Dominic Miller е гитаристот кој на 15 октомври ќе настапи со Sting во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Во својата долгогодишна кариера, гитаристот Dominic Miller е познат како стандарден член и соработник на многу големи музичари. Почнувајќи од Пол Сајмон, Тина Тарнер, Питер Габриел и Фил Колинс, па до бендови како Pretenders и World Party, но е секако најпознат како долгогодишен соработник на Sting, со кого работи и настапува повеќе од 30 години. Без разлика дали сте слушнале за него или не, несомнено сте слушнале барем некоја песна каде што се присутни неговите вештини на гитарата.

Покрај тоа што ќе го видиме на претстојниот концерт на Sting во Скопје, тој е актуелен со неговото 10. солистичко издание „Silent Light”, кое го издаде за реномираната германска куќа ЕСМ (домот на Кит Џерет, Јан Гарбарек, Пет Метини, Егберто Гизмонти и многу други). Тука се сместени 10 медитативни и евокативни композиции за акустична гитара кои го отсликуваат неговиот номадски дух и музиката од земјите во кои живеел. Милер е Американец роден во Аргентина, каде што бил изложен на локалната музика, а уште повеќе на бразилската, потоа живеел во САД, Англија и во Франција, и ова издание е кулминација на една многу успешна солистичка кариера.

Во текот на последните 30 години тој има редовен ангажман со Sting и е негов постојан сопатник на безброј светски турнеи, безброј сесии кои ги изнедрија најдобрите албуми на Sting (почнувајќи од Soul Cages, 1991). Toj е и ко-автор на некои од најпознатите песни на Sting, меѓу кои е „Shape of My Heart.”

Веднаш по снимањето на „Silent Light”, тој работи врз последното издание на Sting „57th & 9th“, па оттаму неколку од неговите соло-песни послужиле како основа и инспирација за новите песни на Sting. Интервјуто со Dominic Miller беше направено за време на неговата кратка светска турнеја во мај 2017, кога го промовираше новото издание „Silent Light”, што покрај долгогодишната соработка со Sting и начинот на којшто се испреплетуваат нивните кариери, беше и повод за разговорот.

 

Dominic Miller // Фотографија: Steven Haberland

 

Неодамна го издадовте изданието „Silent Light“, инструментално издание каде што сте само вие и ваша акустична гитара, и тоа ја следи траекторијата започната со изданието од пред многу години „First Touch”. Повеќето ваши изданија, освен „November“, ги сочинуваат акустични теми за соло акустична гитара. Што беше тоа што толку многу ве привлече кај овој формат со соло акустичната гитара?

Чувствувам дека акустичната гитара е мојот вистински музички глас или најдобриот начин за да се искажам. Јас ја сакам електричната гитара многу, но повеќе ја гледам како придружен инструмент, освен ако не сте Џеф Бек или Џон Меклафлин, а јас не сум ниту еден од нив. Но ете, со „November“ се обидов да навлезам во таа сцена со истата количина на енергија и интензитет. Звукот на акустичната гитара е тој со којшто секогаш сум се идентификувал и ми делувал поавтентично.

 

Зошто се одлучивте „Silent Light” да биде исклучиво соло издание без никаква придружба (освен суптилните перкусии кај некои од композициите)?

Тоа што многу ме привлекува а и влијаело врз мене е начинот на којшто класичните гитарски дела се целосно доволни сами на себе; мелодијата, акордите и ритамот се постигнуваат со еден инструмент и изведба. Тука многу се идентификувам со големиот гитарист Андреас Сеговија, кој на инструментот гледај како на еден мал оркестар. Би било многу полесно и полуксузно ако снимев мелодија врз сето тоа, но за овој проект сакав да си поставам предизвик. Кај соло изведбите во исто време има многу ограничување, но и многу слобода. На крајот, музиката испадна многу појасна преку овој начин. Кај некои дела сакав да се поигрувам со времето и затоа поканив перкусионист за да можам да се играм со темпата.

 

Какво е значењето зад името на изданието?

