Од 26-30.07.2017 во Струга се случува јубилејно петто издание на ДримON Фестивал, оваа година со каузата „Градиме нови генерации

 

Летото ми е најомилено годишно време, пред се поради цунамито од фотографии на моите Facebook пријатели, како изгледаат топ на плажа, во комбинација со нивните несомнени прехрамбени, но и фотографски супер моќи.

Но совршено лето е незамисливо без фотографии од летните музички фестивали. Тие ми се најомилени од се, жив доказ за исправната културолошка ориентација на моите пријатели. Особено кога се работи за присуство на македонски фестивали.

Речиси цела европа (и вон ЕУ) успеа да инсталира барем по еден музички фестивал во секој град, а особено туристичките центри изобилуваат со понуда од таков тип.

Потполното отсуство на било каква државна (автоматски и културна) политика во нашава земја од осамостојувањето до денес, воопшто не им помогна на луѓето кои сакаат да организираат и посетуваат фестивали кај нас. Сепак, културните потреби и амбиции на добрите луѓе во Македонија се посилни од било каков примитивизам инсталиран од властите, па полека на мапата се кристализираат активни фестивалски точки кои генерираат позитивна промена.

DrimON/Дримон фестивалот е масло на неколку напредни стружани, кои сосем незадоволни од културниот правец по кој последниве децении вози нивниот град, едноставно решаваат да креираат подобра понуда.

Снаоѓајќи се на разни начини, а пред се со труд и личен пример, успеаа да создадат фестивал кој е уникатен по понудата и суштината во тој дел од нашата земја.

Спојувајќи ги магијата на летото на прекрасното струшко крајбрежје и одличниот музички (но и со поширок културен контекст) програм, во текот на 5 години изградија име, интегритет и фестивал кој ми се чини е неодминлив за било кој домашен артист, или посетител.

Изобилството од квалитетни музички имиња и содржини, го прави ДримON приоритет при планирањето на летната траекторија на движење на секој поинтелигентен млад Македонец. Одмор, вода, сонце и малку субстанцијална културна понуда. Има ли поубаво во лето?

Исто така, меѓу другото, за време на фестивалот ќе се спроведе и акција за реупотреба на отпадна гума и дрво. Целта на акцијата подржана од Мрдни со прст и Национален младински совет е создавање на импровизиран мебел и инфраструктура за селекција на отпад за поддршка на Зелената зона на ДримON фестивал.

Во пресрет на 5тото (мал јубилеј) издание на ДримON кое ќе се одржи од 26 до 30 јули, поразговаравме со Никола Матоски, еден од клучните ликови кои се погрижија да овој фестивал постои, се развива и биде дел од се похрабрата летна понуда во нашата земја.

 

 

Здраво Никола како си и која е твојата функција во рамките на ДримON фестивалот?

Здраво Реборн, одбројуваме ситно до фестивалот и заморот од секојдневните обврски е присутен, сепак се чувствувам одлично и мотивирано за она што не очекува во фестивалската недела. На Дримон работам како селектор и продуцент на музичката програма.

 

Колку години по ред се одржува фестивалот и збор два за развојот низ годините?

Првото издание на фестивалот се случи во 2013та како производ на колективот Wezdensky кој во тоа време беше единствен репрезент на независната сцена во Струга.

Првите две години програмата се реализираше исклучиво од локални донации, се случуваше учесниците сами да си ги плаќаат дури и патните трошкови и да ја подржат иницијативата за создавање на првиот мултимедијален фестивал во нашиот град.

 

Зошто се одлучивте за алтернативен музички/програмски избор и дали е тешко да се одржи една таква понуда во време кога некои сосем спротивни, да не речам примитивни вредности владеат кај нас?

Културолошката стерилизација што веќе подолго време е присутна во Македонија не ја изоставува ни Струга, авторски состави повеќе не постојат, просториите во кои порано вежбале бендови кои ги поставиле темелите на панкот и dark wave културата во Македонија како Телонаука Совршена, Филтер, Афективен Набој и сл. денес се користат за спремање свадби и cover тезга свирки, тоа е доволен показател дека сериозно сме го утнале патот и полека но сигурно се претвораме во зомби општество без интегритет, а уште помалку идентитет желно само за еспресо и дневна политика.

Во контекст на оваа ситуација ние како ДримON се осетивме повикани да ја одбраниме честа на градот без разлика што на моменти наидуваме на отпор решени сме таа алтернативна нишка да остане носечки столб на фестивалот. Мило ми е што од година во година публиката станува се пошарена односно луѓето почнуваат позитивно да ги примаат тие алтернативни вредности што не им се доволно познати.

 

Несомнено е дека со развојот на ДримON, растат и амбициите на организаторите. Кое е твоето согледување за блиската иднина на фестивалот, во кој правец/на кое ниво ќе се развива?

Се радувам што фестивалот, а и ние како организатори созреваме со секое наредно издание, ги корегираме пропустите што предходно сме ги направиле и полека но сигурно стануваме сериозен играч на фестивалската мапа во Македонија. Во блиска иднина или можеби малку подалечна го гледам ДримON како интернационален фестивал на кој би гостувале театарски трупи од цела Европа, градот би се претворил во голема отворена галерија исполнета со просторни инсталации и би имале можност да следиме незаборавни концертни вечери со артисти од мојата wish листа што се надевам дека некогаш ке имам прилика да ја реализирам.

 

Дали имаш некоја порака за потенцијалните посетители на овогодинешниот ДримON?

Дојдете на јубилејното 5то издание на ДримON да се освежите, ве очекуваат возбудливи содржини, позитивна енергија и многу љубов.

 

Comments

comments