Спонзорирано од Vip
Фотографии: Елена Фиданска

 

Кога Џокси со неговата веќе легендарна емисија, „Сакам да бидам”, излезе пред твоето одделение, можам да се кладам дека скоро сите сте дале генерички одговори од типот „полицаец“, „пожарникар“, „астронаут“ и „спортист“.

Но таму некаде, позади седум стола, седум маси и седум ученици, имаше деца чии одговори беа за нијанса поразлични од оние на останатите. Давам пола рака и потколеница дека Дина Дума била едно од тие деца.

Дина Дума е млада и перспективна режисерка, која од нејзина 18 годишна возраст поседува возачка дозвола, но затоа што мисли дека е ужасен возач, низ Скопје се движи строго со нејзиниот Fixie. Некогаш кога Дина работи на сценарио, таа почнува да се облекува како ликовите од филмот на кој работи, па така, во една прилика Дина завршила купувајќи „бабски” фустан. Таа не поднесува неправди, носи различни чорапи, не почитува авторитети кои се наметнуваат на сила, лесно менува расположение, а кога е во депресија гледа епизоди од Friends.

 

 

Твојот најнов проект „Сестра”, ќе биде и твојот прв долгометражен филм. Како се подготвуваше за овој предизвик? Дали имаш некакви стравови во врска со изведбата? Кои беа твоите ментори и поддржувачи во оваа мисија?

Во моментот сум во фаза каде го доразвивам сценариото. Подготовките сега за сега се сведени на финиширање на сценариото и на полирање на приказната, а понатаму нè чека уште долг пат до реализација.

А за стравови, се разбира дека имам. Мислам дека може да се спореди со стравот кој родителите го чувствуваат за нероденото дете, само што оваа прекрасна агонија на снимање долгометражен филм понекогаш може да трае и неколку години (од сценарио до реализација). Од друга страна, мислам дека секој автор се плаши од неуспех, особено кога станува збор за снимање на свој прв долгометражен игран филм. Но стравот е дел од процесот, тој те држи буден и те тера да дадеш сé од себе за да го направиш филмот најдобро што можеш.  

 

 

Како твојата инволвираност, како втор асистент на режија во „Џган”, ти помогна при режирањето на „Сестра”?

Во филмот „Џган“ бев втор асистент на режија, а воедно тоа ми беше прво искуство на асистирање на долгометражен игран филм. Многу ми е драго што тоа беше токму тој филм, затоа што Вардан е млад автор кој си ја отвори кариерата со одличен дебитантски филм. Ова искуство ми помогна да научам како функционира една филмска екипа на долгометражен игран филм, ми помогна да разберам што значи работа со деца кои не се актери и колку е важно секој сектор да функционира беспрекорно за еден филм да се успешно.

 

Филмовите „Враќање” и „Елена” разработуваат поприлично слични теми, т.е. врската на љубовта и несреќата. Која е тематиката/жанрот на најновиот проект „Сестра”?

Интересно сумирање, за волја на вистината и проектот „Сестра“ разработува една ваква слична тема. Веројатно тоа се темите што најмногу ме интересираат и каде најмногу се имам пронајдено.

„Сестра“ е жанровски класифициран како драма/трилер филм кој ја разработува темата за раскинување на пријателство помеѓу две тинејџерки, кои се другарки целиот живот. Во филмот, низ различни ситуации, ја гледаме нивната релација, а на самиот крај „прекинот“ на нивното пријателството претставува мачење за еден од ликовите. Понекогаш ни е најтешко да си го признаеме тоа што ни се случува пред нос.

 

 

Како се случи да ја добиеш наградата Post Pitch Award?

Заедно со продуцентка Марија Димитрова и коавтор Мартин Иванов, одлучивме дека е важно на овој проект да му дадеме шанса за живот и надвор од македонските кино сали. Па така одлучивме да се активираме и да аплицираме по маркети и работилници уште во онаа рана фаза, како дел од процесот на развивање. На тој начин проектот беше дел од Talents Sarajevo- Pack and Pitch Program, Manaki Script Corner и оваа година дел од Conecntig Cottbus каде и ја добивме оваа награда.

