Град Скопје од 2017 година e партнер во проектот CreArt (Network of Cities for Artistic Creation), ко-финансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Комисија.

Проектот CreArt (Мрежа на градови за уметничко творештво) преставува европска мрежа составена од градови и јавни и приватни културни институции. Целта на проектот е да одговори на одредени потреби што ги споделуваат европските културни институции и уметници: да го максимизираат економскиот, социјалниот и културниот придонес кој визуелните уметности можат да ги направат со подобра поддршка на уметниците, менаџерите, индустријата и пошироката јавност, овозможувајќи им да креираат, изложуваат и да уживаат во уметничките дела, како и да добијат пристап до обуки преку семинари, резиденции на уметници, работилници и истражувачки програми.

CreArt го воспостави годишното прославување на „Европскиот ден на уметничка креативност“ (European Day of Artistic Creativity) на 21 март во сите градови кои се дел од оваа мрежа, но и во градови и институции од Европа кои сакаат да ѝ се приклучат на иницијативата. Целта на иницијативата е истовремено одбележување на уметничка креативност во цела Европа, со отворени активности во музеи, јавни и приватни културни институции, уметнички училишта, галерии, училишта, трговски и угостителски објекти и слично. Европскиот ден на уметничка креативност е замислен како настан кој треба да стане отскочна штица за нови, оригинални и неопходни идеи насочени кон публиката, јавноста, професионалците од областа на културата, институциите и слично.

Градот Скопје во соработка со Музеј на град Скопје по втор пат и оваа 2019 година го одбележува “Европскиот ден на уметничка креативност“ преку серија од активности кои вклучуваат изложби, уметнички разговори, работилници за дизајн и рециклирање на материјали со учество на училишта, ученици и студенти по дизјан, а истите ќе се оддржуваат на повеќе локации во Скопје.

Една од главните цели што „Европскиот ден на уметничка креативност“ се обидува да ги следи е да докаже дека креативноста е став, вештина присутна кај луѓето, која може да се стимулира и збогати. Со приклучување кон мрежата на градови CreArt, Град Скопје внесува иницијативи во културниот живот во Скопје во полето на визуелните уметности преку воспоствување на нови меѓународни партнерства и размени, а истовремено им овозможува учество на уметниците и кураторите од Скопје во програмските активности кои се оддржуваат во градовите-партнери во проектот.

Повеќе информации за CreArt на : https://creart2-eu.org/.

 

„Портали“

Со изложбата „Портали“ Град Скопје ќе го одбележи Европскиот ден на уметничката креативност, како дел од проектот CreArt (Мрежа на градови за уметничко творештво).

Изложбата ќе биде отворена во четврток во Музеј на Град Скопје и ќе ги претстави делата и идеите на девет млади автори: Александра Ацеска, Ана Јовановска, Ива Станковска,  Ивана Мојсовска, Игор Таневски, Кристијан Јованоски, Кристијан Тодоров, Тамара Антевска Бајдевска и Филип Ивановски-Пепе.

 

 

Делата рефлектираат на испревртен систем на вредности што води до анархични дејства, од кои резултатот е девастација на средината во која живее современиот човек. Според краторот на изложбата Благоја Варошанец, преку своето творештво младите уметници дејствуваат локално, но размислуваат глобално користејќи различни уметнички медиуми како изразна алатка.
-Итноста на потребата за корекција на исчанчената слика на реалноста ја чувствуваме со секој следен здив, со секој поглед врз сметот кој нè опкружува, со секој деформитет на новородено дете, што го претвора гласот на овие уметници во универзален врисок кој делува како грмотевица која ќе нè разбуди од пасивниот ментален амбиент и, конечно, ќе не доведе до повисоко ниво на ментална хигиена, наведува Варошанец.

 

Comments

comments