Новогодишни полно-калорични изговори. Воз-бу-да. Сега никој не може да те сопре да јадеш бургер секој ден. Секој ден.

Ако вешто изгуглаш, на webmd ќе најдеш дека калории за време на натпревари со храна не се лепат. Дури се препорачува, во зима, кога листата на работи што те држат насмеан ќе почне да се намалува, да се само-почастиш со храната што ја обожаваш. По можност секој ден. Добро било за менталното здравје.

Затоа (и затоа што себично многу ни се јадат бургери!) оваа недела ја прогласуваме за „Недела на бургерот“ и ги поканивме локалните ресторани убаво да се припремат, да подвиткаат ракавите, подмачкаат скарите и да се приклучат во натпреварот во кој ќе го избереме „Најдобриот бургер во Скопје“.  

Бургерот во Маџо 2.0

Кој ќе се натпреварува?

Во битката за „Најдобар бургер во Скопје за 2018“ ќе учествуваат вкупно 11 локали: BackYard Lounge Bar, Barbakan Bistro Bar, Brunch Box Eatery, Центар Бар, Fitness House, M’s Fish&Chips, Gastroteca Siesta, Ресторан Маџо 2.0, Rock Kafana Rustikana 2.0, Urban Burger Bar, Vegan356Kitchen.

Каде ќе се случува?

На 11 места одеднаш! Можеш да посетиш и оцениш само еден ресторан од листата или можеш храбро, пополека, да ги провериш сите. Имаш 7 дена.

Бургерот во BackYard

Како ќе го избереме победникот?

Преку гласање од публиката (тоа си ти!) и секако, дополнително преку оцената на четири-члено жири (Гоце САФ, Софка Камилоска, Бобан Симоновски и Моника Потер). Секој кој ќе нарача бургер во рестораните-учесници ќе добие и ливче за гласање на кое ќе може да остави оцена на скала од 1 до 10. На истото тоа ливче ќе биде прикачена и фискалната сметка.

Хм, а што добивам јас?

При гласањето, секој што ќе го остави својот контакт, автоматски ќе учествува во наградна игра за бургер-ваучери во рестораните-учесници и други награди, кои ќе бидат објавени наскоро. Дополнително, повеќето од рестораните ќе ги нудат бургерите по промотивна, намалена цена, за време на настанот.

Бургерот во Гастротека Сиеста

Кога ќе го знаеме победникот?

Ресторанот победник ќе го објавиме на 18 декември, а истовремено ќе ги прогласиме и гласачите добитници на бургер-награди.

Како се избрани локалите што се натпреваруваат?

Откако направивме голема листа на ресторани кои нудат бургери во Скопје, им понудивме да учествуваат во Burger Wars. Списокот погоре е од локалите кои беа заинтересирани.

Comments

comments