Од една страна чиста графичка уметност, од друга успешен маркетинг.

Квалитетните филмски постери не се само список на актери, наслов и кадар од филм. Ок, ги има и такви, но овде сакам да ви претставам дел од добрите примероци кои се дизајнерски ремек-дела. Функционираат одлично и доколку не знаете ништо за филмот. А во контекст на филмовите умеат да ве заведат, суптилно да наговестат која е суштината или да бидат ефективен тизер.

Не е лесно да се направи избор на филмски постери, затоа што постојат од кога постои и филмот, а ги создаваат врвни професионалци во една од најбогатите индустрии. Но се надевам дека оваа микро хронолошка селекција барем приближно ќе ви ја предочи креативната генијалност во оваа дизајнерска категорија.

 

 

„Metropolis“ (1927) од Heinz Schulz-Neudamm

Култен како и самиот филм, овој постер сруши рекорди кога во 2005 година беше продаден за повеќе од 600.000 долари. А кога ќе сфатиш дека е создаван пред скоро цел век, дури и може да разбереш зошто чини толку. Делува футурустички и авангардно, дури и од денешна перспектива. Денес се останати само четири копии од оригиналниот печат, од која една се наоѓа во Музејот на модерна уметност во Њујорк (МОМА).

Вториот постер е француската верзија дизајнирана од Boris Bilinsky, која дава малку поколоритна, оптимистична нота на дистопскиот филм.

///

 

 

 

„Шесть девушек ищут пристанища“ (1928) и „Последний полет“ (1929) од браќата Stenberg

Vladimir и Georgii Stenberg твореле во Советска Русија во периодот помеѓу 1923 и 1933 година. Овие два постера се само дел од нивното големо уметничко и дизајнерско творештво кое било револуционерно на времето, со употреба на храбри бои и типографија.

///

 

 

 

Дизајните на Saul Bass

Saul Bass е дизајнер кој во својата 40 годишна кариера има работено со повеќето врвни холивудски режисери. А такви се и неговите дизајни, врвни. Пренесуваме три од нив.

 

(1) „Love In The Afternoon“ (1957)

Со фонт карактеристичен за 50-те, овој минимален постер на Saul Bass скокотливо ја најавува романтичната комедија.

 

(2) „Vertigo“ (1958)

Сложен и истовремено мајсторски едноставен, постерот за психолошкиот трилер „Vertigo“ самиот предизвикува вртоглавица со визуелните елементи. Хипнотизирачката спирала и блоковите на портокалова, жолта и црвена боја ја пренесуваат суштината на филмот, кој е култен, исто како и дизајнов.

 

(3) „Anatomy of a murder“ (1959)

Повторно култен дизајн од Saul Bass. Едноставен, симболичен, упадлив, ова е еден од најрепродуцираните филмски постери. Начинот на кој визуелно го комуницира насловот на филмот е генијален.

///

 

 

 

„Storm over Asia“ (1961) од Hans Hillmann

Уметникот Hans Hillmann е еден од најзначајните германски модернистички дизјнери. Овој минималистички дизајн за рускиот нем филм од 1928 година е само дел од неговото богато портфолио кое содржи над 130 филмски постери.

///

 

 

 

„West Side Story“ (1961) од Joe Caroff

Joe Caroff е дизајнер на 007 логото, а во овој постер одлично комбинира симболизам на скали, фонт, јарка црвена боја и силуети.

 

 

„Jules and Jim“ (1962) од Christian Broutin

Францускиот уметник Christian Broutin илустрирал и детски книги, па тој вајб на разиграност се гледа и во неговите филмски постери. Конкретниот постер за „Jules and Jim“ е уметнички сериозен, а сепак полн со детска живост. Одличен спој со филмовите на режисерот Truffaut.

///

 

 

 

„My fair lady“ (1964) од Bob Peak

Постерите на Bob Peak претставуваат понова школа и се пореалистични и детални во споредба со симболичните, минималистички постери на Saul Bass. Покрај овој одличен постер, Peak ги има дизајнирано и постерите за „Apocalypse Now“, првите шест „Star Trek“ филмови и „Superman, Excalibur“.

///

 

 

 

„Cool Hand Luke“ (1967) од Bill Gold

Luke можеби има ладна рака, ама постеров е врел. Погледот на сета таа жолта и портокалова боја прави веднаш да ја почуствувате жештината на Флорида, исто како и Paul Newman. Инаку, авторот на постеров, Bill Gold создавал уште од 40-те години на минатиот век, дизајнирајќи постери за едни од најзначајните американски филмови како: „Yankee Doodle Dandy“, „Casablanca“, „A Streetcar Named Desire“, „Barry Lynden“, „Alien“ и многу други.

///

 

 

 

„The Discreet Charm Of The Bourgeoisie“ (1972) од Rene Ferracci

Францускиот уметник René Ferracci има дизајнирано повеќе постери за Luis Buñuel. Дадаистички и надреално убави, исто како и филмовите кои ги прикажуваат.

///

 

 

 

„Rosemary’s Baby“ (1986) од Stephen Frankfurt

Крупен кадар од профилот на Mia Farrow, бебешка количка и мал слоган за филмот – минимални елементи, а максимално постигнат ефектот на морничавост и тензија кој е носечки во филмот.

///

 

 

 

„Emanuelle” (1974) од Stephen Frankfurt

Уште еден одличен и сугестивен дизајн на Frankfurt, овој пат за култниот еротски филм „Emanuelle“.

///

 

 

 

„Silence of the Lambs“ (1991) од Dawn Baillie

Интересно е што черепот кој се гледа на молецот што стои врз устата на Jodie Foster е всушност оваа фотографија на Салвадор Дали. Составен од седум женски тела, референца е на седумте женски жртви во филмот. Но и без овој куриозитет, постерот е одличен.

///

 

 

 

„Little Miss Sunshine“ (2006) од BLT Communications

Постеров успева низ движење да раскаже приказна. Дури и со минималистичкиот стил, одлично го пренесува чувството за симпатично хаотичната фамилија, а убавата, топла нијанса на жолтата позадина само ја засилува импресијата.

///

 

 

 

„Moon“ (2009) од All City Media

Психоделија и чувство на изолација, како на постеров, така и во филмот. Со оглед на тоа дека во филмот главниот протагонист постојано е клониран, многу поедноставно ќе било да се наредат клонови, но дизајнерите избрале нетипичен и посуштински пристап. Воедно, во постеров елегантно се вметнати повеќе референци за други познати постери, како „2001: A Space Odysessy“ и „Vetigo” (со вртоглавата спирала).

///

 

 

 

„Kiss of the damned“ (2012) од Akiko Stehrenberger

Прекрасен постер од Stehrenberger, кој иако е наменет за хорор филм, сепак содржи некоја лирска убавина.

///

 

 

 

„Stoker” (2013) од John Keaveney за Empire Design

Овој сложен и рачно-нацртан постер навистина прави да подзастанете. Има толку многу вешто изведени детали што не е доволно само еднаш да го погледнете.

Инаку, Empire Design, студиото кое е продуцент на овој постер, се наметнува како доминантен визулен израз и „нова школа“ во дизајнот на филмски постери. Некои од нивните дела се постерите за „Skyfall“, „Les Misérables“, „Drive“ и „12 Years a Slave“.

///

 

 

 

The Lobster (2015) од Vasilis Marmatakis

Чисти линии, одлична типографија и визуелна загатка која буди љубопитност за филмот – ова се елементите кои го сочинуваат делото на грчкиот дизајнер, Vasilis Marmatakis. Со негативниот простор, со она што недостасува, зборува за тоа што го има во филмот.

 

Comments

comments