Насловот е земен директно од филмот со исто име (на режисерот Карлос Рејгадас) кој датира од 2008, а кој го гледав неодамна. Тоа што ми се допадна беа просторот, светлото и ограничената наратива. Освен тоа, јас живеам на југот од Франција каде што светлото и смиреноста делуваат многу инспиративно.

 

Кажете нешто повеќе за креативниот процес зад „Silent Light.”

Тоа што обожавам да го правам често е да возам велосипед и за време на овие возења размислувам за концепти. Филмот имаше некакво значење за мене и се прашував дали би можел да го повторам истото чувство и ритмички и хармонски. Мислам дека не би можел да компонирам сѐ додека немам концепт. Различните брзини и техники на дишење ми помагаат многу околу ова. Потоа ѝ се навраќам на својата гитара и се обидувам на сето тоа да му дадам смисла со различни степени на успех. Потоа се работи само за напорна работа и по едно музичко патешествие со секоја песна – скоро како да се решава некоја загатка. Идеите на кои работев се најдоа на албумов.

 

Каков вид на патешествие претставуваат овие песни за вас?

Ова наликува како на светска турнеја низ различни мои искуства, места и влијанија. Не мислам дека сѐ што свирам или ќе напишам е оригинално, но сум сигурен дека никој ја нема истата музичка колекција како мене. Се надевам дека тој идентитет се пројавува во текот на ова патешествие.

 

Што беше тоа што го направи германскиот издавач ЕСМ атрактивен за да се објави ова издание?

Верувам дека ECM е вистинската издавачка куќа за да објави издание кое јасно ја покажува мојата сегашна музичка траекторија. Јас отсекогаш сум се идентификувал и ми се допаѓала нивната звучна и дизајнерска естетика. Очигледно е и дека на ова гледам и како на огромна привилегија да сум дел од оваа куќа со сите нејзини еминентни уметници.

 

 

Како беше чувството да се соработува со Манфред Ајхер?

Неверојатно! Неговиот пристап како продуцент е многу ‘зен’ и тој има свој начин како да ги стави уметниците во одреден простор којшто им е потполно непознат. Можеби се работи за комбинација од скромност и самодоверба. Тоа е убавото место. Мислам дека тој може да го извади најдоброто од уметниците со кои соработува. Јас бев еден среќен уметник за време на тие три дена колку што работевме.

 

На брошурката од албумот спомнувате албуми од уметници како што се Пет Метини и Егберто Гизмонти, од многуте кои објавувале за ЕСМ како едни кои имале големо влијание врз вас. Што е тоа што направило овие уметници и нивната работа да имаат особено значење за вас?

Тоа е од очигледни причини. И двајцата се суптилни композитори и инструменталисти. Мислам дека главната причина е дека нивната музика навистина комуницира со мене. Таа не ме отуѓува. Би можел и да ја наречам многу великодушна музика.

 

Ова издание има и еден поинаков пристап кон познатата песна на Sting „Fields of Gold.” Зошто од целиот заеднички опус со Sting се одлучивте за оваа песна?

Пред сѐ, бидејќи ова е навистина убава песна. Но исто така сакав да испратам порака до Sting со која би им оддал признание и почест неверојатните последни три децении кои ги споделувавме заедно.

 

Во текот на целата ваша кариера вие честопати се јавувате или како сешн музичар или како соработник, односно сте биле член на бендови на многу реномирани артисти или сте биле дел од нивните концертни бендови. На кој начин овие искуства ја информирале вашата работа?

Секој со кого сум работел влијаел врз мене до одреден степен. Работејќи во поп и рок музиката научив многу за создавање на една песна. Ова е нешто што го носам со себе кај инструменталната музика што ја правам кога се обидувам да создадам слична структура со своја наратива. Добар пример за ова кај новиот албум е песната „Urban Waltz“, каде што има стих и рефрен. Песната „Water“ има посложен аранжман кој претпоставувам дека наликува на типот на аранжмани на кои работевме за албумот „Soul Cages“ на Sting. Но никогаш свесно не се обидувам да копирам или емулирам. Сето тоа е во мене поради сите овие искуства.

