Фотографии: Елена Фиданска

 

Кога не можеш да се убедиш дека треба да одвоиш дел од животот за доза екстремност – се опкружуваш со оние кои веќе тоа го направиле. Можеби зашто мислиш дека ќе те доубедат, а можеби само зашто дружење со луѓе на диета прави да се чувствуваш послаб.

Викендов бевме на Водно со Иван (кој 100% го знаете од рекламата на Скопско Smooth) и Гоце. Ни се случија мал милион дешавки. Им се дупна гума (фрка уште од сам старт), кога пристигнавме Гоце спиеше во комбе (извини Гоце што те разбудивме), ни раскажаа за поголемиот дел од нивните досегашни згоди и незгоди (Гоце нема еден бубрег, а Иван има искршено повеќе делови од телото), за на крај да се спуштат од врвот до средно Водно, двојно побрзо од ние со жичара.

Сè на сè, добар ден со екипа на која адреналинот и е „појадок, ручек и вечера”, негативниот страв го оставаат дома и го познаваат спортот подобро од задниот дел од десната дланка.

 

img_2470

 

Здраво Иван! Во последните неколку години на Скопје му се случува едно ново „помодарство“, а тоа е спортот. Ние сме апсолутно за овој тренд, се трча на кеј, се пешачи на планина, се вози точак на Водно… и сите сме посреќни 🙂 Дали и downhill-от доби повеќе љубители? Генерално, има ли интерес и простор за downhill велосипедизам во Македонија?

Downhill е дисциплина во велосипедизмот која се практикува на стандардизирана патека на стрмен и груб, најчесто планински, но понекогаш и урбан терен во поново време. Со различни типови на скокови и препреки по својата должина. Оваа дисциплина е од натпреварувачки карактер, целта е возачот да стигне за најкраток временски интервал од точка А до точка Б, слично како дисциплината Downhill во скијање.

Во Македонија овој спорт е прилично млад и е застапен некаде од почетокот на 2000-та. Јас почнав да возам велосипед од 2006-та година на мои 17 години. Активно почнав да се натпреварувам после 2 години возење, во 2008ма, па се до 2012та, кога принудно морав да се повлечам поради малку посериозна повреда на коленото.

 

img_2374

 

Како изгледа еден просечен downhill тренинг? За тие што размислуваат да почнат, а и за љубопитните како мене, колку треба да си фит за да возиш и дали тренирате по фитнес центри?

Покрај тоа што downhill е прилично млад и нов спорт кај нас, бара специфична средина за практикување, за разлика од фудбал и кошарка кои се полесно достапни спортови за сите. Овде се потребни специјално подготвени патеки по меѓународни стандарди, потребна е жичара или друг начин на ефикасно пренесување на велосипедите и возачите од крајната до почетната точкa, па не можеме да очекуваме да биде ултра популарен.

Downhill изискува голема посветеност и упорност, така што и типот на тренинзите за овој спорт се напорни. Ако ги тргнеме на страна професионалците, за да постигнеш ниво на успешен активен аматер, треба да тренираш 4 до 5 пати во една седмица, разновидни физички и ментални вежби за издржливост, баланс, смиреност.

Ги охрабрувам сите оние кои сакаат да започнат со овој спорт, да не се мислат, туку да почнат да дејствуваат но исто така ги предупредувам дека секое потценување ќе ги чини многу скапо и болно. Секогаш постојат таквите, кои на потешкиот начин ја сфаќаат суштината на перчењето, а downhill е спорт во кој перчење не може да пројде.

 

img_2351-copy

 

Каков велосипед е потребен за downhill и каква дополнителна опрема користите? Дали може да се набави кај нас и дали треба да се издвои едно мало богатство?

Самите велосипеди кои се конкретно наменети за downhill се разликуваат од останатите, бидејќи се помасивни и имаат големи амортизери 200mm движење на предниот и задниот амортизер. Ова го издвоив како највпечатлива одлика кои ја имаат, инаку по многу останати параметри се разликуваат од другите типови на велосипеди.

Соодветен велосипед за downhill бара поголема сума на финансиски средства, како за негово купување, така и за негово одржување. Еден просечен велосипед чини 2000 евра во продавница. Кај нас веќе има места каде што може да се набави downhill велосипед од било која класа, од почетничка па се до најнапредна односно професионална, и тоа впрочем ја диктира и цената. „Работилница ооо” е место каде што може да се купи и професионално да се сервисира downhill велосипед.

