Паметам уште од мали нозе мајка ми ми велеше „Сине ако имаш на ум некогаш нешто да печеш или да подгреваш во рерна, тавчето ако е од глина – немаш гајле”.

Поради оваа мисла и редовното следење на македонските народни приказни (каде што јадењето го сервираа во глинен прибор), глината во животот ми остана само како асоцијација за храна. Но едни две девојки со иницијали „М“ ме просветлија и ми ја претставија другата страна на глината. Накит од глина. Нема шанси. Можеби жените нема да бидат воодушевени и изненадени од материјалот колку што сум јас – маж кој прв пат во животот пишува за накит. Затоа ние решивме да ги распрашаме Моника и Михаела од Doppio M околу нивната пасија и хоби.

Зошто е името на италијански?

Уште од почетокот, кога меѓусебно си ги кажувавме идеите што ги имаме за тоа што и како ќе изработуваме, секогаш го остававме името на последно место. Секогаш бевме повозбудени за она што ќе го твориме, па не размислувавме многу околу тоа како ќе го именуваме. Сепак, кога дојде време да го „насловиме“, одлучивме името да биде интересно на изговор, певливо и милозвучно. Италијанскиот јазик е одличен избор за да ги исполни тие критериуми. Така дојде до „Doppio M“, или „Двојно М“ на македонски (што инаку доаѓа од почетната буква на нашите имиња).

Зошто баш глина како материјал за изработка на вашиот накит?

Спонтано се случи да се одлучиме за глината како главен материјал за нашите изработки, но таа веднаш се покажа како нашиот идеален избор. Може да се моделира во секоја форма што ќе ни падне на памет, а освен тоа, таа е добра подлога за цртање. Глината одлично ги обликува нашата инспирација и туѓите желби, ѝ дава форма на секоја идеја, претворајќи ја во нешто опипливо.

Која е иднината (во вашите глави) на „Doppio M“?

Често се радуваме на помислата дека од „Doppio M“ ќе стане нешто големо, дека во овие простори повеќе ќе се цени трудот на ракотворците и дека рачните изработки ќе бидат носени. Можеби еден ден ќе биде така. Дотогаш, ќе се радуваме на секој успех и на секоја насмевка од нашите купувачи, тоа ни влева бескрајна желба да продолжиме напред, да се надоградуваме и да сонуваме за повеќе.

Како ве прифати околината и потенцијалните купувачи?

Уште од првиот ден, луѓето со прекрасна енергија ја прифатија идејата за „Doppio M“. Најверојатно тоа се должи на енергијата што ние две ја шириме додека твориме и кога го врачуваме нашиот производ. И најситниот предмет го правиме со огромна љубов и внимание, нашата цел е да подариме радост и убаво расположение. На луѓето им е потребно тоа, па токму затоа го забележуваат.

Дали глината ја изработувате сами, или некој друг го прави тоа за вас, и какви бои употребувате?

Глината ја купуваме веќе изработена, тоа е бела глина што не се пече, туку природно се суши, а користиме акрилни, темперни бои, фломастери, пенкала итн. Одозгора премачкуваме со лак.

Од каде ја црпите инспирацијата?

Идеите секогаш ни доаѓаат природно, никогаш не ги форсираме. Го креираме она што и самите сакаме да го носиме или имаме. Двете се надополнуваме многу спонтано, па се инспирираме една со друга. Лесно е да се инспирираш и да инспирираш кога некому му даваш целосна слобода на мислата.

Што се изработувате од глина?

Изработуваме брошеви, ланчиња, обележувачи за книги, лампиони, итн. За честики и пликоа користиме мека хартија и картон.

Која ви е најчудната нарачка досега?

Не знаеме дали би можеле да наречеме некоја нарачка „чудна“, но доколку таа е различна од сите наши претходни, многу ѝ се радуваме, бидејќи нѐ предизвикува и едвај чекаме да видиме како ќе испадне на крајот. Различните идеи само ни потврдуваат колку луѓето можат да бидат креативни и свои, а ние сме секогаш тука да им го овозможиме тоа, за да можат да ја носат на себе креацијата што дотогаш им била само во глава.

Браво девојки. Накитот е одлично изработен, а за малку ќе заборавев да ги спомнам и честитките и пликоата кои многу добро се вклопуваат во нивната приказна. Па ако вие уште не сте убедени и не го делите нашето мислење треба да ги запознаете овие две М.

П.С. Мамо, ако видиш дома накит од глина те молам не го ставај во рерна 🙂

 

Галерија

Comments

comments