Фотографии: Марјан Петковски

 

Кој вели дека летот на галебот е со една и единствена цел, да го улови пленот и да се нахрани? Дека треба да е блиску до копното и не многу вивнат во височините? Дека случајно скршнување од секојдневната активност е зло?

Метафорично, преку приказната за галебот на Џонатан Ливингстон, претставата „Да ми го поздравиш и да ми го бациш“ во режија на Билјана Радиноска и прекрасната четворка инспиративни актери: Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Симона Спировска, зборуваат за нашето општество, институциите, менталитетот, стереотипите, за местото на театарот во нашето општество, за покорноста и храброста, за безобразлукот и честа.

Станува збор за претстава која зборува за политички, филозофски и општествени прашања, а патем зрачи со уметност и одлична глума. Без одолговлекување, без досада, ништо повеќе и ништо помалку. Во неколку зборови, прецизна, интимна и револуционерна претстава која освестува.

 

 

Конекцијата на актерите (кои неверојатно лично и емотивно си ги понесоа улогите) со публиката беше цврста и крајно непосредна. Нивните тела се медиуми преку кои ни оставаат порака во која треба да се пронајдеме, која ќе нè утеши и поттикне, со која ќе се сложиме или ќе се спротиставиме. Единствената мисла додека се на таа сцена е токму пораката и играта, ослободени од сите стеги и мисли околу нив.

Паралелата која се прави со нашето секојдневие е вистинска шлаканица за тоа колку овој народ заборава на основните вредности и вистинската цел на постоењето. А оние пак кои успеале да останат со интегритет и желба за висок лет, се жигосани и остро осудени од останатите птици во јатото, осудени од сограѓаните, казнети од системот.

Додека ја гледав претставата ги слушнав имињата на моите другарки и другари, знајни и незнајни. Ги препознав ситуациите, го препознав гневот, се пронајдов во копнежот. Или како што ми рече Бане при излегување од МКЦ – за прв пат се препознавам во еден цел хаос, и тоа прави некако убаво да се чувствувам. Веројатно затоа што се поистоветуваме со галебот, што знам.

 

 

Претстава за непокорните кои не се плашат да ги рашират крилјата и да се вивнат накај слободата, претстава за апологетите на власта кои ги стегаат своите крилја, плашејќи се дека ќе им бидат изгорени. Претстава за премолчувањето и лицемерието, за искреноста и издржливоста.

Последните зборови пред да се запалат светлата беа „не нè оставајте и пренесете ја пораката“. За да биде уште помагично, истите беа проследени со мелодијата „Ne me quitte pas“ на Jacques Brel.

Честитки за цела екипа!

 

Comments

comments