Фотографии: Александра Костадиновска

 

Првпат ја запознав Дона пред 9 години, во веќе далечната 2009, кога сè уште (до некаде) беше кул да бидеш емо (///_-).

Во нашата мала заедница на тинејџери со премногу креон и густи шишки, Дона беше позната по одличните реплики на манга карактери и нејзините илустрации во манга стил. Пет години подоцна, талентот, напорната работа и единственоста што ја носи во себе, ја испраќаат Дона во Лос Анџелес, на престижниот факултет за визуелна уметност, креација на игри и анимација, „Gnomon“.

Трите години на Gnomon ја трансформираат младата уметница од талентиран аматер во вешт мултидисциплинарен уметник со огромен потенцијал. Нејзина специјалност се вајарството, 3Д и концепт уметноста. Со една самостојна изложба и неколку интересни проекти зад себе, Дона се вбројува меѓу највозбудливите млади уметници од Македонија.

Во светот на уметноста, Дона, буквално, за прв пат стапнува на свои 2 месеци кога отпечатоци од нејзините стапала го означуваат почетокот на можеби најамбициозното дело во македонската уметност – сликата „Планетариум“, на македонскиот уметник Киро Урдин, која ќе биде насликана на повеќе од 30 локации низ светот.

Оттогаш многу работи се имаат променето, Дона веќе гради сериозна кариера, а сите сочни информации за нејзиниот пат до Gnomon и планови за иднина, ги дознавме преку разговорот со неа во продолжение.

 

 

Неодамна ги заврши своите студии на Gnomon, факултетот за визуелни ефекти и анимација во Холивуд, Лос Анџелес. Какво беше искуството да се студира на еднa од водечките институции во индустријата?

Искрено, мислам дека не можев да направам подобар избор во однос на моето образование. Пред да се преселам во ЛА немав апсолутно никакво искуство со 3Д моделирање и вајање, ниту пак формално уметничко образование. Бидејќи голем дел од професорите на Gnomon се активно вклучени во индустријата или се девелопери во компании кои ги креираат најупотребуваните софтвери за 3Д работа, квалитетот на образованието е на навистина високо ниво.

Уште една од причините зошто Gnomon е одличен факултет е тоа што секој месец се организираат настани на кои учествуваат уметници од големи студија како Disney, Marvel, Blizzard, Naughty Dog кои детално навлегуваат во процесот на креација на нивните најнови франшизи, па студентите можат да добијат претстава во која насока да ги развиваат своите способности и како би се вклопиле во студиото во кое што би сакале да работат. Згора на сè, програмата е многу ригорозна. Морав да жртвувам многу аспекти од мојот социјален и приватен живот за да можам да ги завршам сите обврски, но искрено мислам дека искуството вредеше.

 

Скулптура „David Bowie Alien Shaman“

 

Дознавме дека пред дипломирањето имаше шанса да бидеш практикант во компанијата „TenSky“, основана од Charlie Wen, концепт артистот на Marvel познат по својата работа на филмови како „The Avengers“, „Guardians of the Galaxy“ и „Thor“. Раскажи ни нешто повеќе околу тие 3 месеци поминати на праксата.

Тоа што бев една од малкуте кои добија шанса да бидат практиканти во TenSky ми претставува особена чест. Пред да ја добијам праксата имав можност да го слушам Charlie како зборува на презентација за создавањето на „The Avengers: The Age of Ultron“ и мислев дека никогаш нема да работам толку одблизу со некој што е на врвот во својата професија.

Најчесто, кога си почетник 3Д карактер уметник, нема да добиеш прилика да работиш на многу возбудливи проекти, претпоставените бараат од тебе да моделираш предмети или амбалажи на производи. Затоа бев многу пријатно изненадена кога после само неколку недели имав за задача да работам на некои од главните ликови во проектот на кој што работевме, а за кој за жал, не можам да споделам повеќе информации во моментов.

 

 

Со праксата во TenSky доби можност да погледнеш зад кулисите на забавната индустрија. Дали можеш да се замислиш себеси како работиш во оваа индустрија или имаш поинакви амбиции за својата кариера?

