Школата за уметност и дизајн „Џолев и уметностите”, веќе осма пролет по ред, објави 11 едукативни програми од областа на дизајнот и уметноста.

Промоцијата на програмите е закажана за 21 март, во 19 часот во „Јавна соба“, каде што преку отворен ден сите заинтересирани ќе имаат можност да се запознаат и дружат со менторите од „Џолев и уметностите”, како и да се информираат за програмите на школата.

По повод претстојниот отворен ден, разговаравме со дел од менторскиот тим.

 

 

Современа уметност

Никола Узуновски е мултидисциплинарен македонски современ уметник, кој по своите студии во Скопје, Неaпoл, Комо, Венеција и Хелесинки, предава уметност и дизајн на универзитети во Италија, Норвешка, Финска, Шведска и Тајланд.

Во „Џолев и уметностите”, Узуновски е ментор на програмата „Предавањата по современа уметност”.

 

 

Reborn: Која е целта на програмата Современа уметност?

Никола Узуновски: Во Македонија постои проблем, бидејќи ниту во основните училишта, па и во повисокото образование не се објаснува општата дефиниција за визуелна уметност, особено не се спомнува ништо за современата уметност. Потребно е да ја знаеме дефиницијата и да знаеме да ја читаме современата уметност, во спротивно губиме многу, исто како никогаш да не сме прочитале современа поезија или слушнале современа музика.

Целта на програмата е да научиме: Што е тоа уметност, како таа се менувала низ историјата и каква е таа денес?; Како уметноста варира во различни контексти?; Системите на кои таа се создава и како се конзумира; Најзначаjните уметници, критичари и институции денес.

 

 

Филмско сценарио

Никола Кузелов, е активен и постојан автор (сценарист и актер) кој припаѓа на алтернативната уметничка сцена, а меѓу другото го познаваме по долгометражниот игран филм „Јавачи на коњи”.

Кузелов е ментор на програмата „Курс за пишување филмско сценарио”.

 

 

Reborn: Што ќе се изучува на курсот по Филмско сценарио?

Никола Кузелов: Сите оние што навечер не можат да заспијат и им бучи некаква идеја за приказна во главата, оваа програма е вистинска можност. Со учесниците најмногу ќе се посветиме на класичната структура на филмско сценарио (која е и најзастапена во пракса), филмска драматургија и обработка на ликови. Ќе работиме практично, учесниците цело време ќе пишуваат и низ искуство и анализи ќе можат да го стекнат знаењето. На крајот, ќе имаме финален продукт, односно збирка сценарија за кратки филмови од сите учесници, но и реализација на кратки филмски етиди по нивно сценарио во соработка со програмата „Обука за филмски актер”.

 

 

Nude-фотографија

Владимир Тасевски е портрет и nude-фотограф кој во моментов развива проект, т.е. серија портрети со работен наслов „50 милиметри”, а во „Џолев и уметностите” е ментор на програма „Работилница за nude-фотографија”.

 

 

Reborn: Што можеме да очекуваме од работилницата по nude-фотографија?

Владимир Тасевски: Работа со искусни ментори, организиран сет со женски nude-модел, професионална шминка, комплетно осветлување итн. Доживување на убавината на телото во композиција на светло, сенки, форми, чувства… Преку оваа работилница сакам да ја нагласам разликата помеѓу актот и еротската фотографија. Перцепцијата на публиката се темели на личните искуства. Едни го доживуваат како уметност, други како сензационализам, а трети како вулгарност. Доколку едукацијата ја дефинираме како просветлување, нам дефинитивно ни фали светлина во начинот на гледање и прифаќање на човековото тело.

 

 

Покрај споменатите три програми на Узуновски, Кузелов и Тасевски, на отоворениот ден ќе бидат претставени и останатите редовни програми од областа на фотографија, сликарство, филм, графички и моден дизајн, психологија…

За повеќе информации, посетете го: www.djolevandthearts.com

 

Comments

comments