Фотографии: Александра Костадиновска

 

Има ли потреба (уште еднаш) да збориме за Cactus Design? Новиот бренд во Скопје за кој другарите од Лондон ни се јавуваат да нè молат да им купиме нешто?

Еми и Сандра ги знаеме уште пред да станат Cactus Design. Тогаш мислевме дека се неверојатен тим со истенчен вкус за сè што значи стил и естетика, а сега кога подобро ги запознавме (па и кога им ѕирнавме што имаат низ дома) само ни се потврди теоријата.

Овој викенд тие изложија парчиња од нивната најнова колекција во нашиот Музеј Дебар Маало, кои се надеваме имаше шанса да ги разгледаш, а во продолжение се нивните омилени предмети, секој од нив појачан со мала приказна што ќе го дообјасни нивниот избор.

*Овој текст е дел од серијалот на написи во кој се обидуваме да ги запознаеме подобро локалните креативци, преку разгледување на нивните омилени предмети. Досега разговаравме со Ѓорѓи Десподов и дизајнерскиот пар – Мики и Анастазија.

 

 

1. Од птичја перспектива изгледа како дебел вонземјанин. Среќа на сликата подолу се гледа дека е всушност прекрасна скулптура од човек. Од каде е? Колку е тешко да се донесе до дома?

Сандра: Скулптурата „Мислителот“ е сигурно постара од мене. Секогаш ми давала мир во просторот каде што живеам. Иако е изработена од полно дрво, никогаш не ми било тешко да ја пренесам од точка А до точка Б.

 

2. Омилена плоча? Често слушате музика на грамофон? Со кои нови бендови сте опседнати моментално и кои бендови ви се најдраги на сите времиња?

Дефинитивно еден од омилените албуми – „Purple Rain“ од Prince and The Revolution. Последниов месец во работна атмосфера се вртат Little Dragon, ALIEN ALIEN, Аir.. и Youtube знае да почасти со нов албум или артист.

New Order е за сите времиња.

 

 

 

3. Имате многу растенија дома, многу сукуленти и кактуси. Што беше прво, кокошката или јајцето? Прво се крстивте Cactus или прво се заљубивте во сукуленти и кактуси?

Хахаха. Секако името дојде од големата љубов кон кактусите. Имаме една црна овца која ни е нај драга – палмата.

 

4. За Еми знаеме дека е веќе докажан скопски ДЏ. Сандра дали ти некогаш си се испробала во диџејство?

Предметот на сликата е Traktor Kontroler Z1.

Сандра: Сум имала прилика да си поиграм на контролерот, а и да свирам на midi – клавијатура. Повеќе би ме исполнило да продуцирам и создавам музика.

 

 

5. Што се овие шарени картички?

Магнети. Кога при некое патување во Европа на мапа лоцираме Tiger, во него трошиме пола ден вртење кругови и полнење на кошница со разни тракатанци. Ги издвоивме магнетите со овошки кои се преливаат при движење и ни враќаат спомени од Барселона.

 

6. И вие ли сте како нас опседнати со добри тефтери и тетратки? Зошто баш Пинокио?

„Never trust people who promise to make you rich in a day“ е една од поговорките што е испишана низ страниците на оваа тетратка. Тука ги собираме сите идеи за Cactus, цртаме, шкртаме…

 

 

 

7. Има ли македонски збор за „spatula“? Дали некоја од вас слика? Можеби двете? Или пак можеби само го обожавате зашто изгледа толку добро?

Сликарска шпатула. Не сликаме на платно, обично ја користиме кога треба да мешаме бои за цртање на парчиња текстил. Нели е прекрасно и релаксирачко да мешаш бои?

 

8. Меѓу омилените предмети го ставате и парфемот Black Orchid од Tom Ford. Зошто? Дали е ова вашиот (или на некоја од вас signature smell)? Кога би можеле да си приуштите облека од било кој бренд од светот, што би купиле прво и од кој бренд?

Сандра е Black Orchid, a Еми е Noir. Tom Ford се разликува од сите други, мирисот не може да се опише со зборови.

DUSEN DUSEN е Њујоршки бренд кој би го одвоиле. Претпоставуваме дека сте веќе запознаени.

 

 

9. Како се вика ова за везење? Двете везите? Кои делови од вашите дизајни сами ги изработувате?

Гергефот е основна алатка која ја користиме кога веземе. Сандра е број еден за тоа. Наша изработка се моделите, илустрациите, везовите и другите техники.

 

10. Двете имате скироли. Овој со енимал принт ни е особено симпа. Од кога ги имате и колку често го возите?

Веќе година дена ги имаме и се обидуваме да ги совладаме камчињата низ Скопските улици. Да имавме време би ги возеле почесто. Моментално ни го разубавуваат работниот простор.

 

 

 

11. Чив е овој качкет? Претпоставуваме на Еми зашто она го носи на фотографиите. Дали ти е драг затоа што е убав или има некоја посебна приказна позади него?

Нема никаква посебна приказна. Нов е и убав.

 

Comments

comments