За достоинствени и полни живот простори за креација, експресија и уметничко уживање. За кварт на култура во Струга. За култура сега!

Ова е повикот за шестото издание на фестивалот „ДримОН“, кое ќе се одржи од 25 до 29 јули во Струга. Доколку решите да го посетите, ве очекуваат 5 дена исполнети со книжевни промоции, дискусии, музички концерти, театарски претстави, дискусии и изложби. Организаторите велат дека програмата е создавана заедно со клучните гласови од независната културна сцена, a цел им е да постават нови, современи стандарди во културните политики.

Фестивалските денови ќе започнуваат во 12 часот, со содржини наменети за најмладите, а ќе завршуваат по полноќ со музички настани. Секој од 5-те дена има засебна тема, па така среда е ден за „Учествуваме, застапуваме, менуваме“, четврток за откривање на „Тампонирани добра“, петок за творештвото на Димитрие Дурацовски, сабота за „Иднината е сега“, а недела за „Касни култура“.

Во петок (27 јули) музички концерт ќе има Горан Трајковски, а во сабота следи забава со техно артистот Shifted.

 

 

Што се однесува до ликовниот дел, ќе бидат изложени дела на авторите: Антонио Мазневски, Никола Радуловиќ, Миле Ничевски и Антонио Пирковски. Литературниот дел ќе биде застапен со повеќе книжевни промоции: Собрано творештво на Димитрие Дурацовски, романот на годината „Одбројување“ на Фросина Пармаковска, „Ехо на слободата“ на Ана Јовковска и други.

ДримОН завршува на 29 јули (недела) со проекција на филмот „Исцелител“ и Арт кујната со Печур и Давид.

Фестивалот е во организација на здружение Иницијатива за независен културен активизам ИНКА Струга, во копродукција со НУЦК „Браќа Миладиновци“, а поддржан од Министерство за култура на Република Македонија и од фондацијата Отворено општество Македонија.

Деталната програма на фестивалот можете да ја најдете тука.

 

Comments

comments