Она што со сигурност ќе се сложат двата машки гласа, наратори, изведувачи, и Robbie Williams и Димитар Башевски, е фактот дека: „вистината не е чиста и дека, најпосле, линијата на човечкиот живот не се состои од една хоризонтала и две вертикали, туку од три синусоиди извлечени во бескрај, постојано приближувајќи се и оддалечувајќи се меѓу себе“ (стр. 40 во романот).

Ама нели и сликата на музичките фреквенции изгледа како синусоиди кои се приближуваат и оддалечуваат?
Нели и отчукувањето на човечкото срце, кое е знак за живо(с)т е фреквенција со синусоиди кои се приближуваат и оддалечуваат?

Се прашувам: што музика слушал Димитар Башевски додека го пишувал „Бунар“?!

 

Comments

comments