Драгане, возбудени сме. Нашето прво интервју со артист надвор од Македонија. Можеби немавме прилика лично да ги запознаеме, но како што би кажале они, „попут магије интернета и фејса”, успеавме да склопиме едно интервју.

DechkoTzar се Никола и Ненад Радојчиќ (Braća Burazeri), двајца млади дизајнери од соседна Србија. На голем дел од македонската уметничко-дизајнерска публика (најверојатно и на многу други) им се добро познати. Нивната популарност (зборам за кај нас) експлодираше со маиците на кои стоеше името на нивниот бренд.

Што претставува DechkoTzar?

DechkoТzar е сленг за некој кој е свој и уникатен во своето изразување, однесување и изглед. Всушност секој кој е задоволен сам со себе и ја разбира оваа планета на која живееме, а без разлика дали е убав, популарен, луд или паметен.

Како започна приказната за DechkoTzar?

Се започна во 2001 година, со серија на маици наменети за бендот Red Zmaja, чие лого беше наш дизајн. Нивниот прв хит се викаше DechkoТzar, и на нивните маици стоеше натписот на овој хит веднаш под логото дизајнирано од нас. Се крена голема прашина околу маиците, имаше многу позитивни реакции и брзо се распродадоа. Поради фактот дека во тоа време за да поседуваш некоја кул и шизичка ствар требаше да ја купиш од странство или од нет, дојдовме до идеја да развиеме нешто локално. Пазарот тогаш беше окупиран само од Rope и Četniks, брендови со кои делевме слични амбиции и идеи.

Имавме прилика да го погледнеме вашето видео, „Ко је DechkoTzar?“ (морам да ви признаам дека е поприлично познато во дизајнерските кругови во Скопје). Од каде се роди идејата за видеото?

Сите се прашуваа кој е DechkoTzar, решивме да ја раскажеме нашата приказна целосно – од почеток до крај. Во сето тоа од голема помош ни беа нашите пријатели и соработници, некои од нив беа пред, а други зад камерата. Видеото беше еден одличен маркетинг-потег, но ние на ова видео гледаме како една пресвртницата за нашиот бренд. Со видеото повлековме една линија, одлучивме се што до тогаш е направено да го оставиме зад себе, т.е. да ја подигнеме нашата работа на едно повисоко ниво.

 

Кажете ни нешто повеќе за вашите дизајни. Соработувате ли со други артисти?

Значи покрај брендот DechkoTzar, ние двајца сме сопственици на дизајнерско студио, но дизајнирањето за нашиот бренд ни е најголем предизвик. Значи во глобала ние сме дизајнерите на овој проект. Но, нас не ни е во интерес да дизајнираме само ние, туку сакаме да соработуваме и со други уметници и дизајнери. Конкурси нема, но секогаш сме расположени за било какви сугестии, предлози и идеи, а честопати се случува и ние самите да побараме луѓе кои ќе ни помогнат во нашата работа.

Најдобрата соработка до сега што сме ја имале беше онаа со Igor Crnatović и Tamarа Pešić, а секако најинтересно искуство ни беше со Kojo. Огромна чест е што имаме во нашата колекција и негов дизајн, т.е. маицата за Disciplinu Kitschme.

Кои од светските брендови (како на пример Supreme и HUF) вас највеќе ве импресионираат?

Брендови има премногу. Сме биле и на неколку саеми минатата зима и навистина е импресивно што се постои во таа мода за улична облека. Poler, HUF, Wrung, WESC, Herschel, Addict, Moscot, Djinns, Fjällräven, Nixon, Gsus Sindustries, Wemoto, се само дел од брендовите кои се носители на оваа мода. Но сепак да се вратиме на нашите омилени брендови, на кој квалитет и крој се имаме навикнато, и континуирано ги пратиме и носиме. Љубители сме на Nike, нивните експерименти со материјалите, моделите и боите на патиките, но и нивната колекција на облека. Секако тука е секогаш и Carhartt, класика, беспрекорен квалитет и крој. Uniqlo е добар за секојдневно носење, а G-Star (кога сме во прилика да го набавиме) е бренд со потполно различна филозофија и пристап кон моделите и деталите.

Гледајќи по вашите дизајни и принтови, инспирацијата во глобала ја црпите од вашиот град Белград. Кое е вашето мислење, дали би можеле да живеете на некое друго место?

Идејата за серијата дизајни „Za Beograd” се роди после повикот кој го добивме од Beoizloga за заедничка соработка. Задачата беше многу лесна, но предизвикот беше огромен. Да направите маици со мотиви од Белград кои би биле носени и од нас и од странците не беше лесен залак. Имаше многу вакви слични проекти, така што ние сме задоволни со крајниот резултат. Секако тие маици помогнаа во промоцијата на самиот бренд и негово масовизирање.

Околу прашањето за дали би живееле и твореле во друг град, тоа не се знае. Можеби ќе направевме многу поголем успех таму, но сепак не сме пробале за да знаеме. Во нашата земја, општо познат факт е дека владее сиромаштија, и луѓето секојдневно се борат за својата егзистенција, но сепак нема потреба од жалење. Нашата работа е производ на една идеја која има за цел да промени или барем да влијае на одредени општествени промени, така што свесни сме за сите проблеми, но сепак главата горе и одиме напред.

 

Дали делите иста идеја и пасија со некои други балкански брендови?

Веќе ги споменавме Rope и Paju, кои постојат долги години на пазарот. Исто така одличен е и Маurо од Ровињ, кој имаше соработки со Sheriff&Cherry очилата, како и тоа што го направи со Startas. Во Босна постојат Molimao и Revolt Clothing со кои соработувавме. Во Србија во последниве години се појавија повеќе брендови кои успешно егзистираат како на пр. Zerpo, Problem Clothing, Wacky Sheep, Lapot, а како најинтересни меѓу нив би ги одвоиле Over Clothing, Kadet и Pray Eyewear.

Кои се вашите планови за во иднина?

Работа, ред, нови производи и дисциплина. Во план е и отварање на DechkoTzar продавница во Белград. Обединети и сплотени можеме чуда да направиме.

Како можеме да ги набавиме вашите производи од Македонија?

Можете да ги нарачате преку нашиот официјален веб сајт (www.dechkotzar.com) или другиот начин е да не контактирате нас преку некој извозник од Македонија, преку кој би ги транспортирале нашите производи. А, ако се појави толку голема заинтересираност постои и можност за отварање на продавница и во Македонија.

 

Галерија

Фотографии: Мартин Пацов Саровски

Comments

comments