Реге или онаа музика која оди како саундтрак, додека полека се пржите на 350 Целзиусови степени во третиот круг на Пеколот. Ма не, тоа е она коа сите се надувани. И слободни 😉

Шегата на страна, реге е музички жанр, прв пат развиен во Јамајка, во 60тите години и се базира на ритмички стил карактеризиран со акценти на оф-битот, познат и како Сканк (супер:))). Реге музиката обично ги акцентира вториот и четвртиот удар во секој такт со ритам гитара, нагласувајќи го третиот удар или држејќи го акордот на вториот удар, додека се свири четвртиот.

Звучи комплицирано? Само додека читате за тоа. Пуштете си малку реге музика и веднаш се е далеку поопуштено. Еве на пример пуштете си ги Conquering Lion, нашиот далеку најквалитетен, најдолготраен и најуспешен бенд од тој стил.

Даб/реге/кросовер бенд од Тетово, кој своето творештво го започнува некаде во април 2007. Во октомври 2009 бендот го издава својот прв албум едноставно насловен како I за PMG Recordings; вториот Know Your Wisdom следи во 2011 за истиот лејбл; 2013та е за третиот албум Revelation, кој го издаде Password Production; актуелниот 4ти по ред албум Land of Confusion е издаден за американската дискографска куќа Locksmith Records и беше номиниран за најдобар реге албум на Греми наградите во 2017 и за албум на годината на најголемиот реге портал во Европа, Reggeaville.

Ене го кај е и април 2018, кога Conquering Lion одбележуваат 11 години од своето постоење. Вредни, амбициозни и уверени во своите квалитети и она што го нудат, ДОБРИ ЉУДИ од Тетово, овие денови промовираа нов видео спот, а за 5ти април е предвиден и концерт во Станица 26, вистинско уживање за нивните фанови, но и сите оние кои го почитуваат квалитетниот реге звук. Нивните настапи во живо се секогаш висококвалитетни свирки, на граница на тотално шоу. Не попусто се еден од најзафатените македонски концертни бендови последниве неколку години.

 

 

Оваа песна го најавува новиот, петти по ред Conquerin Lion албум. Искористивме згодна прилика да поразговараме со Mane Rootsman, фронтменот на бендот.

Здраво Мане, како си овие денови? Твојот бенд Conquering Lion прославува 11ти роденден, имате нов видео спот. Кажи ни збор два на темата.

Се чувствувам одлично поради тоа што во изминатиов период сум продуктивно зафатен и целиот труд што го вложуваме со Conquering Lion полека но сигурно почнува да дава позитивни резултати. Баш брзо поминаа овие 11 години и еве веќе се спремаме за 5-ти студиски албум кој е во процес на снимање, така да очекувам и оваа година да помине брзо и работно со готов албум. Првиот сингл од овој албум е наречен “Shine” и сметаме дека ова се тие вибрации кои му фалат на овој народ да се издигне над целата политичка и социјална ситуација во нашата мала држава. Деновиве сите се презафатени со нервози, правдања, објаснувања, несогласувања и сето тоа води кон една конфузија од која нема излез, но ако засветиме длабоко од душата може да се случи чудо и работите да се сменат за 360 степени. Видео спотот го изработи Brensis Production и беше премиерно објавен на најголемиот реге портал во Европа – Reggaeville на 23.03.2018.

 

11 години, 4 албума и навистина мошне солиден број на отсвирени концерти и секако јасно приметлив музички развој на бендот….Се чини дека Conquering Lion полека стигнаа во позиција на водечка реге даб снага во нашата земја. Какво е твоето чувство за нештата по 11 години?

Пред се сум благодарен што од формирањето на бендот па до сега гледам дека реге сцената и интересот за оваа музика во Македонија се зголемува се повеќе и повеќе, а уште повеќе ми е мило што ние сме главните двигатели за целата таа сцена. Имено во изминативе 11 години успеавме да угостиме доста познати реге имиња преку заеднички настапи на нашите фестивали, кои беа и дел наша организација. Факт е дека одиме напред и се надевам дека за кратко време ќе се роди нов голем реге фестивал кој ќе прерасне во традиција, па еден ден ќе може да се видат најпопуларните реге артисти и кај нас.

 

 

 

Последниот албум го издадовте за странска дискографска куќа. Дали го добивте посакуваното за бендот од таа соработка?

Locksmith Records се покажа како одличен издавач. За првпат во нашата кариера, нашиот албум беше достапен на глобално ниво, во повеќе од 200 онлајн музички продавници буквално низ цел свет. Покрај тоа, албумот беше дистрибуиран и во неколку музички продавници во САД, па за прв пат нашето ЦД се продаваше на американскиот пазар.

Најголемиот успех од страна на Locksmith беше тоа што успеа да го номинира “Land Of Confusion” како предлог за Греми Наградите – Едиција 60та – 2018. За жал не успеавме да влеземе во потесниот круг односно во финалните топ 5 артисти, но најбитно е што албумот се најде на официјалната страна на Recording Academy и доби поголема препознатливост.

 

На 5 април во скопскиот клуб Станица 26 имате роденденски концерт. Што може публиката да очекува од вас во таа прилика?

Како и секогаш, позитивна енергија, мир, љубов и толеранција. Подготвуваме и едно мало изненадување за „добрите људи”. Тоа ќе биде една вечер за паметење бидејќи ќе се спојат двата братски правци хип-хоп и реге во еден настан. За хип-хоп делот ќе се погрижат мајсторите од Фанки Фреш, диџеите Гоце и Чваре. Се гледаме таму! Една Љубов!

 

Comments

comments