Навистина можам да се замислам себеси како работам во ова поле во иднина, но сепак не сум една од оние личности кои што имаат точно зацртана работа од соништата. Сè уште се немам одлучено во која индустрија би сакала да работам, дали е тоа филмската, индустријата за игри, колекционерски фигури, па дури и медицинската индустрија.

Поголемо значење им давам на самите проекти и на луѓето со кои што би работела. Од друга страна, на приватно ниво, имам огромен интерес за модата и е нешто кое што апсолутно би сакала да го истражам. Сметам дека има голем потенцијал да се истражува пресекот меѓу модата и 3Д уметноста, особено кога станува збор за 3Д принтинг, како и креативни фотосесии.

 

Скулптура „Audrey Hepburn“

 

Минатата година со својата прва самостојна изложба „Ex Parte Hominis“, се претстави пред македонската публика. Преведено на македонски, името на изложбата би значело „Човечката страна“. Кажи ни нешто повеќе околу твојата замисла, делата кои се најдоа во селекцијата и кои аспекти на човековата страна ги обработуваше во нив?

Во селекцијата беа вклучени едни од моите најдраги дела. Станува збор за скулптури, 3Д модели и концепти кои што ги создавав низ последните 3 години. Најчесто карактерите беа инспирирани или директно поврзани со животинското царство, бидејќи токму животните ги сметам за еден од најдобрите примери за балансиран дизајн. Инсектите се едни од моите најчести извори на инспирација, служејќи како дизајнерски и емоционален контраст помеѓу човечкиот аспект на моите дела, за да ја потенцираат едноставноста, чувственоста и етосот на моите карактери – човековата страна.

 

 

Какво беше чувството да се претставиш со својот нов уметнички идентитет после 3 години отсуство од Македонија? Дополнително, кои беа најголемите предизвици со кои се соочи во организацијата?

Чувството беше многу ослободувачко. Цртав многу додека бев во средно училиште, но мислам дека недостатокот на структуирано знаење во полето на уметноста ме спречуваше да создавам дела за кои што би можела да имам вистинска дискусија. Претходно, кога некој ќе ме прашаше зошто сум направила одредени дизајнерски решенија, мојот одговор најчесто беше „Не знам, ми изгледаше кул“, што не само што не е начин на размислување кој поттикнува развој и свесно донесување на одлуки, туку и ја спречува публиката да се поврзе со твоите дела.

Кога станува збор за организацијата, најголемиот предизвик ми беше да направам 3 мали скулптури за изложбата во неверојатно краток рок. Навикната сум да работам на маслена глина што не можев да ја понесам со мене бидеќји на аеродром би ми ја конфискувалe под сомнение дека е експлозив. Наместо тоа, користев полимерна глина наречена Fimo, со која што е многу потешко да се работи, па доколку би можела да сменам нешто, би си дала себеси малку повеќе време за да ги усовршам скулптурите.

 

3D рендер „Cyborg Spider Lady“

 

Како личност што долго време ја следи твојата уметност, можам дa забележам дека еден од главните мотиви кои се повторуваат низ твоите дела е женственоста. Од биста на Audrey Hepburn до хипер реалистичен 3D рендер на прилично елегантна мумија и од скулптура на сирена до 3D карактер на жена-киборг воин, различни женски архетипови заземаат централно место во твоето творештво. Од каде доаѓа овој порив да ја изразиш женственоста преку твојата уметност?

Секоја личност има своја рамнотежа помеѓу машки и женски одлики и секоја личност има своја длабочина, што е нешто кое што секогаш пробувам да го изразам во мојата работа. Причината зошто толку тежнеам кон женственото e затоа што мислам дека има многу повеќе начини на кои можат да се прикажат жените, не само како убави или секси.

Секако дека сакам мојата работа да зрачи со убавина, но убавината во моите дела има за цел да ја прикаже комплексноста и да им даде живот на карактерите што ги креирам. Истиот овој принцип може да се примени и за мажественото, но бидејќи тоа е нешто кое што го немам искусено како дел од себе, ми претставува поголем предизвик да го прикажам успешно. Во иднината би сакала да се фокусирам на проширување на токму овој хоризонт.

 

Следи ја Дона на ArtStation и Instagram.

 

Comments

comments