Културни објекти кои ги почитуваат историските обележја и просторот во кој „никнуваат“ и притоа стојат одмерено како слика на времето и естетиката што соодвествува на денешницата се прават во некои паралелни светови. Не, да речеме дека се прават и во Швајцарија и тоа изгледа некако вака.

Bündner музејот за уметност е отворен во јуни ова лето со изложбата „Solo Walks” на 40 интернационални уметници, но неговата историја започнува неколку години порано.

Во 2011 година е распишан интернационалниот конкурс за проширување на Bündner музејот за уметност во Хур, Швајцарија, на кој победува шпанското архитектонско студио Barozzi Veiga, кое минатата година ја доби престижната награда Mies van der Rohe за филхармонијата во Шчеќин, Полска.

Постоечкиот објект во кој што дотогаш бил сместен музејот е неокласицистичка вила, Вила Планта, изградена во 1874 година која претходно била приватна куќа, но потоа се прилагодила на новата функција.

 

 

Таа не можела повеќе да ги задоволи потребите на растечката музејска колекција, па така се јавила потребата да се изгради дополнителен објект на слободниот простор пред вилата во кој ќе премине дел од поставката.

Јасниот принцип на кој новиот објект на студиото Barozzi Veiga се вклопува во постоечкиот архитектонски контекст го прави ова решение најубедливо меѓу останатите пријавени на конкурсот.

Новиот предлог нема за цел да стане ново обележје на градот, туку да му оддаде почит на стариот објект со својот ненаметлив израз и скромен волумен.

 

 

Малиот отисок што го остава објектот на тлото сe должи на менувањето на логичниот распоред на програмата што еден музеј треба да ја содржи. Промената се состои од сместување на изложбените простори под земја, каде подземнитe нивоа се со поголема квадратура од надземните, со што волуменот кој „излегува” од тлото ги содржи само јавните пристапни простории кои имаат доста помала зафатнина. На тој начин се создава нов јавен простор околу објектот кој се врзува со градината пред Вила Планта и околните објекти.

Новата екстензија на музејот претставува автономен објект, независен од стариот, иако во архитектонскиот јазик таа се стреми да го реинтерпретира концептот на стариот музеј.

 

 

Двата објекти имаат сопствен идентитет базиран на исти принципи (структура и орнамент) со што се зајакнува сликата на единство меѓу нив. Сличностите се гледаат во просторната организација – централно симетричните основи и во употребата на геометриска орнаментика која соодвествува на времето во кое се направени објектите – екстремно декорираната Вила Планта, наспроти едноставниот бетонскиот релјефен грид на фасадата на новиот музеј.

На приземјето е сместено фоајето во кое големи прозорски отвори ја „врамуваат“ Вила Планта во хоризонтот. Mузејските канцеларии и кафетеријата за посетители се сместени на катот на првото подземно ниво кое е поврзано со стариот музеј во кое се распоредени делата од постојаната поставка, а под него е големиот простор предвиден за привремени изложби. Употребувајќи едноставни материјали во ентериерот архитектите свесно го насочуваат вниманието на посетителите кон уметничките дела.

Со Bündner музејот Barozzi Veiga прават исчекор во остварувањето дијалог меѓу современата архитектура и културното наследство и покажуваат дека може еден постар објект да биде отсликан во некој нов без тие да имаат идентични елементи.

 

Галерија

 

Comments

comments