Трендовите во дизајнот постојат со причина и дизајнерите секогаш ќе се обидуваат да бидат во тек со тоа што е популарно.

Како едноставен пример, земете го знакот со 2 паралелни линии за функцијата ПАУЗА на аудио и видео уредите. Таа икона започнала како тренд долги години наназад и сеуште е актуелна. Доколку се обидеме таа функција да ја претставиме со друг симбол, како круг или осумаголник, нема да биде функционална и тоа би бил лош избор на дизајн. Ова ја демонстрира моќта на трендовите и потребата за нивно следење.

Во продолжение ќе се запознаеме со трендовите во дизајн на пакувања за 2019 година.

 

Одржливост

Одржливоста на животната средина е траен тренд, којшто својата експанзија ја продолжува и во 2019 година. Многу здруженија и компании ја шират свесноста за глобалната еколошка состојба, а со тоа и луѓето се сè посвесни и се обидуваат да придонесат преку својот избор во купувањето.

Како одговор на овој предизвик, секоја година гледаме сè поголем напредок во науката, во насока на материјалите кои што се користат за пакувања. Неодамна се појавија пластики изработени од алги, транспарентни обвивки од коноп, па дури и стиропор направен од печурки.

Ова не е само етички исправен феномен, туку сè повеќе истражувања укажуваат на тоа дека консументите се спремни да платат и повеќе за одржливо пакување, со што и тие на еден начин ќе придонесат и ќе ја поддржат еко-каузата.

Предизвикот за следната година ќе биде користење на еколошки и биоразградливи материјали или пакувања коишто не се само за една употреба.

Погледни неколку примери: Joco Cups, L’Oreal, IKEA и абмалажи од кокос.

 

 

 

 

„Обоен” минимализам

Минималистичкиот стил претставува инспирација за сè повеќе брендови во светот. Тој се стреми да ја долови суштината на производот чисто, јасно и прецизно. Во минималистичкиот стил сè што не е од суштинско значење е исфрлено од пакувањето.

Иако изреката „што помалку, тоа подобро” веќе прераснува во клише, таа е повистинита од кога било. Но, идеалната едноставност не е лесно да се имплементира, а уште помалку да се усоврши.

Минималистичките пакувања во 2019 ќе се карактеризираат со едноставен и јасен дизајн, којшто дозволува боите и типографијата да заземат централен фокус, што пак овозможува пакувањето да биде уште повлијателно и позабележително на полица.

Во прехранбената индустрија, проѕирни делови во пакувањето ќе бидат добредојдени. Во комбинација со јасно претставување на составот на производот, купувачот веднаш ќе знае точно што купува.

Погледни неколку примери: RXBAR, GAEA Snacks и JRINK Juicery.

 

 

 

 

Светли градиенти

Не изненадува фактот дека градиентите (преливите на бои) продолжуваат да ги фасцинираат дизајнерите и публиката. Тие им даваат можност на дизајнерите да креираат нешто свежо и ново преку мешање на бои, што резултира со уникатен и ревитализирачки ефект. Само погледнете ја природата која што инспирира со примери кои што никогаш нема да „излезат од мода”.

Градиентите додаваат длабочина и комплексност на пакувањето без да го одвлекуваат вниманието од производот. Колоритниот дизајн сам по себе го привлекува вниманието на купувачот и помага тој да биде полесно запомнет.

Со светли и возбудливи комбинации на бои, градиентите се искачуваат на едно повисоко ниво од претходно. Од употреба како едноставни позадини, тие прераснуваат во главен препознатлив елемент на дизајнот на пакувањето.

Очекувајте свежи, колоритни, па дури и неонски преливи на бои како дел од многу пакувања во 2019 година.

Погледни неколку примери: Tea Core, DOVE, Penhaligon’s и Colombiana.

 

 

 

 

Пастелни и неутрални бои

Во минатите години бевме сведоци на дизајни коишто во себе содржат јаки бои и „гласни” графички елементи. Но откако одреден тренд ќе ја доживее својата кулминација, природно еволуираат нови, спротивни трендови. Тоа што сега настапува на сцена се неутрални и пастелни бои и форми, што доаѓа како олеснување за заморените очи на потрошувачот.

Трендот се стреми кон тоа боите да бидат меки и разиграни, преку употреба на комплексни комбинации на „кајсија”, бледо розева, ниски тонови на окер, крем и бледи тонови од боја на чоколадо. Тие се најчесто комбинирани со ситни детали во поживи бои или се едноставно поставени на чиста бела позадина која што дозволува да дојдат до израз.

Овој тип на пакувања се обраќаат на „понежната” страна на потрошувачите и создаваат пријатен и смирувачки ефект. Тој одлично се вклопува кај брендови кои што бараат посуптилен и посмирен изглед.

Погледни неколку примери: Denada, Malmö Chokladfabrik, Naturaglace и The Bijou Factory.

 

 

 

 

Боја на годината

Крајот на оваа статија ќе го зачиниме со „Бојата на 2019 година” според традиционалниот избор на боја на годината на PANTONE. Се работи за таканаречената „жива корална боја” која енергизира и дава живот и динамичност на дизајнот.

 

 

Comments

comments