Една од најголемите легенди и дигери на диско и буги сцената во Италија, DJ Gino Grasso, на 24 ноември (сабота) ќе настапи во Винил.  

Почетоците на Gino Grasso се поврзуваат со еден од најкултните андерграунд клубови во Италија – Kinki Club. А Roxy, Brilliant Corners, The Jazz Club и Le Souk се само дел од клубовите во кои ја продолжува својата диџејска кариера, за во 2015 година да стане резидент диџеј во The Diagonal of Forte dei Marmi, како и редовен гостин на „Jazz Carnival Party” забавите во Лондон. Подолу во интервјуото можете да го проверите неговиот едит и преработка на траката „Need a Man”, дел од фанки андерграунд богатството, но пред тоа прочитајте што има да каже чичко Grasso. 

 

Gino, имаш огромна колекција на ретки плочи. Твоето име секогаш се спомнува во разговор со други диџеи чиј интерес е пронаоѓање на неоткриена диско, фанк и буги музика. Кога започна сето тоа?

Јас и брат ми започнавме со собирање на плочи многу одамна, отприлика кога имав 10 години. Никогаш не сум продал плоча од мојата колекција, но сум разменувал музика со многу познати диџеи. Тајната е во тоа да се ископа и пронајде вистинската музика пред да стане позната.

 

Веќе во 80-тите, стануваш значајна фигура на италијанската диско и буги сцена. Во тие рани години кога почнуваше да се занимаваш со пуштање музика, до кој степен ти и другите италијански диџеи бевте свесни за случувањата на оваа сцена во Америка? Дали бевте под влијание на The Loft, The Gallery, Paradise Garage, Larry Levan?

Да бидам искрен, јас прво бев колекционер, а потоа почнав да пуштам музика. Ги познавав италијанските диџеи од 80-тите, како LTJ X-Perience, Moz-Аrt и Daniele Baldelli кои имаа влијание на мене, но во тоа време мислам дека и тие не знаеја што се случувало во Америка. За таа сцена во Америка дознавме во 90-тите, кога американски диџеи почнаа да доаѓаат да пуштаат музика во Италија. За мене лично огромно влијание имаше Larry Levan.

 

 

Во 2016 година, заедно со твојот брат Frederico ја издавате компилацијата „We Know How To Boogie“ за BBE Records, која содржи исклучителни и многу барани траки. Дали планирате да нѐ почестите со уште една компилација во скоро време?

Да, потврдено е, ќе има нова компилација. Музиката е одбрана, а издавачката куќа BBE веќе работи на лиценцирање на материјалот.

 

Kinki Club и Hot Groovy Records, што за тебе претставуваат овие места?

Kinki во Италија е клубот на клубовите! Многу сум ѝ благодарен на Micaela, сопственикот на Kinki, која веруваше во мене и ми даде можност таму да ја започнам диџејската кариера. Додека пак Hot Groovy Records е продавница за плочи на мојот најдобар пријател Luca Trevisi, познат и како LTJ X-Perience. Од таму ги имаме ископано сите најретки плочи.

 

 

Comments

comments