Дејан Вучетиќ-Вуча, Бојан Дробач, Милорад Ристиќ и Лав Братуша заедно се Darkwood Dub. Белградски бенд кој веќе 27 години служи како основа и поддршка во развојот на младата белградска сцена.

Нивниот начин на создавање музика не можете конкретно да го класифицирате во некаков жанр, и тоа е најверојатно она што ги прави свои. Нивните текстови се хипнотизирачки, ненаметливи и поетски, кои зборуваат за уметноста, и кои на крајот на денот треба да ви пренесат една силна позитивност и енергичност.

Можеби ја немате таа среќа како мене, да имате сериозно добра приказна за моментот во кој една ваква љубов се роди, но во мојата врска со Darkwood Dub сè се сведува на Еxit Festival во 2011 година. Четирите дена додека бев на фестивалот, константно од сите страни ги слушав стиховите или рефрените од тогашниот нивен хит – „Нешто сасвим извесно”.

 

 

Случајност или не (зависи кој во каква теоријата на случајност сака да верува), јас имав прилика да ги запознаам членовите на Darkwood на последниот Велес Фест 2015 година, нивниот последен настап во Македонија. И да, ја злоупотребувам оваа прилика за јавно да потврдам дека сето она кое сте го доживувале додека сте ги слушале, во потполност извира од нивната скромност и приземност.

Генерално, моите соџвакани импресии беа дека „потрошив” квалитетно време со луѓе чија иновативност ја обожавате, непребирливи интелектуалци кои имаат таква харизма и отвореност што можете да поразговарате на теми од моторџискиот начин на живеење (кој дел од нив и го живеат), па сè до таканаречените сериозни теми од ликовната уметност.

Интересен факт што го дознав преку нашиот разговор беше дека тие обожаваат да користат винтиџ опрема — од егзотични руски педали од 70-тите до гитари од 50-тите произведени во лимитирани серии.

Сигурна сум дека ве убедив дека станува збор за бенд со душа, кој никако не смеете да го пропуштите.

Видимо се на 13ти.

 

Comments

comments