Силно и со непотребна одлучност во гласот изјавувам дека родителите од „Call Me by Your Name“ се најдобрите филмски родители на сите времиња.

Една од заедничките работи на големите италијански режисери е нивната способност неприметно да те вовлечат во филмот, да ти го интоксицираат организмот со убавини кои е невозможно да ги соџвакаш, и да те измамат дека овој нивни свет е оној во кој (треба да) живееш. А кога конечно, после тие 2 ипол часа, ќе ги оттргнеш очите од екранот, се вртиш накај себеси и накај тоа што те опкружува и бледо го анализираш во обид да го препознаеш.

Го снемува мирисот на плантажите од маслинки, на масивно дрво, мирисот на прашина која ноншалантно се собирала во дупките на тосканската хациенда. Исчезнува прекрасната Liv Tyler на Bertolucci, симпатично-лажниот италијански акцент на David Hemmings на Dario Argento и наивниот поглед на Marcello Mastroianni од филмовите на Fellini.

 

 

А ти остануваш тука, со лаптопот на скут, на истото место каде што последен пат се остави. Не можеш да се одлучиш дали си тажна што овој свет на тесни улички и црвено вино те исплука, или си среќна што воопшто ја имаше шансата накратко да се протнеш во него.

Филмовите на Luca Guadagnino, на чело со прекрасниот „Call Me by Your Name“ (и „A Bigger Splash“ веднаш позади него), совршено се вклопуваат во оваа италијанска кинематографска идила.

Очигледно е. Секоја потрага по омилен момент во ова гнездо од тоскански дрвореди, класична уметност и зрели кајсии е осудена на неуспех. Ја набљудуваш оваа приказна за прва љубов, сместена во светот на 1983-та кога сè уште никому-никаде не му се брзаше, и се обидуваш да грабнеш што е возможно повеќе од нејзините естетски пријатни нишки кои внимателно се отплеткуваат.

За откако конечно ќе се отплеткаат да сфатиш дека целото ова време, додека ги држеше протагонистите во фокус, заборави да ги забележиш двата вистински најпрекрасни ликови во филмot. Ликовите кои сето ова време толку вешто одржуваа растојание, а беа постојатно присутни.

 

Режисерот Luca Guadagnino на сетот на „Call Me by Your Name“

 

Родителите на 17 годишниот Elio го прават тоа што јас се надевам дека ќе го достигнам еден ден како родител: невоздржана поддршка појачана со љубов и почит кон туѓата слобода.

Повикувајќи се на Толстој и неговата фамозна изјава дека „Сите среќни фамилии се среќни на ист начин“, ова семејство постои како доказ дека тоа што среќните фамилии го имаат заедичко е невоздржана љубов која знае дека ништо нема да застане пред неа како препрека. Љубов која не зависи од околности, а само од човечка решителност и искрена чистота.

Верувам дека светот би бил поубаво место за живеење доколку секој амбициозен пар препознае дека ова е тоа кое сите треба да го достигнеме: Оградени од туѓите ставови, кои како тангенти едвај успеваат да нè допрат, заштитени во спокојот на нашата фиктивна, рурална Тоскана.

 

Оцена
4.5Оцена

Comments

comments