Добиј карта за настапот на Dixon во Скопје. Повеќе инфо тука.

 

Живееме во свет каде 70% од населението се диск џокеи.

Ете отворете Facebook и 70% од вашите пријатели се диск џокеи. Нема кој не е. Имате втор братучед, не сте го виделе 7 години, ете му го името на „профи” дизајниран флаер, пушта музика у некој кафич, дечкото е веќе легенда. Со бившата раскинавте зошто јако те нагазуеше накај свадба-бебе аранжман, уште не си ја исплакал, а она се трансформирала во резидент диџеј на underground техно журки секој втор петок.

Не ни помислувај на симпатија или врска, ако не си подготвен/а да цупкаш во диџеј кабината покрај избраникот/избраничката на твоето напатено срце гладно за љубов и разбирање. Ете, љубов, разбирање… ок: внимание, пријатели, секс, слава и бесплатни пијачки, тоа е сонот на секој што се занимава со убедливо најпопуларната професија во последниве 30тина години во светот.

Сонот за било каков успех, но и достапноста на технологијата, навистина им овозможуваат на огромен број луѓе да се опробаат на ова мошне креативно и слободоумно поле. Сепак ретки се оние, чии духовни и естетски вредности се на ниво кое може да им обезбеди да бидат релевантни, или барем интересни.

Поголемиот број се задоволуваат со позата која им ја овозможува префиксот диџеј, бесплатното пиво и опцијата да не мораат да се претставуваат со баналната реалност на својот day job. Од аспект на хоби, можноста да се пушта малку музика, па дури и пред нешто публика, содржи неверојатна терапевтска моќ, речиси совршен ремеди за единката окована во пропагандата за индивидуалност.

Во циркусот од бескрајни фотографии, афтерпарти-илузии и неочекувани амбиции, ги има и такви кои со оваа професија се занимаваат ради музиката. Едноставно им се допаѓа некоја музика, некаков стил или атмосфера и се претвораат во мисија да го запознаат светот токму со таа нијанса духовно богатство.

Малкумина на број, тоа се оние луѓе (да, и диск џокеите се луѓе) кои ја прават разликата во клуб, на радио и насекаде каде што има потреба свежината да го избутка зачмаеното, предвидливото, медиокритетското. Луѓе кои го изоделе патот од осаменоста на детската соба, па буката на училишните родендени, преку сомнителните пријателски букинг комбинации и конечно сопствените целовечерни резидент сетови, до позицијата светски диџеј број 1.

 

 

Според годишната анкета на најрелевантниот и специјализиран Resident Advisor, господинот Steffen Berkhahn, подобро познат под името Dixon беше #1 DJ во светот во 2013, 2014, 2015 и 2016 година (за 2017 година не се знае – нема веќе анкети на Resident Advisor).

Роден на 21 декември 1975 година, па неговиот светски успех совршено влетува во неговите најзрели и секако најпродуктивни години. Но тој успех не е ни оддалеку случаен. Уште едно дете на Берлин кое сонува на голема сцена да го демонстрира потенцијалот на сопствениот стил, а тоа е епски и емоционален house одговор на берлинското techno.

Прекален долж целовечерните сетови од неговите резидент вечери во клубовите како Turbine, Tresor, E-Werk и WMF во 90тите, тој успева да изгради сериозна репутација како deep house диск џокеј. Во првата деценија на 20тиот век, е дел од реномираниот Sonar Kollektiv, а заедно со момците кои го сочинуваат хип дуото AME, го создаваат лејблот Innervisions, кој според многумина е една од највлијателните house сили во светот.

Диџеј сцената е одамна мулти-милионска индустрија и воопшто не се воздржува да продаде било што: од GMO диџеи-билдери на стероиди, преку фејкери кои „настапуваат” со однапред снимени сетови, па се до манекени кои продаваат клубски вечери со секси поглед. Насред вака цинични услови во оваа индустрија (а и уметност), силно охрабрувачки е да се види фигура како Dixon, кој трудољубиво, внимателно, упорно и доследно на својот стил, успева не само да стигне, туку и да се одржи на врвот.

Квалитетот и стрпливоста очигледно биле клучни во тоа искачување. Неговиот трејдмарк звук, колку и да е house, сепак е рефлекс на берлинското техно, всушност една емоционална, минималистички продуцирана, покротка негова страна. За силни карактеристики уште му ги припишуваат и можноста да раскаже приказна/исрати порака со својот сет, за што секако треба не само темелно музичко, туку и психолошко познавање на публиката. Додадете и солидни количини на фокус и стамина и добивате светски диџеј број 1.

Добрата вест е дека токму овој извонреден господин ќе можете да го проследите во Скопје, во популарниот клуб Станица 26. Скопјани просто обожуваат хип настани, па верувам дека ќе биде тоа вечер на огромна, но амбициозно дотерана гужва, која ќе знае да го поздрави оној, кој чесно одработел да се најде токму тука и со ваква репутација. Еден од Вас, почитувани читатели на Reborn, ќе биде награден со бесплатен билет и ќе може да ги провери наводите во овој текст, и зошто да не, ни пише за своите импресии.

Имајте добар скопски викенд.

 

Comments

comments