Тој што ја измислил изреката „Не суди ја книгата според корицата“ сигурно никогаш во животот не се занимавал со маркетинг.

Факт е дека доколку книгата има привлечна и симпатична корица, поголема е веројатноста дека баш таа ќе ја прелистаме. Но ако корицата не е впечатлива, колку и да е добро напишана книгата, може долго време да остане недопрена и да собира прашина на полица.

Истото важи за сите производи кои ги купуваме. Првиот контакт со производот е од клучно значење, па затоа многу производители се обидуваат тој прв контакт да го претворат во особено добро доживување.

Во оваа брза денешница и континуирана потрага по нови искуства, неизбежен начин да се привлече вниманието е со нови, интерактивни и интересни приказни. Нешто што вреди да се сетиш дека си го погледнал, дека си го искусил.

Во продолжение се неколку примери од дизајни на пакувања каде дизајнерот успеал да го подигне производот на едно повисоко ниво, успеал да му даде содржина и да го претстави во едно поинакво светло.

 

Сапуни на стапче

Дизајнирано од: Ahhaproject
Земја: Германија

Според мене, а веројатно и според повеќето дизајнери, најголем предизвик е кога дизајнерот директно ќе вмеша прсти во дизајнот на целосниот производ, а не само во пакувањето.

Како одличен пример за тоа ги посочувам овие „вкусни“ млечни сапуни за бебиња направени од органско козјо млеко во Нов Зеланд, кои се продаваат во форма на сладолед на стапче, во кутии на кои има вметнато дури и нутриционистичка табели.

Дизајн студиото Ahhaproject, со канцеларии во Минхен и Сеул, стои позади оваа прекрасна приказна за Stitch Bears, онлајн продавница за бебешки производи.

Покрај тоа што се оригинални и симпатични за родителите кои што треба да ги купат, овие сапуни може да послужат и како играчка за бебето за време на водените лудории.

 

 

 

 

Летечките светилки

Дизајнирано од: Angelina Pischikova
Земја: Белорусија

Светулките на кои се воодушевуваме во летните вечерни мигови во природа, се главна инспирација на Angelina Pischikova од Белорусија, која успешно доловила дел од магијата со својот дизајн на пакувања за светилки на CS Electrical.

Деталните илустрации го покажуваат секој инсект со раширени крилја, дозволувајќи и на светилката да го покаже своето „тело“. Секоја светилка има своја форма. Од долги и слаби, до витки и заоблени, светилките успешно го надополнуваат идентитетот на секој од инсектите, а со тоа и приказната во очите на купувачот.

 

 

 

 

Паста со стил

Дизајнирано од: Nikita Kolbovskiy
Земја: Русија

Кога производот што го купуваме можеме преку „прозорче“ да видиме како изгледа внатре во пакувањето, тогаш сме секако посигурни во тоа што го купуваме.

Оваа извонредна изведба на пакувања за тестенини се состои од серија на женски фризури, каде производот внатре е неизбежен дел од стилот.

Минималистички и чисто, Nikita Kolbovskiy на одличен начин му дозволува на производот да биде дел од дизајнот на пакувањето.

Иако сè уште во форма на концепт дизајн, дизајнерот од Москва со ова дело си заработи сребрен медал на Pentawards (2016).

 

 

 

 

Практичен чипс

Дизајнирано од: Петар Павлов
Земја: Македонија

Покрај визулениот аспект, практичноста на пакувањето може да му додаде значителна вредност на производот и да биде клучен фактор при нашиот избор.

Следниот пример е еден постар концепт дизајн на македонски дизајнер кој е дефинитивно вреден за споделување. Се работи за дизајнерот Петар Павлов, кој што во моментов живее и твори во Нови Сад.

Познатиот триаголен облик на чипсот Doritos е главна инспирација за пакувањето, а начинот на затворање со кој производот ќе се сочува свеж, откога ќе ни помине првиот напад на грицкање, е многу едноставен и оригинален.

 

 

 

Comments

comments