Фотографии: Мартин Пацов Саровски

 

Што имаат заедничко добриот мебел, Café Racer моторите, винтиџ фотоапаратите и дрвените лонгборди? — Дарко Христов.

Неодамна дојдовме до ретко-за-нас-генијална идеја: да ја споделиме приказната на Дарко Христов, човекот позади Monozero. Во истиот тој момент помеѓу тимот на Reborn се раздвижи едно мини-торнадо. Во најпозитивна смисла во која едно торнадо може да биде, нели.

Бане и Дона, во стилот на Uma Thurman и Lucy Liu во „Kill Bill”, ги наострија катаните и влегоа во борба за тоа кој ќе помине еден ден со Дарко. Бане беше Uma. Бане победи.

Дарко е човек со сериозни апетити кој ја дисперзира својата креативност преку мал милион различни и навидум неспојливи пасии, а сето тоа на еден карактерситичен начин. Отсекогаш ги обожававме феноменалните дрвени креации на Monozero, но овој пат, признаваме, вниманието ни го украде неговиот дрско кастомизиран Café Racer BMW R65 од 1980 година.

 

 

Веќе знаеме дека пасија ти се фотографирањето и реставрацијата на мотори. Што повеќе треба да знаеме за нив за подобро да те разбереме?

Што е животот без пасии? Кај мене некои се поситни, некои се покрупни. И не сите ги следам до ист екстрем. Пример за пасија која што не ја наведовте се „vintage“ аудио системи (засилувачи, грамофони, звучници).

Како и кај моторите и во овој случај не би го употребил зборот реставрација, бидејќи мене не ми е целта да ги вратам работите во нивната првобитна состојба и на некој начин да ги конзервирам за иднината, туку да ги прилагодам според моите видувања и потреби и да ги користам секојдневно. Со други зборови, не ме интересира трофејната вредност на работите, туку употребната и секако естетската.

Кога велам „vintage“, мислам на периодот на касни 70ти и рани 80ти години од минатиот век. Сметам дека тој период претставува врв на западната цивилизација со врвни достигнувања во инженерска, естетска, квалитативна смисла. Во тој период во индустриското производство се употребувани вистински и искрени материјали (алуминиум, челик, кожа, дрво, стакло), при што основен фокус бил квалитетот на производите, а не трошоците на производство, нешто што ми е исклучително важно и во процесот на производство во Monozero.

Од 80-тите навака пластиката влегува низ голема врата, доаѓа до светските кризи, а со тоа „cost-cutting“, оптимизации стануваат главна корпоративна мантра и фокусот од производството се префла на маркетинг и продажба со ригорозна контрола на трошоците за производство.

Маркетинг луѓето стануваат поважни од инженерите во компаниите. Токму заради ова кога бирам што ќе модификувам или кастомизирам, без разлика дали се работи за велосипед, мотор, засилувач, автомобил, фотоапарат, скејтборд секогаш одбирам производи од овој период.

 

1a_13

 

Не знаеме доволно за Café Racer моторите. Ќе ни кажеш ли нешто повеќе за нив?

Café Racer менталитетот е многу повеќе од транспорт од А до Б. Се работи за патување надвор од структурите и рамките, талкање наоколу со отворен ум, при што целта не е одредена дестинација туку нови искуства.

На вакво патување може ќе го изгубите патот, но ќе се пронајдете себеси и ќе ја почувствувате таа прекрасна илузија за слободата.

Историски гледано Café Racer културата потекнува од Лондон во 70тите. Во денешницата овој израз се користи поради немање на подобар термин кој ќе ги обедини сите правци на модификување на мотори. Се работи за тренд кој што се појави пред отприлика 5 години во светски рамки и дојде после одредена вакуум фаза по опсолетизирањето на chopper културата околу 2000та.

Современиците по потрага по свој израз и печат се инспирираат од Café Racer движењето, меѓутоа модификуваните мотори не преставуваат Café Racer – и во пуританска смисла на терминот. Имаме облици на bobber, street tracker, scramblers, brat style итн.

Café Racer-от како преовладувачки облик и најсилно влијание во оваа смисла се користи како групен поим за новиот култ на две тркала. Слободно може да се каже дека секој мотор што не е тркачки, chopper или cross и потекнува од минатиот век влегува во оваа категорија, со единствено барање да биде модификуван, прилагоден и да го отсликува карактерот и стилот на сопственикот или креаторот.

 

 

Раскажи ни за твојот BMW Café Racer.

Се работи за BMW R65 од 1980 година за кој е карактеристична двоцилиндрична воздушно ладена боксер машина од 650 кубика и 50тина коњски сили кои треба да се справат со тежина од 200 килограми.

Она што мене ме привлекува кај овие стари BMW мотори е фактот што целата механика и сите функционални делови се видливи, не се сокриени со пластични оклопи и маски како кај модерните мотори. Згора на тоа машината има изразен туринг карактер и сила при ниски вртежи, како и специфични вибрации бидејќи се работи само за два цилиндри.

Она што не ми се допаѓа кај овие мотори е изразениот фокус на практичност и употребливост, а помалку на естетика и пропорции. Имајќи го ова во предвид, во овој мотор видов одлична основа за модификации. Пример, вилушката е променета со модел од постар BMW R60 која е дополнително скратена за 10 см. Користен е резервоар од BMW R100 кој што е исечен и модификуван заради незграпните пропорции на оригиналот. Помошниот рам под седиштето е целосно модификуван заедно со задната суспензија.

