Црните дупки и музиката: “How Music Works” од David Byrne
Книга: How Music WorksАвтор: David ByrneИздавачка куќа: McSweeney'sГодина на издавање: 2013Превод на македонски: Нема
4.8РЕмек Дело

Со својот енциклопедиски, чист пристап, David Byrne филтрира и одговара на сите прашања поврзани со музиката. Од првите направени аудио снимки, па сè до (не)заработувачката на артистите од продажбите на iTunes.

Кога Stephen Hawking пишува за црни дупки (без разлика колку и да потсеќа теоријата на извадок од Ц-класа, руски, научно-фантастичен филм) никој не става прст на чело, никој не помислува дека е невозможно или дека Stephen можеби само сака малку да се шегува. Тоа е Stephen Hawking, знае што збори. Кој си ти?

На сличен начин David Byrne зборува (за музика), а јас на сличен начин верувам во сè што кажува, без никаква резерва (пр. со леснотија би поверувала и кога би изјавил дека крофните се зеленчук). Само неколку луѓе во историјата го имаат дешифрирано животот, па кога ги набљудуваш од страна изгледа како живеачката да им е пад од еден облак на друг малце поголем (или замисли си скок од една мала, слатка трамболина на друга мала, слатка трамболина). Нив треба да им се верува, чисто од надеж дека еден ден ќе паѓаме и ние од облак на трамболина.

Поради сите овие причини (и трамболини), повеќе од генијално е кога еден од нив ќе издаде книга насловена How Music Works. Го читаш насловот и ти е страв дека David Byrne те избрал тебе да ти го пренесе одговорот за животот, универзумот и сè (или уште повеќе, за музиката).

David Byrne, познат како фронтмен на еден од најгенијалните бендови од њујоршката панк сцена во 70-тите – Talking Heads, зборува за создавањето на музиката, но не застанува таму. Тој покрива сè – од детален преглед на бизнис моделите кои се денес достапни за музичарите, зависноста на звукот од просторијата во која е создаден, па сè до сочни информации од неговиот живот како соло музичар и дел од Talking Heads. „How Music Works“ може да се третира како енциклопедија, не мора да ја прочитате во еден здив, може да ја чувате на полицата до телевизорот и од време на време да ја пребарувате по одредени прашања.

Пишува чисто и концизно, лесно за читање. Но, не оној тип на лесно што се добива кога авторот не знае како посложено да пишува, туку затоа што тоа е начинот на кој пишуваат оние кои го разбрале светот.

„Нешто во врска со музиката нè поттикнува да го истражуваме нејзиниот поголем контекст, подалеку од парчето пластика на кое дошла – се чини како да е дел од нашата генетска шминка која може многу лесно да нè понесе. Музиката резонира во многу делови од мозокот, па не можеме да ја перцепираме како излоирана работа која постои сама за себе“. – David Byrne, How Music Works

Во огромен дел од книгата David зборува за „зошто?“ и „како?“ во однос на создавањето на музиката, за нејзината контекстуалност како фактор, за различните влијанија на технолошкиот развој врз музичкиот свет или за создавањето на музиката на западниот свет и нејзиното развивање со преодот од бетонски катедрали во концертни сали. Без разлика за кој аспект од музиката пишува David, неговиот стил е разговорлив и пријателски (па, на моменти може да ве залаже дека седите во некое кафуле и ви дозволил да го прашувате за сè што може да помислите на темата, а тој пополека и трпеливо ви објаснува).

David е креаторот на едно од најинтересните и најинтелигентите парчиња музика од својата ера (и ерата на нашите татковци), а овој пат се докажува и како подеднакво добар писател. Би продолжила со редењето на безброј извадоци од книгата, но тоа оваа рецензија би ја претворило во нелегална копија на книгата.

 

Comments

comments