Артист: Fufanu (името не означува ништо, измислен збор)
Земја на потекло: Исланд

Звучат на: Како кога Disclosure би свиреле на погребот на Bela Lugosi измешано со фазата кога Joy Division беа само еден обичен бенд кој свири по гаражи во строга тајност.

 

За сите фанови на: Jesus and Mary Chain, A Place to Bury Strangers, Interpol, New Order, Artic Monkeys.

Зошто да ги слушаш Fufanu: Најпрво биле формирани како исландско ДЏ-ско дуо Captain Fufanu (Hrafnkell Flóki Kaktus Einarsson и Guðlaugur Halldór Einarsson — a.k.a., Kaktus and Gulli, без никаква роднинска поврзаност, во Исланд имињата се патроними) чија приказна траела до 2013-та година кога се преименуваат во само Fufanu и им се приклучува уште еден член, тапанарот Erling Bang. Од експериментално техно и електро звуци се префрлуваат во некој си психоделично-клаустрофобичен пост-панк со задржување на одредени дистописки електронски семплови. Позади себе имаат два албуми (“Few More Days To Go” 2015 и “Sports” 2017). Поприлично нов бенд кој ме освои прво затоа што имаат име што е невообичаено и лесно за памтење, второ ова е астрална проекција во Исланд со одредени свои посебни и уникатни карактеристики на нашиот PMG Kolektiv, трето исландската култура и алтернативната музичка сцена ужива целосен респект во моите сетила за вид и звук и четврто штом си фамилијарен пријател (Kaktus со Damon Albarn, да да тој од Gorillaz виртуозот) знаеш дека бендот е во добри раце.

 

 

Што викаат за себе: „Најголемата инспирација ја црпиме од околината која не опкружува, работите кои секојдневно ги забележуваме, од конекцијата на човекот со торбата за пазарење додека пазари во супермаркет па се до секојдневните природни појави како изгрејсонце/зајдисонце. Најинтересното е дека сите овие појави и настани никогаш не се идентични иако се појавуваат секој ден”.

„Никогаш не се трудиме да звучиме како некој или да бидеме дел од некој калап каде сите песни се исти и монотони. Баш поради тој факт Fufanu не се Artic Monkeys. Многу е лесно да ископираш нечив звук или да ги следиш само трендовите и актуелната музика, но ние сакавме да создадеме наш, уникатен звук т.е. да си го најдеме нашиот пат”.

Слушни ги:  “Liability”“Circus Life”, “Bad Rockets” и за почеток.

 

Comments

comments