Фотографии: AD Photography

 

Ги паметам по нивните настапи во Клуб Кастро (RIP Castro и клуб Кастро), ги паметам по нивните заеднички настапи со бендови од калибарот на Madball, Sick of it All, Biohazard, Ignite и многу други, ги паметам по една од првите мои шутки и stage dives т.е. ги следам и почитувам сите овие години.

Дваесет години се многу сами по себе, а не па да си бенд кој потекнува и твори од и во Македонија. Секоја чест момци!

Да не биде дека зборам во празно, најдобриот начин да им оддадеме чест на овие великани и основоположници на македонската метал-кор сцена е да се појавиме овој петок (02.12.2016) во 20.00 часот, во денсинг салата на МКЦ, каде за првпат ќе одржат самостоен концерт во оваа сала и да си поминеме како што треба. Значи со шутки, со wall of death, со circle pit, со stage dive, со бенгање со сите марифети. Металци, хардкорци, металкорци и сите други почитувачи на SMUT идеме јако овој петок!!!

 

 

Што ги тера Smut да творат после 4 албуми, 20 години, многу турнеи и концерти?

Smut творат за идеите кои сакаат да излезат од нив, а најмногу за луѓето кои ги чекаат и поддржуваат сите овие години. Сакаат да слушнат што имаме да кажеме. Се надевам нема никогаш да ги разочараме!

 

Од самите почетоци на Smut па се до денес, вашиот звук се има променето. Од типичен панкерски хардкор до помелдоичен metalcore кој што може да го чуеме во Мемоарите на Скрешниот Човек. Kолку ви значи експериментирањето со звукот на вас како бенд?

Ако го свириме истото цело време зашто би снимале нов албум? Зошто да бидеме заробени во тој круг каде ништо не се менува освен квалитетот на продукцијата?
Сепак ова е предизвик за нас. Никогаш не сме сакале да бидеме класифицирани по стил и жанр. Пееме hardcore текстови, нашата музика е под многу разно-разни влијанија и многу ми е јако што не може никој да излезе и да каже – вие звучите како тој бенд. Нашата музика е под влијанија од класичниот metalcore па се до звуците на death metal-от и сето тоа измешано со хип хоп ритмови. Како шлаг на тортата се испреплетуваат мелодиите од Iron Maiden и Judas Priest. Едноставно невозможно е да го класифицирам нашиот звук во некоја одредена рамка!

 

 

Низ годините, многу луѓе беа дел од Smut. Голем дел од тие луѓе се активни во други бендови денес, а некои воопшто не се активни. Колкaва улога играа тие луѓе во оваа дваесет годишна приказна наречена Smut?

Тие луѓе, без разлика што не се дел од Smut, биле дел од приказната и некои од нив оставиле сериозна трага врз сите нас. Секој човек што ги посетил нашите свирки има улога во овие 20 години, а да не зборам за луѓето кои директно биле инволвирани во бендот. Благодарност до сите од се срце!

 

Вашиот последен албум излезе за Diehard Records, куќа од која сте дел? Како се роди идејата за Diehard Booking and Records?

Идејата за Diehard Booking беше на Баге, Диме и Климо. Јас бев кумот. Главната поента беше со заеднички сили да се почне нешто што ќе трае и ќе биде квалитетно. Мислам дека успеавме во реализација на нашата идеја. Додека пак, плановите и идеите за Diehard Records беа мои. Од секогаш сум зборел дека треба да имаме издавачка куќа и многу ми е драго дека најдов истомисленици. Локалните бендови ја подржаа идејата и заедно направивме неколку изданија. Се надевам приказната ќе продолжи.

 

 

По повод прославата на дваесет години Smut, решивте да ги викнете младите Cortex како и Point Blank. Зошто токму овие два бенда?

Затоа што се многу добри! Cortex се класичен death metal бенд кој ја создава својата музика во духот на нивното време. Добив многу прашања од типот „зошто баш нив?“ Дојдете, чујте ги, видете ги и заклучете сами.
Point Blank се наши долгогодишни пријатели и се бенд со кој сме имале најмал број на зеднички настапи. До сега сме имале само еден заеднички настап, на една добротворна свирка, а се знаеме со години. Поради меѓусебниот огромен респект решивме да ја исправиме таа космичка неправда и да спукаме еден јак концерт.

Со дваесет годишно искуство на сцената, што би рекле дека е променето од 1996та до денес? Што е тргнато на добро, што на лошо?

Буквално се е променето! Луѓето располагаат со многу повеќе непотребни информации, а ги занемаруваат вистинските информации. Се замараат каква слика ќе стават на интернет. Се замараат како ќе го сликаат јадењето, а не каков вкус ќе има истото. Кога би направил паралела со минатото постојат многу ликови кои „постојат“ само во виртуелниот свет, а не сме ги виделе на ниту еден музички настан во живо. Постојат многу ликови кои се расфрлаат на интернет со фрази „во наше време“, а добро се сеќавам дека ни тогаш ги немало. Кога поубаво и подлабоко ќе размислам се е како што треба да биде. Тоа е правецот каде сите одиме. Тотално збунети наликуваме како некој антикапиталист кој се бори против капитализмот објавувајќи статуси на facebook! Си го наместивме креветот, а сега време е да си легнеме!

 

 

Што може да очекуваме во петок? Покрај нели, стандардните hardcore журка stage dive-ови, шутки, пеколна атмосфера? Дали спремате некое изненадување?

Може да очекувате многу добро озвучување! Буквално решивме да видиме кои се лимитите на МКЦ! МНОГУ stage div-ови, песни што не сме ги свиреле многу долго време, песни што ќе ги чуете за последен пат. А изненадувањето не би било изненадување доколку го дознаете уште сега. Само ќе кажам дека за нас е голема чест!

 

Кои 3 настапи би ги издвоиле како омилени и зошто?

Секој настап во последните 7 години бил пеколен. Без разлика пред колку луѓе било тоа, секогаш имало човек кој не слуша за прв пат. Како што кажав и претходно, сакаме да ги испратиме луѓето дома со насмевки на лицето и задоволни, макар овој да ни е последен наш концерт. Секогаш даваме 100%, дури и во најлошите услови.

 

 

Што е следно за Smut, по прославата овој петок?

Песните за новиот албум по 4 години чекање спремни се за снимање. Тоа е се што можам да откријам сега за сега. Материјалот е доста мрачен и е огледало на ова мрачно доба на транзиција во кое сме заглавени од кога знам за себе. Во земјата каде никогаш не е место и време, кога се и на секого му е тешко и мачно, ние славиме 20 години и спремаме нов албум! Дали треба да зборувам повеќе?

 

Што би препорачале за сите млади бендови, како да стигнаат до 20 години свирење и постоење?

Тоа што јас би им го кажал со сигурност нема да ги оддржи 20 години. Мојата порака е дека треба да сакаат да стигнат до тој стадиум. Да не се затвараат во гаража и да постојат за своите 10 другари, грешка која многу бендови ја имаат направено. Да прават своја музика, а не да вежбаат само за да свират туѓи песни во некој локален клуб. Да не се срамат и да се промовираат себе си исто како што не се срамат секој ден да прават селфи. Да се почитуваат себе си и околината. Повеќе да слушаат музика отколку да скролаат по социјалните мрежи!

 

 

Comments

comments