11 ресторани, 11 скари, 11 кувари, а само една титула (прочитано со гласот на шармантен најавувач на бокс меч).

Бургер-војната започна. Па иако звучи како да ќе се гаѓаме со бургери од двете страни на една голема соба, за жал, борбата е многу покултурна, и ќе ја водат 11 скопски ресторани. Ресторани кои ако ги прашаш, со шепкање и во доверба, секој ќе ти каже дека не е баш некој предизвик, зашто сигурни се дека они го прават најдобриот бургер.

Проблемот е што се сложуваме. Не можеме да се одлучиме, секоја недела имаме различен фаворит. Пробавме и не успеавме да направиме една добра ранг листа, па решивме да ги зачиниме работите, со по некој карамелизиран кромид, и да ви ја префрлиме одговорноста на вас.
 

 
Од денес, па до крајот на неделата (16 декември) секој ќе може да гласа за „Најдобриот бургер во Скопје“. Повеќе информации за како ќе се случува тоа има тука. (Прилично е едноставно, само не заборавај да го прочиташ и делот каде што пишува дека има награди и за гласачите.)

Без дополнително да одолговлекуваме, во продолжение се 11-те борачи, херои, војници, наречи ги како сакаш – што оваа недела ќе се натпреваруваат за „Најдобар бургер во Скопје“.

Разгледај убаво и провери ги нашите препораки. Ако паметно го испланираш времето ќе стигнеш да ги испробаш сите.
 
   

BackYard Lounge Bar

Цена: 💲💲
Локација: Близу Театар Комедија, во дворот на гимназијата Јосип Броз Тито

Burger Wars промоција: Со секој купен бургер следува 50% попуст на пијалокот

BackYard има четири бургери кои ќе ги промовира неделава. Наша препорака е нивниот Baby Beef Burger со 100% говедско месо. Бургерот го прават на класично бело лепче со сос со карамелизиран кромид.  
 
 
 

Barbakan Bistro

Цена: 💲💲💲
Локација: Комплекс Ми-Да

Burger Wars промоција: 50% попуст на сите бургери во вторник (11.12) и четврток (13.12), ако ги јадете на шанк, после 21 часот.

Каков е тој скопски бургер натпревар ако го нема Барбакан? Познати за бургери со ресторански квалитет, Барбакан е првото место во Скопје кое нудеше бургери од овој тип. Пред 4-5 години, слободно може да се каже дека они го донесоа овој тренд кај нас.  
 
 
 

Brunch Box Eatery

Цена: 💲💲
Локација: Капиштец, близу Католичка

Да бидеме искрени, до вчера никој од нашиот тим го немаше пробано бургерот на Brunch Box, ама многу луѓе на кои им веруваме на вкусот тврдеа дека е феноменален и можеби најдобриот во Скопје. Тотално се сложуваме. Brunch Box е нов, страшно симпатичен, мал локал во уличките на Капиштец. Само внимавај, не станува збор за класичен ресторан – местото затвора во 20.00 часот. 
 
 
 

Centar Bar

Цена: 💲💲
Локација: Поранешно McDonalds на Рекорд

Лоциран на местото на стариот, светски храм на бургерите, истото тоа место каде што прв пат му изјавивме љубов на бургер. Центар бар е потценет зашто изгледа како место за туристи (и дефинитивно има многу посети туристи), ама ние мислиме дека е супер место за бургер-дејт или само дејт. Сè што имаме пробано од менито е одлично, а наша препорака е Центар Бар Бургерот. 
  

 

Fitness House

Цена: 💲💲
Локација: Партизанска, близу раскрсницата со Рузвелтова

Не очекуваше место со здрава, фитнес храна на листава? Наша препорака од Fitness е нивниот одличен „Green Burger“, кој го служат со лепче направено од спанаќ. Да речеме дека ова е најблизу што ќе дојдеш до „здрав, а многу вкусен бургер“ или „вкусен бургер после кој совеста ќе ти остане чиста“. 
 
 
 

M’s Fish & Chips

Цена: 💲💲
Локација: Позади 7ца, до дуќанот на ProSport

Релативно ново, но со огромен потенцијал да стане култно бургер место во Скопје, M’s Fish and Chips дефинитивно знаат како да направат добар бургер. Го следат она омиленото правило на добрите кувари – едноставно, но добро направено. Го пробавме чизбургерот со додаток сланина и халапењо пиперчиња. Сè уште не можеме да престанеме да зборуваме за него. 
  

 

Gastroteca Siesta

Цена: 💲💲💲
Локација: Кај бикот на улица Македонија

Burger Wars промоција: 20% попуст на сите бургери, цела недела

Ако правиме натпревар за најудобно место во Скопје, дефинитивно ќе ги вклучиме и таму. А покрај тоа што се неверојатно cozy, уште поважно, имаат одлична селекција на бургери. Наша препорака е Cheesy кој доаѓа „потопен“ во неколку типа на сирење.  
 
 
 

Madzo 2.0

Цена: 💲💲💲
Локација: Во редот на Калдрма, дел од City Park Hotel

Burger Wars промоција: Гратис Coca Cola со секој купен Рајли или Фергусон бургер, цела недела

Зад Маџо 2.0 стои „Готвиме со Фичо“ и има сериозно, сериозно добра храна. Скроз друго ниво на искуство. Дефинитивна препорака за секој кој бар еднаш во животот се нарекол себеси „гурман“.  
 
 
 

Rustikana 2.0

Цена: 💲💲
Локација: Спроти старо Сено, близу тенискиот клуб АБЦ

Burger Wars промоција: 20% попуст на сите бургери во понеделник, вторник и среда

Како што му доликува на место што се вика Рустикана, бургерот е рустикален, богат и домашен. Под домашен мислиме македонски и неверојатно вкусен. Наша препорака – бургерот со похован кашкавал.  
 
 
 

Urban Burger Bar

Цена: 💲
Локација: Рузвелтова, кај кафе бар Gallery

Единствениот fast-food натпреварувач во Burger Wars. Ако веруваш дека вреди чекање 40 минути ред во 7ца, тогаш дефинитивно треба да го пробаш Urban Burger Bar. Тие го имаат земено 7ца-стилот и го имаат појачано во неверојатни верзии. На пример, еден од бургерите кои ги промовираат оваа недела има 4, да 4 плескавици. 
 
 
 

Vegan365Kitchen

Цена: 💲
Локација:
На бул. Климент Охридски, до Соборен храм

Добредојде во 2018, на листата со највкусни бургери имаме и опција за вегани. Прогнозираме (и се надеваме) дека во 2019 ќе имаме најмалку три вакви места. Vegan356Kitchen е семеен бизнис, кој нуди вегебургери и соја бургери, што сме убедени дека ќе му се допаднат и на најголемиот месојад.  
 

Comments

comments