Утре Desonanz Festival во соработка со Audiobahn, Epicentar и Музеј На Град Скопје организира мултимедијална вечер со почеток од 20.00 часот. Настанот е со ограничена публика во живо, а останатите ќе може да го проследат преку Audiobahn стримот.

Во халата на етнолошката поставка на Музејот на Град Скопје, ирското дуо Lakker ќе има аудио-видео настап, последен пат виден на фестивалот Berlin Atonal 2015. Ваквите настапи на Lakker се ретки, а претставуваат комбинација на видео-текстури и концертна изведба со реална употреба на вокали, инструменти и хардвер во живо. Воедно, Dara Smith (Arad) од дуото во живо ќе го претстави својот нов соло албум „The Glimpse“. Вечерта ќе ја отвори колективот +ВС+. А по Музеј на Град Скопје, забавата ќе продолжи во клубот Епицентар.

Согласно безбедносните правила на музејот, ограничена е количината на карти на вкупно 75. Картите можат да се купат преку продажната мрежа на MKTickets, или да се резервираат со испраќање порака на Desonanz или Audiobahn профилите.

Инаку, ова е првиот настан од серијата мултимедијални концерти и инсталации, чија цел е креативно истражување на сите интересни, несекојдневни и визуелно импресивни локации кои нашиот град може да ги понуди, како и нивна визуелна и музичка (ре)интерпретација низ уметноста.

 

Comments

comments