Дуке за својата музика вели дека нема временски печат и дека извира од длабочините на срцето и душата.

Тимот на Reborn пак, импресиите од слушањето на истата оваа музика, би ги опишале како еден симпатичен немир, би ги споредиле со чувството на носталгија кон нешто непознато, со Водно наутро, појадок во кревет во недела и со добивањето на подарок кој си го посакувал а не си го очекувал.

Одамна го планиравме и го зборувавме ова интервју, а уште подолго го очекувавме и соодветниот повод за интервјуто. Конечно како и тој посакуваниот подарок – го добивме тоа. Во Њујорк не бевме (за малку, ама многу пари патот!), но Дуке и сите покрај него заслужни за концерот, изгледа тајно ги слушнале нашите маки и сега соодветно одговараат на тоа.

Така, на 20.02.2016, тимот на Reborn (опремени со сите апарати и камери со кои ќе успееме да се натовариме) ќе апсорбира пријатни вибрации и прекрасна енергија.

Како загревање за доживувањето кое ќе го споделиме заедно на 20ти, Дуке во оваа прилика со нас сподели неколку реда убави зборови.

 

 

Освен вашиот татко, Тодор Бојаџиев, дали постои друга личност која беше ваша инспирација?

Енио Мориконе, Вангелис, Стинг, Пет Метини се неколку од моите херои од детството.

Што се случи по завршувањето на медицинскиот факултет? Како се сврте приказната да завршиш на Беркли? Медицината каде е сега во твојот живот?

Додека студирав медицина паралелно се развивав како композитор и продуцент, на крајот на моитe студии една година работев само музика. Во тој период аплицирав на Беркли, ме примија, се спакував и си заминав. Мојата музика сега ја сметам за еден вид на алтернативна медицина.

 

Duke foto

Како создаваш музика за еден филм? Дали тоа се случува така што ти испраќаат сцени од филмот, па од таму ја наоѓаш инспирацијата или едноставно ти ја креираш музиката и подоцна бираш во која сцена ќе се вметне? Или пак можеби целиот процес оди паралелно, гледање-компонирање?

Сè што кажа е опција, секогаш е различно, но најчесто почнува со читање на сценариото и гледање на филмот. Потоа ја преточувам инспирацијата во музика, па на крај музиката ја адаптирам за сцени како што најмногу одговара. Тоа е најкратко објаснување, иако се работи за долг процес кој поминува низ многу фази.

Како се создаде „Love is the way”, нашата омилена?

Тоа е една многу интересна приказна. Бев на посета кај драг пријател во Мајами кој ме запозна со поезијата на Руми од која бев навистина воодушевен. Кога си заминав имав заборавено нешто кај него, и кога се вратив во Њујорк го замолив да ми го испрати по пошта. Заедно со пакетот тој ми го испрати и текстот на „Love is the way” од Руми како едно резиме за сите наши дискусии за мистериите на животот. Поезијата толку ме обзеде што во истиот момент седнав на пијано и ја напишав музиката. Во еден здив.

 

 

Соработуваш со многу македонски артисти (Каролина, Македонска филхармонија, Мартина Блажеска…). Кои соработки ти се омилени? Има ли некој патерн кој го следиш при избор на следен автор за соработка? Можеш ли на македонската публика да и направиш една дистинкција помеѓу македонските и странските проекти?

Немам дистинкција, бидејки паралелно ги работам, истата музика ја презентирам и кај нас и низ светот. Соработките се обично спонтани, никогаш не биле со голем план, туку првин со добро чуство кое потоа со фокус и работа се реализирало.

На 20.02.16 македонската публика ќе има можност да го слушне и види твојот проект насловен како „Дуке и пријателите”. Како дојде до овој проект?

Како природна еволуција на досегашните проекти. Тука се спојуваат многу мои долгогодишни соработници, организацијата е во раце на Авалон Продукција, веќе многу докажана продукциска куќа во целиот регион. Посебно се радувам на гостувањето на мојот драг и многу почитуван колега и пријател, Влатко Стефановски.

Дали успеа да ги пребродиш сите твои предизвици и проблеми на почетокот на кариерата во Америка?

Не беше лесно, но беше многу интересно. Од релативно мирен и спокоен живот се најдов на животен тобоган кој не знаев точно каде оди но му верував дека ме носи на вистинскиот пат. Во Бостон се адаптирав на новата мулти култура со пријатели од целиот свет, а кога дојдов во Њујорк почнав активно да ја развивам кариерата.

Која е музиката која Дуке Бојаџиев ја слуша на крајот на денот?

После цел ден работење музика во студио, на крајот на денот тишината ми е најдобра музика.

 

 

Comments

comments