„Дајте ми добра приказна, а реалноста ќе ја следи“ е слоганот на премиерното издание на фестивалот за краток филм Drim Short, кој се одржува од 8 до 10 декември во Струга.

Ако веќе успеавте да го погледнете Исцелител, бевте видени на Синедејс, Македокс и сите можни настани поврзани со филмската уметност, сега е совршениот момент филмските импресии од 2017 година да ги заокружите со посета на фестивалот за краток филм, Drim Short.

За ова фестивалско првенче, на Drim Short најавена е богата програма каде фокусот е на младите македонски автори и филмови од македонска продукција. За подетални информации околу програмата провери тука.

Исто така, во рамки на фестивалот ќе бидат отворени дискусии на теми кои се поврзани со сериозни социјални прашања како и на теми поврзани со филмот во Македонија.

Инаку од тимот на Drim Short изјавуваат: „Идејата првично произлезе и е во продукција на неколку млади филмски работници од Струга кои се надеваат на создавање на филмска традиција и продукција во градот. Преку овој проект тие се надеваат дека ќе допридонесат кон доразвивање на културниот живот и враќање на навиката за одење во кино во Струга.“

Drim Short е поддржан од Министерство за Култура на Република Македонија во рамките на проектот „НовКултурен Бран“, во соработка со фондацијата Фридрих-Еберт-Канцеларија Скопје.

 

Comments

comments