Модната пролет во Скопје стартува токму вечерва, во 20 часот, во Салонот на „Порше Македонија“, со најновото издание на Моден викенд Скопје.Во знакот на модните 80-ти години на минатиот век, скопјани, но и сите љубители на модата во државата, добиваат вистински викенд-подарок: повеќе ревии, многу музика, многу забава и прекрасни модни идеи.

Високата мода, но и онаа casual, овој викенд ќе биде во фокусот на вниманието на сите „трендери“, а и вљубеници во добриот изглед и добрите и атрактивни креации на облеката.

„Време е за осумдесеттите, време е за Моден викенд Скопје“, е слоганот со кој Моден викенд Скопје го одбележува стартот на сезоната пролет-лето 2016 година, на кој ќе понуди тринаесет модни ревии, презентации на нови брендови и забава под маски, а во периодот од 1 до 3 април. А сето тоа под мотото „Да живеат осумдесеттите!“.

 

Фотографија: Мартин Пацов Саровски (FWSK, октомври 2015)

 

Ревискиот дел кој ќе се одржува од 1 до 3 април во салонот „Порше Македонија“ ќе го отвори дизајнерката Росица Мршиќ со колекција инспирирана од женските ликови од портретите на сликарот Амадео Модилјани.

Истата вечер на 1 април, ревии ќе имаат и дизајнерките Олгица Ѓоргиева со парчиња облека кои ги следат светските модни трендови споени со нејзиниот веќе познат стил и Силвија Михајловска (модно ателје Алшар) поддржана од „Скопско“. Колекцијата на Михајловска наречена „Sakura (In)Fusion“ ќе биде надополнета со рачно изработен накит инспириран од колецијата, а дизајниран од Елена Ристовска. Веднаш по ревиите во „Порше Македонија“ ќе следува и забава под маски со музички хитови од осумдесеттите.

 

Фотографија: Мартин Пацов Саровски (FWSK, октомври 2015)

 

Вториот ден ќе започне со групна ревија на студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет на РМ, на тема „Шари и текстури“. За прв пат на настанот ќе се претстави дизајнерката Тијана Младеновиќ од Србија, која доаѓа преку соработката на Моден викенд Скопје со српската модна организација „БАФЕ“. Следуваат ревиите на модната куќа „Линеа“ и брендот „Elezi Paris“ чии креации ги потпишува дизајнерката Флора Елези од Париз. Елези која има македонско потекло, дипломирала на престижниот универзитет Сорбона. За крај на втората вечер ќе ја видиме колекцијата на Ирина Тошева поддржана од „My:Time“ и Министерството за култура на Репулика Македонија. Колекцијата која Тошева ја изработи во соработка со архитектот Никола Кунгуловски, ја екстрахира геометријата на највпечатливите везови од минатите столетија.

Последниот ревиски дел ќе го отвори групна модна ревија на косовските дизајнерки Дренуша Џара и Јилка Брада, која пред македонската публика ќе се претстави за прв пат. Дијзанерките се поддржани од „КАМА“ и „USAID EMPOWER“. Најновата колекција на „JZJ by Zlatko Jovanovski“ која го носи името „ JZJ’S Kingdom“ веднаш по ревијата ќе биде пратена во Лондон кадешто креациите ќе бидат достапни во салон од кој најчесто креации изнајмуваат ВИП личности.

 

Фотографија: Мартин Пацов Саровски (FWSK, октомври 2015)

 

Третиот ден ќе ја видиме и „Bocho Chic“, колекцијата на дизајнерот Никола Петровски со која годинава одбележува 20 години од својата прва ревија – поддржана од „ПроМедикаЕстетик“ и ревијата на „SIGMA Jewelry“ – кои се познати по уникатниот накит. Тридневното ревиско случување ќе го затвори познатата дизајнерка Лидија Георгиева.

Во фоајето на „Порше Македонија“ ќе бидат изложени и моделите на „Farina’s handmade“, „Fashion&Friends“ кои ќе презентираат инсталација наречена „Fashion Herbarium“, во која впечатливите парчиња од тексас и модните додатоци се прикажани во форма на моден хербариум, испреплетени со природни елементи – дрво, зеленило и цветови. Јагода Пачемска од арт-студиото за цвеќе „Фа-Бу“ ќе претстави ексклузивен фустан изработен од свежо цвеќе.

„Пакомак“ и Моден викенд ја продолжуваат грижата за природата, па така и овој пат сите печатени материјали ќе бидат на рециклирана хартија.

 

Comments

comments