Ќе го започнам текстот исто како што најверојатно го започнавме и ланскиот за Cinedays, со изјавата, дека – „Како и секогаш, и годинава Cinedays нуди одлична програма“.

Познати ни се неколку начини на кои можеш да и пристапиш на програмата на еден филмски фестивал, а сите од нив стануваат за нијанса поедноставни кога знаеш дека зад фестивалот стои тим кој никогаш досега не те разочарал со селекцијата.

Прв од овие наши пристапи во проценувањето на „квалитетот“ на една програма (ок, на тоа колку нас лично, субјективно ни се допаѓа) е вообичаено броењето на режисерските имиња кои ни звучат познато. Оваа година очите ни застанаа неколку пати, а најмногу проблем имаа да се поместат кога дојдоа до Luca Guadagnino, кој не само што е режисер на феноменалните „Call Me By Your Name“ и „A Bigger Splash“, туку овој пат се одлучи да направи римејк на филм од мојот омилен режисер на сите времиња, „Suspiria“ од Dario Argento.

Следен пристап, или подобро – чекор, кој често ни се случува, ни е кревањето раце и правењето на рандом селекција на неколку филма (максимум 3 во еден ден) кои ќе ги гледаме еден по друг. Вообичаено ова е во согласност со тоа кои денови немаме јога после работа и колку часови имаме пропуштено до сега. Пријателите математичари веруваме ќе се согласат со нас и со возбудата што доаѓа со случајниот избор.  

Оваа година, воодушевени, и оставаме помалку простор на среќата, а повеќе на паметниот избор, па во продолжение се 10-те филма кои решивме дека дефинитивно, со план, нема да ги пропуштиме.

 

Suspiria

17 ноември | 23:00 | кино Милениум
IMDB: 7.2

Како да не започнам со Suspiria? Во режија на одличниот Luca Guadagnino („Call Me By Your Name; „A Bigger Splash“), во главна улога уште попрекрасната Tilda Swinton, саундтрак дело на Thom Yorke, и сето римејк на филм од мојот омилен режисер, Dario Argento. Ед-вај че-кам.

 

 

The Favourite

16 ноември | 20:00 | кино Милениум
17 ноември | 15:00 | кино Милениум
IMDB: 8.1

Уште еден филм кој го бираме по звучното име на режисерот. Yorgos Lanthimos е ликот кој стои позади „Lobster“, „Dogtooth“, „The Killing of a Sacred Deer“. Во главна улога е Emma Stone, на IMDB има оцена 8.1, а описот започнува со „Ран 18 век. Англија е во војна со Франција. Но, и покрај тоа, трките со патки и јадењето ананас се во полн ек.“ Зар можеш да одолееш?

 

 

Everybody Knows

13 ноември | 22:30 | кино Милениум
14 ноември | 15:00 | кино Милениум
IMDB: 7.1

Asghar Farhadi (од Иран) е одличен режисер. Од другите негови филмови омилен ни е „A Separation (2011)“, а овој звучи како да е во најмала рака подеднакво добар. Во главните улоги се Penélope Cruz и Javier Bardem, а дејството се случува на лозје во село во Шпанија.

 

 

Blackkklansman

15 ноември | 20:00 | кино Милениум
16 ноември | 17:30 | кино Милениум
IMDB: 7.7

Blackkklansman е најновото дело на легендарниот Spike Lee, а ја разработува темата на Кју-Клукс-Кланот (ККК) и неговото влијание во раните 80-ти во Америка. Филмот ја следи приказната на Ron Stallworth, првиот детектив афроамериканец во полицискиот оддел во Колорадо Спрингс.

 

 

The House That Jack Built

11 ноември | 22:30 | кино Милениум
12 ноември | 17:30 | кино Милениум
IMDB: 7.1

Се разбира дека нема да го пропуштиме Lars von Trier. А оваа година ќе имаме можност да го погледнеме неговиот најнов филм, „The House That Jack Built“, кој ја следи приказната на американски сериски убиец од 70-тите.

 

 

Dоgman

16 ноември | 22:30 | кино Милениум
IMDB: 7.5

Добитник на поголем број на награди, меѓу кои и за најдобра главна улога на фестивалот во Кан, „Dogman“ е филм во режија на Matteo Garrone, со Marcello Fonte во главна улога. Приказната го следи Марчело, ситен и нежен професионален грумер на кучиња, кој ќе се најде вовлечен во опасен однос на потчинетост кон Симоне, поранешен боксер насилник.

 

 

Види ја ти неа(МК)

17 ноември | 21:00 | кино Фросина
IMDB: 7.6

Краткометражен филм (20 минути) во режија на Горан Столевски, добитник на голем број на награди меѓу кои и за „Најдобар интернационален игран филм“ на 34-тиот Филмски Фестивал Санденс. Ја следи приказната на младата Анета, која се обидува да ги реши проблемите во нејзиното семејство и училиште, преку приклучување во исклучиво машкиот верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

 

 

Don’t Worry He Won’t Get Far On Foot

15 ноември | 22:30 | кино Милениум
16 ноември | 15:00 | кино Милениум
IMDB: 6.9

Искрено, не само што е во режија не неверојатниот Gus Van Sant, туку дополнително го избравме и затоа што во последно време (како и останатиот дел од светот) сме опседнати со Jonah Hill. А покрај неговото име стои и тоа на Joaquin Phoenix, па таму некаде при крајот на листата (што значи се појавува бар на кратко) ја пишува и Kim Gordon од Sonic Youth!

 

 

Via Carpatia

17 ноември | 19:00 | кино Фросина
IMDB: 4.4

Од официјалната селекција најмногу впечаток ни остави она што го прочитавме за „Via Carpatia“ на сајтот на Cinedays, односно: „Пјотр и Јулија со месеци го планираат нивниот одмор. Тие дури се имаат погрижено со себе да го поведат и нивното домашно милениче – желка. За жал, плановите ќе им ги расипе мајката на Пјотр, која сака Пјотр да го донесе дома неговиот татко, бегалец…“

 

 

The Chaotic Life of Nada Kadic

16 ноември | 21:00 | кино Фросина
IMDB: 6.4

Се разбира дека нема да ја прескокнеме балканската селекција, а во најмала рака ќе го изгледаме „The Chaotic Life of Nada Kadic“. Не само затоа што беше прв на листата, туку затоа што е мексиканско-босанска копродукција. Колку кул звучи тоа? Филмот е во режија на Marta Hernaiz Pidal, а во главните улоги се јавуваат Aida Hadžibegović – Đombić и Hava Đombić.

 

Comments

comments