 

Вашето партнерство со Sting трае повеќе од 30 години и како резултат тоа изнедрило неверојатна музика. Што е тоа што прави хемијата меѓу вас да функционира така добро?

Мислам дека тајната на нашата долгогодишна соработка е во тоа што не сме блиски ниту емотивно, ниту како пријатели. Сето тоа го надоместуваме со нашата музичка поврзаност која скоро да е телепатска. На тоа ниво ние сме како семејство.

 

Кои се некои од моментите и песни на кои се најмногу горди за време на овој долг период со него?

Ги има многу и тешко ми е да изберам. Можеби „Shape of my Heart“, бидејќи таа е одличен пример за тоа како двајца луѓе можат да напишат песна заедно. Јас го смислив рифот а тој го препозна, за потоа да работиме заедно врз аранжманот додека тој ги пишуваше стиховите. Исто така, многу сум горд на албумот „Soul Cages“ бидејќи мислам дека тука создадовме магија.

 

Sting // Фотографија: Eric Ryan Anderson

 

Какво е вашето мислење за неговото последно издание „57th & 9th?

Ми се допаѓа сировата енергија која превладува на ова издание. Ние го напишавме и снимивме албумот веднаш откако го завршив „Silent Light“. Тука има две песни кои беа напишани врз основа на овие идеи. Едната е „En Passant“, која подоцна се преминува во „Down Down Down“, и „Water“, која се преименуваше во „If You Can’t Love Me“. Мене ми се допаѓаат контрастите што постојат помеѓу мојата солистичка кариера и кариерата што ја имам како дел од бендот на Sting и начинот на којшто се поклопуваат или судираат. Мојата кариера не може да функционира успешно без да е дел од кариерата на Sting.

 

Како гледате на своето прво соло издание „First Touch” од оваа временска дистанца? Ова издание постигна голем успех кога беше објавено пред 20 години.

На него гледам и со радост и со тага. Со радост, бидејќи ме потсетува на просторот во којшто живеев во тој период, односно куќата во која живеев со жена ми и четирите деца. Тагата е тука бидејќи тие времиња се зад мене. Но генерално имам убаво чувство кога ќе помислам на тоа издание бидејќи композициите се добри и јас сѐ уште ги изведувам на моите настапи.

 

Каква е вашата еволуција и како музичар и композитор од времето на ова издание?

Како музичар, мислам дека мојот звук се подобрува. Тој станува сѐ почист и појасен секоја година. Не верувам дека кој било од нас се подобрува како композитор. Стануваме само подобри аранжери. Мислам дека моите идеи за продукцијата, јасноста и едноставноста еволуираа, но сировата инспирација е сосема иста или доаѓа од истото место. Јас само станувам сѐ подобар во работењето на мојата работа.

 

Кои се луѓето кои придонеле да се изградите како музичар?

Листата е енормна и сѐ уште расте бидејќи сѐ уште се градам како музичар. На прво место тоа е мојата сестра која прва ме подучи кога бев многу млад. Отсекогаш сум се угледувал на неа. Карл Валингер од World Party (бендот во кој членував во 1986/87 беше многу влијателен како и Марк Холис од Talk Talk со кого работев во периодот 1994/95. Се разбира, тука е Sting, кој е моето најголемо влијание.

 

Кои се некои од најзначајните музички моменти што сте ги имале во животот и кои влијаеле врз вашето патешествие како уметник?

Времето поминато во Бразил како тинејџер. Тука можев да го апсорбирам нивното музичкото наследство, чувството и грувовите . Искуството што го имав со Фил Колинс беше многу длабоко и со него го открив својот потенцијал кај неговиот проект. Дружбата со Кени Киркленд и Вини Колајута имаа голем ефект врз мене. Вежбањето на Бах е патешествие од откритија на кои им нема крај. Сѐ што сакам во музиката може да се најде тука. Сонатите и партитите за соло виолина се музички библии. Таму има сѐ!

 

Comments

comments