Со постмодернизмот во Европа, а особено во уметноста и естетичкото помилување, основната естетска категорија (а ние би додале и онтолошко-космичка) „убаво” се деградира во својата аксиолошка и семантичка димензија, па дури и се маргинализира како анахроност.

Тоа започна од сликарството со Марсел Дишан и неговиот уринарен писоар изложен во галериите.

И во филмската уметност се смета како декаденција категоријата „убаво” да биде како критериум за уметникот.

Под експанзијата на техницизмот и новите технологии многу филмски жанрови згаснаа или исчезнаа во својата посмодернистичка трансформација (од немата комедија на слепстик и вестернот, па се до трилерот и хоророт, како што е во филмовите на Квентин Тарантино). Така се случи и со мелодрамата, а особено со љубовниот филм кој со својот сентиментализам и патетичен хиризам, денес се третира како де-моде, анахронизам и затоа во современата кинематографија љубовта се редуцира на стереотипни сцени: запознавање во диско клуб или кафуле со две-три реплики на штосови, а потоа следната оцена во кревет сведена на физичко-физиолошка дескрипција на сексуален чин без да филмскиот гледач доживува љубовни чувства меѓу ликовите. Тоа е индустријализираноста и комерцијализираноста на филмот како медиум.

Но историјата на филмот во златните времиња на филмската уметност има љубовни ремек дела кои и ден денес го привлекуваат вниманието и ги побудалуваат благородните и топли чувства на љубовта.

Патем, да го споменеме филмот на Жан Виго „Аталанта” (1934година), ремек дело на тема љубовен триаголник. Потоа на Дејвид Лин „Кратки Средби” 1945 година-љубов помеѓу средовечен маж и жена без ниту еден бакнеж. Или пак филмот „Под мостовите” од 1945 година на Хелмут Којтнер – љубов и љубомора, полн со сентимент и топлина. Или пак на Бо Видербет „Големата Љубов” на Елвира Мадиган од 1967 година, мошне идиличен филм со прекрасни пејсажи. И да го споменеме филмот „Еден маж и една жена” на Клод Хелуш со извонредната сцена на водење љубов исклучиво со бакнежи.

Какви и да се ставовите во однос на категоријата „Убаво”, сепак убавината се открива во филмови кои што се одделуваат од мноштвото банализирани и стереотипизирани филмови, каков што е филмот на Павел Павликовски – „ИДА”.

Така и на овогодинешниот филмски фестивал – Скопје (кој се одржа од 22 – 30 април), се издвои како мошне впечатливо и естетски префинето филмско дело тоа на режисерката Ева Нојман – „Песна над песните” од Украина.

 

 

Овој љубовен филм со својата чиста и естетска визуелност, искристализирана филмска форма и исцелизирани филмски кадри со својата композиција и хармоничност на бои; како и мошне суптилното водење на дејствието низ просторот и времето (со користењето на дожд, снег, магла, светлост) и сензибилитет на лирска и меланхолична атмосфера ја раскажува љубовта на децата Шимек и Бузија чиста, наивна и топла.

Тоа се случува на почетокот на 20 век, во една еврејско село во кое преовладува малограѓански менталитет ќој ќе ги оддели животните патеки на Шимек и Бузија без да се реализира нивната љубов како возрасни, кога повторно ќе се сретнат во селото на свадбата на Бузија со друг.

Мошне бајковит филм со автентична сценографија и костимографија, со сфумато атмосфера во кој секој статичен кадар се доживува како слики на фини, префинети и суптилни емоции на носталгија по исчезнатата наивна и чиста, детска љубов како вистина и смисла за нашиот живот на овој свет.

Авторката Ева Нојман со своите естетски чувства и смисла, мошне умешно го води нашето естетско доживување на убавината на филмот.

И овој филм е показ дека филм кој што нема естетска димензија на убавина, не може да биде доживуван во потполност како уметнички и воедно, овој филм е доказ дека филмот како уметност е предиспониран да биде со категоријата „убаво” од проста причина, филмот перцептивно е упатен на сетилата за вид и слух, а тоа се сетила на естетското доживување на хармонијата која ние, перцептивно ја доживуваме како убавина. 

 

Comments

comments