Вчера му беше роденден на Edgar Allan Poe, во далечната 1809 година во САД. Она што секој го памети за него е неговата најпозната песна „Гарванот“. Иако, искрено, сé уште не знам зошто насловот не е „Гавранот“, можеби заради подобро доловување на инверзивниот и тврдоглавиот тон на пеењето на птицата, крајно инаетливиот тон на црниот гавран?!

Токму денес, во општествено-политички контекст, тој тон, убаво би прилегал некако на еден народ, кој треба да стои цврсто, да си истера инает, по свое, или да достои на својот збор, не знам, ама некако рефренот Nevermore или НИКОГАШ ПОВЕЌЕ ми оди накај тоа да не дозволи некој друг да управува со неговата судбина?!

А можеби е само ехо на страдалниот љубовник кој решил НИКОГАШ ПОВЕЌЕ да не ѝ пише во инбокс на љубената на Facebook. Којзнае?! Тука некако памет ми мати Katy Perry. Ај подолу видете зошто!

 

   …. „Пророку“, му реков право, „птица ли си или ѓавол!

Сеедно е кој те пратил! Сотона ли друг ли створ!

Полн со очај, смел и злобен, дојден ваму в крајов кобен,

в дом кај цари ужас гробен, дај ми искрен одговор:

Речи, дали Гилеада има цер за тој што страда?“

Тој сал гракна ”Nevermore!“

„Пророку“, му реков право, „птица ли си или ѓавол!

Те колнам во тој што в светот владее над секој створ!

Речи и на мојва душа, која јадови ја гушат,

дали повтор ќе ја гушка Ленора со вљубен взор?

Дали пак во далек Еден ќе прегрне свиден створ?“

Грак се слушна ”Nevermore!“

…………………………………………………………………………..

Не оставај пердув траги, спомени од твојте лаги,

остави ме в мисли драги, престани со твојот збор!

Од срцево извади го клунот свој, тој слун на нор!

Грак се слушна: ”Nevermore!“

А Гарванот ни да претне, ниту пак за миг да летне

од бистата на Палада, туку како кобник створ

над портата бдее, молчи, со поспани демон – очи,

и врз подот сенка дрочи, без да гракне ниту збор;

И врз таа сенка – тема, душава, знам, веќе нема

да се крене. ”Nevermore!“….

референца – „Избор песни“ од Edgar Allan Poe

 

Мои размислувања

Ич немам намера да ви зборувам за Edgar Allan Poe. Умрел млад, на 40 години, се пропил заради смртта на неговата сакана, живеел во крајна депресија и мрак. Толку! Она што мене ме воодушевува е неговата поетска постапка: Крајно убедливо и инвентивно техничко решение – заклучува дека треба да има збор кој свечено и издолжено се изговара и треба да ги содржи „О“ и „Р“. Така доаѓа до зборот ”Nevermore“. Веројатно, затоа останува непреведен во македонската верзија на песната.

Гласовите имаат значење сами по себе за кои и не сме свесни. Имаат фреквенции кои ги носат во себе и автоматски носат значење, колоритни претстави, скриени значења за кои лингвистиката, па дури и Јакобсон и Прашката структуралистичка школа (1928-1939 година, години подоцна ќе се согласи дека „сепак има нешто во гласовите“. Фонолошката анализа и ред антрополошки истражувања, од повеќе раси и народи, ќе докажат дека скоро за 97% од испитаниците, согласката „М“ и отворените вокали „А“, „У“ носат зборови со мајчински и топли гласови, додека „Т“, „К“ и „Е“ се во зборови кои носат маскуларно значење.

Науката отишла многу подалеку па дошла до тоа дека вокалите имаат и боја:

И = бело, сребрено

А = жолто, златно

Е= кафеаво, портокалово

О = зелено, сино

У = црвено, виолетово

Согласно теоријата на Edgar Allan Poe, за музичката и семантичката функција на гласовите, зарем не ви изгледа и премногу моќна и силна песната на Katy Perry со наслов „ROAR“? Употребата на конкретни вокали и консонанти во музичката индустрија и не е така чудно и непознато како техника. Далеку од тоа дали Katy Perry го читала Edgar Allan Poe или не, но тој дефинитивно „ги прочитал“ успешните начини на креирање топ синглови кои остануваат в уво и се моќни и певливи.

Уште еден пример за ова е и Brian Eno, музичар, продуцент, композитор, иноватор во музичката индустрија, кој постојано бараше нови „звуци“, бараше вокали и зборови според звучност, а не по значење, па во 90-тите користеше посебни вокали и генеративен начин на спојување на посебни музички траки со цел да добие нов звук. Тој има работено со David Bowie на „Berlin Trilogy“, James, Laurie Anderson, Coldplay, Paul Simon, Grace Jones, James Blake и Slowdive.

Зборовите немаат значење сами по себе, но гласовите имаат боја, звук, моќност кои споени во збор носат огромна маса на товар според оној кој го чита зборот. Можеби затоа од цела песна на Edgar Allan Poe, го паметам само NEVERMORE, или пак затоа во ситуации кога ми треба енергија си ја пуштам „ROAR“ од Katy Perry.

 

 

 

 

Comments

comments