 

На некои од планинарските патеки на Водно, може да се забележат рампи, пречки кои ви служат на вас, со точаците. Дали ги правевте сами, ви помага ли некој да ги направите патеките на Водно, колку ги има? На кои други места возите во Скопје и околината?

Како што спомeнав погоре, како мала и изолирана група користиме патеки кои се веќе постоечки, но многу малку фреквентни и на нив тренираме и градиме реквизити кои би ни помогнале полесно да совладаме некоја прописна патека на која треба да се натпреваруваме.

Единствената официјална патека за downhill се наоѓа на Пелистер, близу до изгорениот планинарски дом Копанки, до пред некоја година трениравме таму, меѓутоа сега е тешко да се организира тренинг на таа планина, од логистички причини најмногу, поради тоа што овој спорт бара жичара за пренос на велосипедите до највисоката односно почетната точка на патеката.

 

img_2331

 

#Несум… и зошто?

#Несум дел од масата, затоа сум своја личност, поседувам свој карактер и свои ставови и сум подготвен да бидам outcast се додека некој се обидува да ме обезличи и претопи и пушти низ центрифугата заедно со останатите.

 

Со овој спорт треба многу да се внимава. Сметаш ли дека е опасен, треба ли да си ултра храбар за да се пуштиш? Раскажи ни некоја страшна случка со добар крај.

Треба да си доволно храбар за да се посветиш и да почнеш да правиш нешто, а спуштањето со велосипед не е само работа на храброст, исто така е на разум и претходно големо искуство. Кога се занимаваш со овој спорт, не си изолиран и не си секогаш во комфорт зоната, па понекогаш се случува и да направиш грешка, меѓутоа оваа е една од моите пострашни.

Бев на Водно на тренинг заедно со другар ми Гоце, се возевме неколку пати и снимавме видео. На едно од спуштањата одеднаш изгубив контрола врз велосипедот и со голема брзина паднав директно на десното рамо. Со преголема болка, едвај успеав да се довлечкам до асфалтниот пат, каде што Гоце успеа да застане едно возило за да ме спуштат до Ургентен Центар. По пат надоле почнаа да ми се кочат прстите, и раката ми се згрчи во форма како на професорот од Scary Movie. Се преплашив, си помислив дека цел живот така ќе ми остане раката, страшно беше.

Веќе кога стигнав на Ургентниот центар во Државна болница, си се поздравив со веќе познатиот персонал. После две инекции во рамото, раката ми се опушти и ми се врати во нормала. Се испостави дека ударот бил директно на некои нерви од раката и дека имам скршеница на зглобот и уште неколку други пpoпатни повреди на местото. За среќа денес раката и рамото ми се функционални и сè уште сум способен да си го возам својот велосипед.

 

img_2425

 

Што е downhill-от без сите тие видеа што ги правите за ние обичните смртници да ги гледаме. Во пресрет на овогодинешниот фестивал на планински филм – ЕХО, кажи ни кое ти е омилено downhill видео? Ние многу му се израдувавме на ова видео од Енди Шустер во Скопје.

Downhill на страна од оние неколку минути фино скоцкан и обработен материјал, е како што споменав начин на живот, пријатно секојдневие, но и долги и макотрпни тренинзи, понекогаш и тешки, но мотивирачки рехабилитации полни со емоции и желба за враќање и надминување на претходните грешки и пропусти.

Мое омилено видео со велосипеди е, и ќе остане уште долго време видеото на “The Collective” SEASONS. Накратко, видео кое ги доловува сите перспективи на модерното возење велосипед.

 

img_2274

 

Дали во Македонија се одржуваат натпревари и кажи ни за твоето учество во нив и успесите?

Во Македонија, за жал во последниов период стагнираме на тој план, натпревари нема. Додека се одржуваа натпревари во Македонија, јас учествував на сите, мислам дека немам пропуштено ниту еден.

За да ја одржуваме својата форма и кондиција, се натпреваруваме најчесто во соседните држави, Бугарија, Грција, Србија, одиме и подалеку. Јас оваа година повторно паузирам не се натпреварувам поради повреда, но мнооогу ме радува тоа што се појавуваат нови деца, веќе има двајца „young guns” кои и на меѓународните натпревари на кои тие учествуваат се конкурентни и полека но сигурно се пробиваат на downhill сцената, и покрај многу скромните услови и искуство кои ние ги поседуваме кај нас.

 

 

Comments

comments