Со Марија бевме дел од организираниот пичинг на маркетот за нови филмови, заедно со уште девет проекти, каде го „пичиравме“ „Сестра“. На крај добивме награда во вредност од 25000 евра, која треба да ја искористиме за постпродукција на филмот, која ќе се работи во студио во Берлин (Тhe Post Republic).

 

Имаш добиено Гран При во Херцег Нови за филмот „Враќање”, ќе учествуваш на 14-то „Берлинале Таленти” и добитник си на наградата Post Pitch Awards. Сега со неколку признанија позади себе, на која награда си најгорда и зошто?

Сите награди ми се подеднакво драги, но морам да кажам дека интересно доживување беше она во Котбус, кога со Марија ја примивме наградата за проектот „Сестра“, бидејки беше презентација на проект кој допрва треба да се реализира. Некако многу ми значеше тоа признание и дополнително ме мотивираше да продолжам да го развивам и понатаму.

 

 

Филмската режија како професија е вообичаено наклонета кон машката популација. Кој е твојот став за оваа ситуација во филмскиот свет?

Мислам дека во последно време тој став на глобално ниво се менува, има сè повеќе жени режисерски кои прават супер филмови и „растураат“ по фестивалите. На Балкан и во Македонија доцниме со сé, па и со отвореноста/затвореноста кон современоста, каде припаѓа и ова прашање. Ставовите се поделени, некои немаат против и се поддржувачи на жените филмаџии, но за жал сè уште важи и она: „филмот е машка професија“, „ти глеј роди си едно дете и остани си во кујна“ и „што ќе ти е филм, ти си девојче“. Мислам дека има една млада генерација на жени режисерки која допрва доаѓа и се надевам дека овие „мачо“ ставови конечно ќе се искоренат, па ќе се зборува за тоа кој направил добар филм, а не дали позади него стои жена или маж.

 

Кој жанр на филмови ти е омилен?

Најмногу сакам драма, нешто што ќе ме допре и ќе мe остави без здив, ќе ме остави да мислам на филмот со денови.

 

 

Кој ти е омилен филм од 2016-та?

“It’s only the end of the world”,  Xavier Dolan

 

Кои ти се омилени светски режисери?

Thomas Vinterberg, затоа што ме треска од земја секој негов филм. Xavier Dolan, заради неговата младост, смелост и талент и Christopher Nolan, затоа што го направи „The Dark Knight” и  го изрежира најдобриот џокер.

 

 

Имам слушнато дека додека се снима, целата филмска екипа функционира и дише како едно семејство. Дали има вистина во оваа констатација и доколку да, како изгледа еден ден на снимање?

Да точно е, едноставно кога со некого поминуваш по 12 часа на ден не може, а да не ти стане близок. Работата на сет е навистина тешка, па некако мислам дека единствен начин да се преживее е заедно со луѓето од екипата и нивниот ентузијазам. Филмската екипа е еден систем кој функционира само во колектив, ако еден не си ја завршува работата како што треба, може да пропадне цел ден.

Еден ден на сет отприлика би изгледал вака: Рано наутро околу 5 часот те собира црно комбе, а додека тоа се случува комшиите те гледаат сомнително и те озборуваат „како не, со режија се занимавала…“.

Комбето те носи на локација, каде ќе се снима дента. Нема доцнење, мора сé да е на време и да функционира беспрекорно. Глумците во шминка и костим, сценографија и светло го местат сетот, режисерот и директорот на фотографија го спремаат кадарот, а по некое време првиот асистент почнува да крева паника дека нема да се стигне и почнуваат проби со актерите. Набргу потоа почнува снимањето кое трае 12 часа, а понекогаш и повеќе од тоа. Мазохизам, тоа е.

 

Comments

comments