Спонзорирано од Vip
Фотографии: Елена Фиданска

 

Отприлика еднаш месечно додаваме по еден локален бенд во секцијата „Македонски бендови кои треба да ги знаеш”. Досега се запознавме со Зад Аголот, Khara, Fierce и Funk Shui.

Овој месец сакаме да те запознаеме со еден млад и прилично нов скопски бенд, Cóntact 59. Победници на овогодишниот Лузер Фест кои ја имаа честта да ја отворат главната вечер на Таксират 2016, каде ја делеа сцената со неколку легендарни македонски бендови: Санаториум, Фолтин, Чиста Околина, Кирил Џајковски и Архангел.

Cóntact 59 се инди-рокери со класична рок постава: гитара, бас, тапани и вокал. Четворицата се прва година на факултет и свират заедно скоро две години. Имаат неколку песни, но сè уште немаат снимено албум. Кога се запознав со нивната музика, првата асоцијација ми беше Warpaint (бенд кој често се слуша во канцелариите на Reborn) и инди бендови како Beach House и Wild Beasts. Кога ги заслушав подобро сфатив дека сепак имаат и многу влијание од класичниот гитарски/jam рок, од типот на Allman Brothers Band и Jimi Hendrix.

Со Елена тркнавме до нивното студио во Карпош 4 (кое го делат со Funk Shui) каде гостувавме на една од нивните проби и ги запознаеме подобро.

 

 

Честитки за победата на Лузер Фест 2016. Како победници, ја отворивте главната вечер на овогодишниот Таксират. Како поминавте?

Благодарност! На Таксират беше одлично; убава енергија и луѓе. Знаејќи со колку значајни уметници сме на иста сцена, еден вид гордост нè исполнуваше цела вечер. Прилично беше големо целото случување, поголема сцена, публика, а трема ептен минимална, заменета со еуфорија и исчекување за се она што следеше во ноќта.

Пофалби за целата организација на фестивалот, за сите фотографи кои го покриваа настанот, особено големо браво за Александра Костадиновска (Aaaesthete) и Михаил Намичев и предобрите видеа кои ги направија од целиот фестивал! Зачувување моменти on point!

 

 

Кога и каде настапивте за прв пат како бенд? Колку време постоевте пред вашиот прв настап?

Прв настап бендски ни беше годинава на Орце Гала Вечер, настан што традиционално се одржува секоја година за патронатот на гимназијата и секогаш е преполно со интересни луѓе. Прејако беше што иако ни беше прв настап имаше луѓе што потпевнуваа делови од песните. Ептен убав момент на давање и примање позитивност.

Пред тој настап постоевме веќе година дена, но секако со сосема друга сериозност и ритам. Се имавме насочено кон наоѓање на наш звук и движење, за првично да се дефинираме како бенд.

 

Како дојдовте до името на бендот? Има ли некакво значење/приказна?

До името дојдовме многу природно и спонтано, на школски одмор. Едноставно и многустрано. Контакт – меѓучовечки, меѓу жица и звук, кога капка вода паѓа во океан, контакт и во именик. А 59 е бројот на зградата во која порано правевме проби, местото беше наречено „Пештера“ и е поранешна бурекџилница, комплетно лишена од изолација.

 

Претставете ни се, еден по еден – што е вашата улога во бендот и што правите надвор од Cóntact 59?

Љубен Дерибан  гитарист, студент по медицина, обожавател на зима, снег, планина, чај и бордање. Љубен ни е водич во процесот на правење нова музика.

Давид Цветкоски – басист, студира филозофија, кога не е на проба ќе го најдете пред лаптоп како гејма. Давид ни е духот на бендот.

Љубен Маџиров – тапанар, ќе ни заминува во Лос Анџелес да студира на Musicians Institute. Секаде ја носи матичната Струмица со себе и позитивни атоми.

Сите тројца бордаат.

Ива Јованова – вокал, студент по архитектура, пишува текстови, слика во многу, многу бои и често ќе ја најдете загледана во некое движење. Фасцинирана е од простор. Во големи групи игра или се смее, гласно.

Ива не умее да борда.

 

 

Колку песни имате досега? Имате ли план за албум? Ако да, кога може да го очекуваме и дали имате идеја каде би го снимале?

Досега, не броејќи ги оние песни кои постојат само како скици, имаме вкупно 6 песни. Спремаме албум да, и ќе биде сниман кај Ивица Јанкуловски во Alshar студио, познато и како MarryPhat. За Ивица можеме да кажеме дека е како дел од бендот и дефинитивно највлијателната личност во нашето развивање. Сè уште е рано за албумот и сакаме да си дадеме време за да го направиме баш како што треба, секоја мисла и идеја да се оформи и исполни до крај, НО пролет ни звучи како убав период за снимање.

Иначе, очекувајте нешто ново во брзо време, како најава за еден проект кој следи.

 

Како се оформи бендот? Од каде се познававте пред тоа?

Давид и Љубен се долгогодишни другари, се знаат со Бубче од бордање, а Љубен и Ива како соученици во средно со идеја за бенд поткренаа иницијатива и за кратко се најдовме сите заедно во Пештера од каде се започна. Деца со идеја и желба за музика лесно се спојуваат. Во ист состав сме од самиот почеток.

 

 

Кој ви е омилен момент кој сте го имале како бенд до сега?

Има многу! Најблизок е дефинитивно Лузер Фест. Целата вечер беше шарена, од оние вечери кои оставаат убава трага. Спонтано и топло, иако на -10 степени. Крајот од настапот го спремивме буквално триесетина минути пред да започне фестивалот, кај Љубен во кола со на Ива текстот напишан утрото истиот ден; Moжеби бидејќи ептен импровизациски за прв пат беше изведено, ама тој беше еден од најискрено исполнувачките моменти на бендот и прво нешто испеано на македонски јазик. Сега имаме и уште.

 

Издвојте три актуелни артисти кои според вас вреди да ги знаеме.

Warpaint, Alt J, Dot Hacker и од нашите секако Funk Shui, Pluto’s Doubts, и дефинитивно Lincoln Letter.

 

Како би ја опишале музиката што ја правите?

Во постојано движење и менување; Би кажале повеќе песни во една. Не знам колку би ја сместиле во еден конкретен жанр, најблиску сме до алтернативна музика/алтернативен рок.

 

Ако ви се допаѓаат _______, _______ и _______, ќе ви се допаѓа и Cóntact 59.

Ако ви се допаѓаат Warpaint, Radiohead и забава, ќе ви се допаѓа и Cóntact 59.

 

 

Со кој од домашните музичари / бендови би сакале да настапите заедно?

Искрено ги почитуваме сите домашни музичари, и постарите и новите генерации. Се надеваме дека во иднина македонската алтернативна сцена ќе се шири и ќе добие уште поголеми размери. Би настапувале со сите со кои имаме позитивни вибрации и убава атмосфера.

 

Comments

comments