„I don’t know where I’m going from here,
but I promise it won’t be boring.“

Длабоко во себе сите знаевме дека Bowie е премногу добар за светот денес и не го заслужуваме.

Во понеделник (11/01/2016) наутро светот го загуби David Bowie. Икона на поп музиката и автентична фигура која за многу генерации на фанови ја претставуваше последната нишка која ги поврзува музичката генијалност од една страна со машинеријата на медиумската поп империја на друга. Невозможно е да се зборува за Bowie надвор од парадигмата на поп ѕвезда. Тој практично го измисли модерното значење на зборот и го дефинираше не само преку своето апсурдно харизматично сценско присуство и композиторски талент, туку и преку бесконечната парада на разнобојни карактери кои тој ги измислува и ги населува во своите песни, за потоа и самиот се трансформира во нив. Искажани преку неговата галерија на чудно-прекрасни антихерои на маргините на препознатливото дури и најсимплистичните лирски мотиви присутни во еден поп хит добиваат димензија на висока драма, вознемирувачки внатрешно-емоционален конфликт и застрашувачко искрен автиобиографски елемент.

 

_87599883_rexfeatures_1430272k

 

Уште од самите почетоци на својата кариера јасно е дека камерите го сакаат Bowie и тој е создаден за екраните. Неговите музички и актерски таленти беспрекорно конвергираат во новата уметничка форма која го освојува светот — музичкиот спот. „Ashes to Ashes” — секвелот на Space Oddity, се појавува во 1980 со видео запис (во тој момент најскап на сите времиња) кој сам по себе го лансира „New Romantic”, движењето во популарната култура. Наскоро следува и спотот за „Let’s Dance” (1983), каде Bowie во соработка со Nile Rodgers навлегува во диско, а подоцна и електропоп водите.

 

 

Сепак, за најголем дел од фановите и музичките критичари, најбитниот период од шестдецениската кариера на Bowie е „берлинскиот период“. Во неколкуте години поминати во западен Берлин, во соработка со култни музичари како Brian Eno, Iggy Pop и Robert Fripp го издава триптихот албуми Low (1977), Heroes (1977) и Lodger (1979) во кои не само што се сместени некои од најголемите парчиња музика во неговата кариера, туку самите песни се производ на иновативни методи на развој — често конструирани сосема концептуално под инспирација на разни книги, митови, филмови и филозофски идеи. Освен со овие методи, Bowie се користел и со нестандардни музички методи и иновации во полето на композицијата и продукцијата.

 

 

Дали тука некаде завршува David Bowie поетот, а започнува David Bowie поп ѕвездата? 80-те години за Bowie носат голем број на #1 хитови и чести соработки со врвни музичари низ целиот свет. Во оваа и наредната деценија Bowie се фокусира и на својата успешна актерска кариера, но и често наидува на критики за својата пасивност и дистанца од проблемите во Велика Британија за време на немирите и протестите во раните 1980-ти кои ескалираат со доаѓањето на власт на Margaret Thatcher и бруталното спроведување на низа непопуларни реформи. Тоа е период кога многу од британските музичари и автори од контра-културата застануваат во гласна опозиција на политиките на Thatcher (Morissey, Pink Floyd, The Clash, Elvis Costello, Robert Wyatt, Alan Moorе итн…) додека Bowie преселен во САД за тоа време го гради својот имиџ на интернационална ѕвезда.

 

AN41247257Mandatory-Credit-

 

Можеби години после крајот на неговата приказна, со некоја кармичка (не)правда ќе се сеќаваме на Bowie како на измислен карактер — вонземјанин, астронаут, лик од екраните, колекција гардероба и шминка, оригиналниот урнек за производство на поп ѕвезди — наместо како на луциден и човечен креативец и музички генијалец. Иако премногу оригинален и премногу чуден за самиот да биде сведен на еднодимензионален карактер, Bowie е појдовна точка за пластичната ера на популарната музика и одвлекувањето на вниманието на јавноста кон изгледот и сценскиот настап наместо кон музичката содржина — формула која однесена до својот логички максимум во овој милениум веќе e очигледен двигател на музичката индустрија.

„I’m an instant star. Just add water and stir.“

Често размислувам што би правел денес Andy Warhol доколку би бил жив. Во таа насока, често размислувам и што би правел Bowie денес ако повторно стане чуден и неразбран тинејџер во бунт против светот наместо аполитичен, дистанциран и незаинтересиран бог во пантеонот на модерната поп култура.

Bowie умре прерано, но не доволно за да ја избегне Lady Gaga. Комерцијализацијата на квир-културата, стрмоглавиот пад на музичкиот квалитет и културолошка содржина зад поп музиката и генерално — комодификацијата на различноста како доминанта тема на хипстер културата на 21от век се само дел од индикаторите дека сите креативни замисли и социјални проблесоци кои ги наоѓаме во неговата личност и уметност се свирепо убиени, деконструирани и субвертирани за на крај да бидат облечени како новото руво на поп индустријата.

 

 

На крајот на својата кариера, Bowie не беше повеќе од албатрос кој колку и да сака не може да биде ист како другите — оригинал меѓу сите реплики кој никогаш не би можел да го најде своето место во сцена населена со пародии и субверзии од него. Длабоко во себе сите знаевме дека Bowie е премногу добар за светот денес и не го заслужуваме. Останува прашањето дали светот денес е такво место бидејќи е игнориран од луѓето како Bowie кои својот поглед го имаат цврсто насочено према ѕвездите.

 

Comments

comments