Сето ова е за да се добијат поелегантни пропорции. При тоа, отстранети се сите делови кои не се апсолутно нужни за возење мотор. Инаку, сите овие BMW мотори од 80тите во Македонија потекнуваат од полициски извори, па така и мојот.

 

1a_5

 

Како изгледа процесот на кастомизација?

Целиот процес траеше три години и ако ме прашате мене сè уште не е завршен. Кога го купив моторот мојата идеја беше со лесни модификации да дојдам до посакуваната визија, меѓутоа самиот процес доби сопствена динамика и ме завлече во многу посуштински промени.

Во моторот се вградени делови кои се нарачувани од 30тина различни локации од целиот свет, како и рачно изработени делови од дрво, кожа, алуминиум, месинг.

Целиот мотор е два пати растурен до последното штрафче. Рамот и многу други делови се пескарени, лакирани одново. Сите штрафчиња се заменети со нови од инокс, алуминиум или титаниум. Сите алуминиумски делови се рачно стругани. Машината е функционално обновена.

При кастомизација на моето BMW R65 од 1980 се исфрлени и онака малкуте пластични делови и заменети се со други делови од постари модели на BMW мотори или се изработени нови, како што е случајот со дрвената командна табла и дрвеното подседиште.

На тој начин добиваме мотор кој не може точно временски да се лоцира, ниту пак да се идентификува како конкретен модел на BMW, туку се надевам дека носи личен печат и гордо зборува за визијата и пасијата со кој е изработен.

 

1a_11a1a_7 copy1a_8

 

Дали некогаш си учествувал во моторџиски настан?

На моторџиски настан, како таков, не сум учествувал досега, меѓутоа редовно со другарите со исти пасии организираме Gentlemen Ride низ Македонија. Оваа година во план ни е Сицилија.

 

Сподели ја со нас твојата најдобра анегдота што те вклучува тебе и твојот мотор.

Не ме бива за раскажување анегдоти, имам само едно да ви кажам — „Whatever you do, it’s better in the wind.”

Затоа што ја читавме „On the Road” од Jack Kerouac и секогаш го избираме помалку изгазениот пат, затоа што понекогаш е подобро за душата да се заврши работата со несодветни алатки, затоа што моторите како и луѓето се интересни само ако имаат изразен карактер, затоа што се поврзуваш со машината кога ќе се адаптираш на нејзините специфики и несовршености, а не заради тоа што уживаш во нејзината перфектна работа.

Патувањето со мотор на кој што си работел три години, си потрошил многу енергија, време и пари е уникатно доживување. Сите сетила се будни. Перцепцијата на околината е вонредна. Сите мириси се восприемаат директно. Чувството на слобода е впарено со чувство на ранливост, изложеност на опасност, и тоа те прави да се чувствуваш поживо.

 

1a_17

 

Може ли за крај да се свртиме малку и кон твојот интерес за фотографија и фотографски апарати?

Фотографијата за мене претставува и повеќе од пасија, комплетен светоглед кој ви отвора многу врати во животот. Барем за мене беше така, преку неа дојдов и до моторите.

Од друга страна, генерално гледано, фотографијата стана сеопфатна и сеприсутна. На пример, во последните две години се креирани повеќе фотографии отколку во целата историја на човештвото дотогаш.

Оваа сеприсутност и хипер продукција драстично и отежнува да се носи рамо до рамо со другите уметности, при што често и е негиран тој статус. Тука има една контрадикторност во тоа што е полесно од било кога досега да се направи фотографија, но во исто време е потешко од кога било досега да се направи добра фотографија која ќе отскокнува од морето фотографии кои нè опкружуваат.

Имајќи го сево ова на ум, фотографијата за мене претставува интроспекција најдлабоко во душата. Притоа, не ја практикувам фотографијата чисто поради уметност, пари или слава, иако овие атрибути можеби имаат одредена важност. Главната инспирација е да се постави директна и јасна конекција на длабочините на внатрешноста со надворешниот свет.

Притоа, не сум исклучиво заинтересиран само за крајниот резултат – фотографијата, туку и за процесот ерго фотоапаратите меѓу другото.

Знаете, конвенционалната мудрост вели фотоапаратите се само алатки. Лично мислам дека тоа е нонсенс. За креаторот алатките претставуваат многу лична работа. Секоја е избрана поради точно определни причини. За креаторот апаратот претставува сопатник и инспирација. Да ви одговорам на прашањето, јас имам 10тина фото апарати, некои на филм, некои дигитални. Одлуката со каков апарат ќе излезам од дома изутрината драстично влијае на резултатот со какви фотографии ќе се вратам дома вечерта. Но тоа во никој случај не значи дека фотоапаратите сами ја прават фотографијата, тие секако влијааат на фотографијата, но не ја прават добра или лоша сами по себе. Како што не значи дека ако имате добри тенџериња ќе направите добар ручек заради тоа.

Било каков апарат да користите, фотографијата секогаш настанува неколку цм позади окуларот т.е. во мозокот на фотографот.

 

 

Comments

comments