Оваа статија е превземена од Crapwerk (објавена 20.05.2018)

 

Deadpool е без дилема најдоброто нешто што последниве години му се случи на издишaниот суперхеројски жанр.

Едниве го прават истиот филм дваесет пати, другиве не знаат кај тераат, додека овој си воспостави сопствени правила и не се воздржува да ги превитка и постоечките. Факт е дека добар дел од тоа се должи на изворниот концепт на ликот, меѓутоа на крајот пак вредноста на таквиот продукт ќе зависи од тоа како е обликуван во рамките на медиумот. Само присети се на Logan. Во моментот кога студиото одлучи да престане со безбедните чекори, испорача филм што ќе биде запаметен како еден од најквалитетните во жанрот.

Уште со првиот беше јасно дека овој тип на забава не е за целото семејство. Вториот можеби пробува да се спрдачи со поимот „семеен филм“, ама и понатаму останува преполн со работи кои не би можел едноставно да ги оправдаш пред твоите мали деца и внуци. Deadpool 2 e ултра-насилен, вулгарен и без кочници кога ќе одлучи да го однесе хуморот во незгодна крајност. Некогаш шалите се исклучително интелигентни, ама често се и како тие на пијаниот чичко на слава што кажува мрсен виц и сите се кикотат за да нема непријатна тишина. Сепак, и таквите невкусни фори тука некако природно се вклопуваат.

Но, Deadpool не е комичар и покрај неговата голема, претежно погана уста. Главната дејност му е убивање луѓе и упорните обиди да се оствари како херој. Иако првото повеќе му оди, никогаш не се откажува од идејата да биде запамтен по добри дела. Ги прави, ама на сопствен начин и со својствени методи. Некогаш и му успева. Добро е уигран и со новите ликови, особено во делот каде што експлицитно го удира темелот на следната франшиза, па лесно ги наоѓа и фамилијарните вредности по кои толку очајно трага. Пред сè ова е семеен филм, нели?

 

 

Акцијата е секако присутна во енормни количини, нецензурирана и безмилосна. Филмот комплетно ја прегрнува R ознаката и во овој оддел. Deadpool не се воздржува креативно да ги испразни шаржерите и покрај четвртиот ѕид, да напукне и неколку коски. Сакам кога во овој тип на филмови постои културен баланс во структурата и адреналинот не се чува само за последната „спектакуларна“ пресметка меѓу добрите и лошите. Deadpool 2 супер го диктира темпото, па некогаш и се протегнува во други жанрови поради умерен пародичен ефект.

Рајан Рејнолдс не може да биде покомотен во ликот. Веројатно ова е тоа што се случува кога го работиш проектот од соништата. Очигледно се забавува со секој аспект од Deadpool, активно го носи ликот и надвор од филмот како дел од маркетиншката кампања, а не се стега да се позаебава и на своја сметка. Ова меѓудругото ме води и до заклучокот дека Deadpool 2 е подобро искуство од првиот. Иако вешто ја користи основата, па и го референцира во неколку наврати, има доволно нови детали за да функционира надвор од таа дебела сенка. Многу ретко продолженија ми се подобри од оргиналите воглавно зошто често пати биле направени од рециклирани материјали.

Не знам дали трет пат ќе се повтори магијата, веројатно одговорот на тоа прашање делумно ќе се добие во престојниот X-Force филм чии ликови дебитираа тука. Повеќе сум загреан за трет самостоен филм отколку да го гледам како дел од суперхеројски ансамбл, ама па Кејбл беше толку одличен во Deadpool 2 што можеби ќе го сркнам и ова кога ќе излезе.

 

Оцена
4.2Оцена
Reader Rating 1 Vote

Comments

comments